Контраспин: За Османи и ДУИ има „добра“ и „лоша“ уцена!?

Б. Османи. Фото: МЕТА

 

Зарем интерес на граѓаните е поради партиски интерес да се донесе избрзано законско решение во неинклузивен процес за употребата на албанскиот јазик, а притоа да не се донесат соодветни услови или да не се слушаат експертите? Зарем интерес на граѓаните е да дојде до повеќегодишни судски постапки поради инсистирањето на примена на таквото решение? Тоа се очигледни спинови на партијата која уценувала „само за доброто на граѓаните или државата“ 

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Високиот функционер на ДУИ, Бујар Османи, имаше прес конференција, при што може да се препознае следниот спин во дел од неговото излагање:

Спин: ДУИ беше кормиларот, и тогаш кога имаше дилеми ДУИ го држеше кормилото да се запази евроатланскиот курс. Во последно време се зборува за некакво уценување, кое го прави ДУИ кон македонските политички партии, па дури сега и двете политички партии ги повикуваат граѓаните да освојат 61 пратеник за да не ги уценува ДУИ. Ако уценување е потребата од решавање на името и потребата од отворање на патот кон НАТО, ако уценување е потребата за потпишување на договор со Бугарија, ако уценување е поднесувањето на Законот за јазици за да се релаксираат меѓуетничките односи, да, ДУИ уценуваше, но никогаш за себе, никогаш за партијата, секогаш за интересите на граѓаните, секогаш за потребата државата да оди напред. Сме условувле формирање на влади со тие прашања, но денеска токму тие прашања нè донесоа во НАТО.

[Извор: Република – Османи: ДУИ уценуваше но никогаш за себе.., – датум: 01.03.2020]

 

Контраспин:

Еден од највисоките функционери на ДУИ и вицепремиер, Бујар Османи, на прес-конференција поврзана со повеќе предизборни прашања, со извртување на вистината, т.е. со спин, искоментира дел од изајва од Зоран Заев, лидерот на СДСМ, во врска со можностите за коалицирање со СДСМ.

Откако во една скорешна предизборна изјава Заев рече дека СДСМ се надева на број на освоени гласови кои ќе гарантираат победа и нема да дозволи коалиција во која ќе има уцени, непринципиелни договарања и преговарања, ДУИ како партија што се препозна, реагира со став во кој се вели – да, уценувале, но само за принципиелни прашања и во интерес на граѓаните. Станува збор за извртена вистина, т.е. спин, зашто нема принциелна и добра политика и, секако, не во интерес на граѓаните, ако нештата во политиката се остваруваат по пат на уцени!

Да појдеме од примерот за Преспанскиот договор или Договорот со Бугарија, што ги спомена Османи. На пример, ако ДУИ ја пристискале СДСМ како партија што ги води преговорите, преку министерот за надворешни работи Никола Димитров и тогашниот премиер Зоран Заев, секако може(ло) да се дојде и до подобро решение од оние што денес се реалност, ако немало притисок, уцена и брзање. Таквите постапки, секако, не одат во прилог на квалитетни решенија.

Но, тоа најмногу се гледа на примерот на Законот за употреба на јзаиците или популарно наречен закон за албанскиот јазик.

Факт е дека тој беше дел од предизборниот или постизборниот коалициски договор меѓу ДУИ и СДСМ, што одеше на штета и на популарноста на СДСМ кај гласачкото тело. Исто така е факт дека Заев никогаш не отстапувал од концептот на СДСМ за поширока употреба на албанскиот јазик, со што де факто, се остварува во пракса тезата за едно општество за сите, а тоа го повтори и на последниот дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. И повторно вели дека законот се применува, и ќе се импелементира дополнително со забелешките од Венцијанската комисија, и повторно на штета на дел од својот предизборен рејтинг, за што најголемата опозициска партија и стариот коалиционен партнер на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ тоа обилно го ползува, како и други поекстремни конзервативно ориентирани гласачи организирани од невладини организации.

Но, факт е, исто така, дека постојано кога се подготвуваше и кога се внесе во Собрание, СДСМ најавуваше дека законот, односно спорни членови ќе бидат испратени на проверка во Венецијанската комисија, па потоа ќе се даде во собранска процудура. Тоа никогаш не се случи, а законот беше испратен отпосле, отако стапи во сила. За причините никогаш јавно не беше соопштено зошто, а претпоставката дека станувало збор за притисок или уцена во која се барало брзина на донесување, сега, по изјавата на Османи, се потврдува.

Но, таа уцена или притисок, освен што произедоа непотребно кршење на процедурата за носење на законот и неинклузивност во процесот (види точка 30 од мислењето на Венецијанската комисија), произведоа неквалитетно решение, во кое, според препораките на Венецијанската комисија, или треба да се променат делови од законот или да се создадат услови за имплементација.

Една од неприменливите одредби, бидејќи нема услови за тоа, е целосна употреба на албанскиот јазик, т.е. на двојазичноста во судските постапки. Тоа, со оглед на големите финансиски средства што се потребни, неопходниот кадровски потенцијал и време за да се создадат тие услови, во следните години ќе се создаде доцнење и одложување на судски постапки. И за тоа, нема дилема ни Венецијанската комисија ни домашните експерти (види точка 90 од Мислењето или цела глава 6 –Потешкотии во примената..).

Па, зарем тоа се интересите на граѓаните, еве на граѓаните од албанско етничко потекло? Секако не и затоа констатирме дека изјавата на Османи е чисто извртување на вистината, т.е. спин. Законот за употреба на јазиците е со слабости токму поради брзањето и притисооците да биде донесен. Дали е применлив или не, за ДУИ нема врска, важно во државата има Закон за употреба на јазиците.

А, Османи, пак, практично беседи дека постоела разлика за прашањата за кои уценувале, со што нуди теза во јавноста дека постои „добра“ и лоша“ уцена, што е уште една апсурдна теза во предизборието.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција