Контраспин: Стоилковски наместо со докази се служи со спинови

Ситуацијата со пожарот кој ги зафати бараките на ЈП „Улици и патишта“, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски го искористи за да ја изманипулира јавноста, спинувајќи дека тој бил намерно подметнат за да се заштити некаков криминал. Иако причините и за овој и за другите пожари, кои тој ги спомнува, се јасни и расветлени

Ситуацијата со пожарот кој ги зафати бараките на ЈП „Улици и патишта“, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски го искористи за да ја изманипулира јавноста, спинувајќи дека тој бил намерно подметнат за да се заштити некаков криминал. Иако причините и за овој и за другите пожари, кои тој ги спомнува, се јасни и расветлени

 

 

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, коментирајќи го пожарот кој ги зафати бараките на ЈП „Улици и патишта“ изрази сомневање дека пожарот бил намерно подметнат со цел уништување на некакви документи.

СПИН: Пожарот во бараките на ЈП Улици и Патишта кој ја опустоши документацијата и целокупната архива за работењето на ова претпријатие е четврт пожар по ред во државна институција. Уште е нејасно што сè изгорело, кога и како настанал пожарот и која е причината за тоа. Дали станува збор за намерно подметнување на пожар со цел да изгорат одредени материјали и доколку е така за каков криминал да се заштити, изјави Стоилковски.

Тој потсети и на пожарите кои ги зафатија објектите Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Инспекторатот за животна средина и Министерството за правда.

Во сите 4 институции запалени, меѓу другото, се и документи од институциите. СДСМ мора да одговори дали ваквите пожари не се дел од смислено сценарио за уништување на документација за можен криминал во работењето на овие институции? Дали и за ова ќе биде виновен некој продолжен кабел, праша портпаролот.

 [Извор: Курир  Датум: 22.12.2021]

 

КОНТРАСПИН:

Ситуацијата со пожарот кој ги зафати бараките на ЈП „Улици и патишта“, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски го искористи за да ја изманипулира јавноста, спинувајќи дека тој бил намерно подметнат за да се заштити некаков криминал. Притоа, Стоилковски потенцираше дека „уште е нејасно што сè изгорело, кога и како настанал пожарот и која е причината за тоа“. Причините за пожарот се познати и тие беа обелоденети истиот ден. Како што информираа од самото претпријатие, пожарот настанал од опожарено возило кое било паркирано во близина на бараките на „Улици и патишта“.

Ноќеска околу 1 часот од опожарено возило паркирано во непосредна близина на објектот се запали објектот на ЈП „Улици и патишта“ на ул. Коле Неделковски бр.38. Опожарени се сите простории во административниот објект на ЈП „Улици и патишта“. Единиците на противпожарната бригада и единиците на МВР сè уште го обезбедуваат објектот, кој е со површина од 380 квадратни метри. Оперативните тековни обврски редовно се извршуваат соогласно програмата и планот за работа, додека најнеопходните административни работи се извршуваат во отежнати услови. Во моментов превземаме мерки да обезбедиме просторно решение за нормално функционирање на претпријатието, соопштија од ЈП УИП.

Огнот ја уништил документацијата на претпријатието, архивата и финансиските извештаи. Пожарот се раширил од возило, кое е во сопственост на еден од жителите од соседната зграда, јави Сител.

Опозициската ВРМО-ДПМНЕ пожарот го искористи за да пласира спин кој повеќе личи на теорија на заговор. Имено, Стоилковски овој пожар го поврза со пожарот во зградата на СЕП, каде се сместени Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и Македонската информативна агенција МИА нагласувајќи дека власта намерно нешто пали за да прикрие некаков криминал.

Пожарот во ДИЖС избувна во раните утрински часови. Како што соопшти првиот човек на противпожарната бригада, Владимир Симоновски, првичната причина за овој пожар била неисправна електрична инсталација. Значи, пожарникарите не утврдиле намерно потпалување, па оттука и не може да се тврди дека некој намерно предизвикал пожар, а уште помалку за да сокрие нешто. При огнената стихија во оваа институција изгоре целата архивска документација.

Што се однесува до пожарот во Министерството за правда, пак, од Јавнотот обвинителство потврдија дека тој не бил намерно подметнат.

Во поглед на настанатиот пожар во Министерството за правда на 10.04.2018 година, од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје беа доставени две писмени известувања со обезбедена целосна документација, која се однесува на настанатиот пожар. Воедно, постапено е и по писмените наредби и барања на обвинителот во насока на обезбедување на сите потребни докази. Од анализа на сите направени проверки во текот на предистражната постапка произлезе дека од кривично-правен аспект не постои основано сомневање дека пожарот настанал како резултат на кривично дело, одговорија од Обвинителството за Фокус.

Оттука, несериозно е да се тврди дека некој намерно подметнувал пожари со цел да прикрие „криминали“, како што потенцираше Стоилковски, особено затоа што докази за такво нешто нема.

Пожари во институции имаше и во времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, но тогаш немаше обвинувања за прикривање криминали. За потсетување, во 2013 година, голем пожар изби во главната зграда на „Македонски пошти“, во време на директорувањето на Рафиз Алити од ДУИ. Арменд Фазлиу, внук на директорот Алити и шеф на неговиот кабинет и на Секторот за јавни набавки, беше прогласен за виновен за катастрофалниот пожар што ја уништи зградата на поштата во центарот на Скопје и беше осуден на двегодишна затворска казна. Тој беше обвинет за тешки дела против општата сигурност, а во текот на процесот вештаците потврдија дека пожарот избувнал откако тој фрлил запалена цигара во корпата за отпадоци во неговата канцеларија. Пламенот ја зафатил неговата канцеларија, каде што тој наводно чувал, од само нему познати причини, 25 литри моторно масло, кое било катализатор на огнот.

Пожар имаше и во 2011 година во објектот на тогаш новиот театар покрај Кеј. Но и тогаш немаше обвинување за намерно потпалување.

Изјавата на Стоилковски е класичен спин, особено ако се има предвид и дека во денешно време, во ерата на дигитализацијата и компјутерите, копии од сите документи има зачувано електронски. Очигледно е дека Стоилковски со ваквите сомнежи и обвинувања без никакви факти и докази, сака да придобие политички поени.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција