Контраспин: Заев и Мицкоски спинуваа за бројот и причините за големата смртност од ковид 19

Заев и Мицкоски, Канал 5, дебата. Фото: скриншот

Премиерот Зоран Заев ги извртува фактите околу причините за смртност на заболените од ковид-19 во земјата, сведувајќи ги само на придружни болести кај починатите и нивно задоцнето пријавување кај лекар. Мицкоски, пак, иако професор кому би требало да му се блиски научните и сатитистичките факти, спинува дека смртноста во РСМ е три пати поголема од онаа кај соседите и во регионот

Премиерот Зоран Заев ги извртува фактите околу причините за смртност на заболените од ковид-19 во земјата, сведувајќи ги само на придружни болести кај починатите и нивно задоцнето пријавување кај лекар. Мицкоски, пак, иако професор кому би требало да му се блиски научните и сатитистичките факти, спинува дека смртноста во РСМ е три пати поголема од онаа кај соседите и во регионот

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

На ТВ соочувањето помеѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и двајцата спинуваа околу починатите од ковид во државата. Првиот спинуваше за причините, вториот за бројките.

Заев: Една од причините поради кои ни починуваат толку луѓе од ковид-19 е тоа што 90 отсто од тие луѓе имале по две хронични болести. Тоа го гледаме во извештаите на Министерството за здравство. Друга причина, веројатно, е традицијата ненавремено да се оди на лекар, да се чека до последен момент да се оди во болниците и слично. Самото тоа е потврда на случаите дека 95 отсто од случаите и повеќе се луѓе над 65-годишна возраст, каде што огромен процент од нив имале најмалку срцев или кардиоваскуларен проблем. Сето тоа го покажуваат извештаите од стручните луѓе. Не кажувам ништо непознато, тоа јавноста го знае. Знаете дека дури и кога загубивме помлади животи, еднакво вредни како и постарите, тоа беа, меѓу другото, задоцнето одење на лекар, дома обид за лечење, температурата се држела на високо ниво повеќе од три до пет дена и слично. И секако, секојпат случаеви во кои наши граѓани имале и други болести, односно, пред сѐ, хронични болести

[Извори: Слободен печат/Канал 5 Зоран Заев – датум: 21.09.2021]

 

Контраспин: Премиерот Зоран Заев не кажува ништо ново од она што во најголем дел го зборуваат министерот за здравство д-р Венко Филипче, директорката на Инфективна клиника во Скопје д-р Милена Стевановиќ и неколку други здравствени работници – доктори, но не го наведуваа воопшто поинаквото мислење, исто така, на доктори специјалисти, кои здушно се залагаат за посеопсежни анализи, загрижени од високиот процент на смртност.

На пример, доктор Илир Љума, поранешен заменик министер за здравство, вчера изјави дека ако продолжи ваквата состојба, Северна Македонија би требало да побара меѓународна помош околу начинот на лекување на ваквите пациенти:

Ако продолжува ова вака следните два-три месеци јас мислам и еве нека служи како предлог Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести треба да се обратат до меѓународните институции, до Светската здравствена организација или до други европски земји да има помош или увид на кој начин се лекуваат болните во тие специјализирани ковид центри. Постојат екипи, посебно во европските земји, кои имаат сепцијализирани тимови кои може да помагаат не само за Македонија, туку и за другите земји кои се соочуват со ваков висок број на починати луѓе од ковид 19вели д-р Љума, за 24 Вести.

Претходно, д-р Жаклина Шопова од Инфективната клиника во Скопје, исто така, побара посеопфатна длабока анализа за да се изнајдат причините за високата смртност на заболените од ковид 19:

Сметам дека за намалување на смртноста стварно треба да се седне и да се направи добра анализа и да се најдат сите грешки, нас ни недостасува и медицински персонал. Не може вие да имате кревет, кревет сите имаме дома..кревет има по хотелите и каде сакате. Но, ако немате човек кој што е обучен и може да му даде помош на пациентот тогаш што ќе ви е креветот. Затоа е битно она мапирање, за да знаете со колку активни медицински работници располагате, колку од пасивните може да ги вклучите, да имаше обид и се вклучија помладите лекари, но сепак затоа треба време и треба обукавели д-р Шопова.

Д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом Скопје посочува дека проблем може да биде тоа што нема национален протокол за лекување на болните од ковид:

Постои еден протокол од Миленковиќ, кој Министерството го има објавено на страницата на почетокот на пандемијата, кој е хаотичен и не се користи во ковид-центрите. А национален протокол претставува упатство пропишано со закон потпишано од министер, објавено во „Службен весник“, кој ќе мора да го користат сите ковид-центри и сите доктори, такво нешто нема. Како лекуваат докторите? Се договараат на ниво на стручен колегиум. Како што знаеме, стручни колегиуми има само во здравствените установи на највисоко ниво. На веб-страницата на Министерството за здравство има упатства за лекување разни болести – за дијагностика, за терапија, кога пациентот треба да се испише, кога да се хоспитализира. Таква работа за ковид-19 немаизјави д-р Мехмедовиќ за „Слободен печат“.

На ова може да се додаде и фрапантниот податок од епидемиологот д-р Драган Даниловски, поранешен министер за здравство, кој во разговор неодамна за 24 Анализа изјави дека леталитетот во болниците кај оние што се лекуваат од ковид, е 40-тина отсто, при што ја спореди состојбата со САД каде тој изнесува 10 отсто:

Би требало да се правата анализи понатаму, на што се должи, кои се тие фактори што се асоцирани со толку големата смртност кај нас. Или ако сакате да го расчленам тоа: премногу висок леталитет на оние што се хоспитализирани, некаде 40 и нешто посто….Дефинитивно за мене, за функционирањето на системот покажува болничкиот леталитет. (од 4-до 5.22 минута во видеото)

Кога ќе се земат предвид сите горе посочени ставови, станува јасно дека кажаното од Заев е, всушност, вешт спин, зашто истакнувајќи проценти кои ги нема во јавниот оптек (на пример кај бројките на починатите со коморбидитети е 73, а не 90 отсто), се стекнува впечаток дека високиот процент на смртност е лесно објаснив и дека не станува збор за евентуални други причини, освен придружните болести и задоцнетото јавување по клиниките.

 

Мицкоски со цел да поентира, излажа!

Оттаму, соговорникот на Заев, Христијан Мицкоски, сакаше тоа го го искористи во ТВ соочувањето, но и тој пласираше спин, говорејќи невистина:

Мицкоски: Шокиран сум, повторно. Кога човек не може да ја види вината и погрешниот начин на функционирање кај себе, кога ќе се обиде на вака брутално и банален начин да ја префрли вината кон граѓаните, а е премиер, јас сум лично шокиран. Се чудам како може вака со леснотија да се кажуваат работите кои што се тотално надвор од памет. Замислете во регионот, каде што луѓето имаат сличен менталитет, вие да водите со два до три пати поголема смртност. Што е поразличен менталитетот на луѓето од Македонија, со луѓето од Албанија, Косово, Бугарија, од тој во Србија, Босна и Хрватска? Ние имаме три пати повеќе починати на 100.000 жители.

[Извор: Слободен печат/Канал 5 Христијан Мицкоски – датум: 21.09.2021]

 

Контраспин: Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, сфаќајќи дека има простор за контраудар од кажаното на Заев за причините за смртност, прашува по што се разликува менталитетот на граѓаните не Северна Македонија од оној кај народите во соседството, но притоа спинува, односно ги извртува бројките на починати во земјите од регионот.

Мицкоски тврди дека имаме три пати повеќе починати од земјите во регионот, споредбено на 100.000 жители, што е апсолутна невистина. Факт е дека сме при врвот, но првото место и припаѓа на Босна и Херцеговина.

Според една од најценетите статистички алатки, Wordlometars, на ден 21.09.2021, во Северна Македонија има 3.107 починати на еден милион жители (на 100 илјади би било 310,7), додека Босна и Херцеговина има 3.159 починати. Соседна Бугарија, членка на ЕУ, има 2.929 починати на еден милион, Црна Гора има 2.959, што значи дека се многу блиску до Северна Македонија, Хрватска, членка на ЕУ (2093), додека кај другите соседи, на пример Албанија (900) и Србија (898) бројките се пониски.

Но, какви и да се бројките, дефинитивно не може да се генерализира дека тие кај нас се три пати повеќе умрени, дотолку повеќе што во Србија, на пример, тамошната јавност од минатото лето се сомнева во вистинитоста на податоците што ги објавуваат властите.

Оттука, нема сомнение дека Мицкоски по ова прашање во ТВ соочувањето изрече спин, односно ги извртуваше фактите што се проверливи.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција