Контраспин: Тврдењето дека мнозинството од СДСМ е за предвремени избори е спин
Освен една изјава на Мицкоски од 29 декември 2022, дека „имал сигнали од пратеници на СДСМ и на ДУИ“ за формирање мнозинство од 61 пратеник за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори, нема од ниту едно друго место некаква поткрепа или аргумент кој би зборувал во насока дека мнозинството во СДСМ, членови, министри и дел од пратеници заговараат избори бидејќи не гледаат излез од ќорсокакот…“ Од тука ваквото тврдење на партијата може да се оцени како спин
Освен една изјава на Мицкоски од 29 декември 2022 година, дека „имал сигнали од пратеници на СДСМ и на ДУИ“ за формирање мнозинство од 61 пратеник за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори, нема од ниту едно друго место некаква поткрепа или аргумент кој би зборувал во насока дека „мнозинството во СДСМ, членови, министри и дел од пратеници заговараат избори бидејќи не гледаат излез од ќорсокакот…“ Оттука ваквото тврдење на партијата може да се оцени како спин
Пишува: Теофил Блажевски
Во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое се тврди дека мнозинството од партијата на власт сака предвремени избори, може да се детектира спин:
Спин: Две кариери, онаа на Димитар Ковачевски и таа на Миле Зечевиќ ја држат Македонија во заложништво. Тие знаат дека предвремени избори ќе значат крај на нивните криминални кариери, и почеток на промените за посигурна иднина на Македонија.
Дури и мнозинството во СДС, членови, министри и дел од пратениците заговараат избори бидејќи не гледаат излез од ќорсокакот во кој раководството на СДС, Ковачевски и Зечевиќ, ја втурнаа државата. Додека сите очекуваат избори, Ковачевски не сака избори, за да продолжат тендерите и бизнисите на фирмите на неговиот кум, бизнисите на неговото најтесно семејство.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/соопштение/веб; Датум: 04.01.2023]
Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ на 04.01.2023 година искомуницира со јавноста преку соопштение во кое се тврди дека освен претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски и генералниот секретар на таа партија Миле Зечевиќ, мнозинството од СДСМ, членови, министри и дел од пратениците биле за избори – тврдење кое е извртување на вистината т.е. спин.
Партијата тврди дека ова мнозинство, за коешто зборуваат, е за избори, бидејќи „не гледаат излез од ќорсокакот во кој раководството на СДС, Ковачевски и Зечевиќ, ја втурнаа државата“.
Ваквото тврдење е непоткрепено во однос на фактите што се достапни во јавноста, пред сè, затоа што не постои ниту едно релевантно поткрeпено истражување, анализа, анкета или што било, на пример една, две, три изјави, што би покажале дека можеби навистина мнозинството од партијата на власт биле за предвремени избори, а дека само споменатите двајца функционери од СДСМ се тие што ги кочеле. Ова особено важи во делот кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за мнозинството во СДСМ – членови и министри.
ВО СДСМ, веројатно како во секоја друга партија постојат внатрешни несогласувања и триења, така да ги наречеме, меѓу разните кругови на функционери на партијата разместени во телата – Извршниот одбор, Централниот одбор, потпретседателите на партијата, итн. Од време на време, во јавноста ќе се појави некоја таква полуинформација кога заседавале овие тела, но никогаш не била потврдена некоја толку голема кавга или неусогласеност што би водела кон заклучокот што во форма на тврдење го пласира ВМРО-ДПМНЕ. Последна таква информација се појави во Плусинфо, каде што според извори на медиумот, при крајот на декември 2022 година имало таков состанок во седиштето на СДСМ, каде што дошле поранешниот претседател и премиер Зоран Заев и пораншниот министер за здравство Венко Филипче. Предложиле план што би бил во полза на иднината на партијата, по што дошло до несогласување и расправа со присутните, а сето тоа било дел од планот на Заев за пуч во СДСМ и за уривање на Ковачевски. Иако неколку други медиуми меѓу кои и Сител, ја пренесоа оваа информација од споменатиот портал, немаше никакви нови сознанија околу ваквото тврдење коешто се базира само на изворите на медиумот во СДСМ и во ДУИ.
Така што, и покрај оваа единствена информација во таква насока, факт е, дека нема поткрепени и аргументирани сознанија за тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека „мнозинството од СДС е за предвремени избори“.
Оттука, многу е веројатно дека денешното тврдење на ВМРО-ДПМНЕ најверојатно е во функција на поткрепа на една изјава што ја даде нејзиниот лидер Христијан Мицкоски пред самиот крај на 2022 година, дека има сигнали од пратеници на СДСМ и на ДУИ кои би подржале формирање од 61 пратеник за распуштање на Собранието во 2023 година и дека годинава ќе има предвремени избори. Но, кога се има предвид оваа изјава, не треба да се заборави дека Мицкоски, кој лицитираше со евентуално распуштање на Собранието на крај од јануари или февруари, додаде дека:
Тогаш ќе биде поизвесно дали ќе имаме силни сигнали и дали овие сигнали ќе бидат и во пракса испорачани…(50 сек. од видеото).
Имајќи ги предвид погоре изнесените аргументи, може да се оцени дека тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека „дури и мнозинството во СДС, членови, министри и дел од пратениците заговараат избори бидејќи не гледаат излез од ќорсокакот во кој раководството на СДС“…, е спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар