Контраспин: Знае ли Ангеловски дека „Протоколите на сионските мудреци“ се докажан фалсификат, дури и во Русија?

Фото: Принтскрин видео, ФБ профил на МААК

„Протоколите на сионските мудреци“ е антисемитски памфлет и докажан фалсификат. Ангеловски во колумната изразува голема поддршка за Путин и Русија, но изгледа не знае дека памфлетот е оценет како фалсификат и од Московскиот државен универзитет, Големата руска енциклопедија, ТАСС, РИА и други медиуми во Русија, а таа го внела во Федералниот список на екстремистички материјали под бр. 1496. Памфлетот го ценат само руските екстремисти, антисемити и конспиромани, среде кои тој настанал во 1903 година. За сите светски проблеми Ангеловски во својата колумна обвинува некакви ционисти, па дури и за противречни нешта како комунизмот, нацизмот и либерализмот, а нивна цел, според написот, е уништување на православието, небаре сите историски настани се случиле само за нему да му наштетат

„Протоколите на сионските мудреци“ е антисемитски памфлет и докажан фалсификат. Ангеловски во колумната се става на браникот на православието и изразува голема поддршка за Путин и Русија, но изгледа не знае дека памфлетот е оценет како фалсификат и од Московскиот државен универзитет, Големата руска енциклопедија, ТАСС, РИА и други медиуми во Русија, а таа го внела во Федералниот список на екстремистички материјали под бр. 1496. Памфлетот го ценат само руските екстремисти, антисемити и конспиромани, среде кои тој настанал во 1903 година. За сите светски проблеми Ангеловски во својата колумна обвинува некакви ционисти, па дури и за противречни нешта како комунизмот, нацизмот и либерализмот, а нивна цел, според написот, е уништување на православието, небаре сите историски настани се случиле само за нему да му наштетат

 

Пишува: Вангел Башевски

 

Лидерот на МААК, Страшо Ангеловски во колумна (споделена и во објава на социјалната мрежа Фејсбук), изнесува паушални информации и ја спинува вистината со некакви теории на заговор за уништување на православието и распад на христијанската религија. Ставајќи се на браникот на православието тој вели:

Спин: Денес, либералната евроатлантска заедница, со длабоки марксистички корени, преку милитантното ширење кон границите на Руската Федерација, предизвика војна во која конечна жртва треба да биде токму возобновеното православие.

Зашто, во Протоколот број 17 на Сионските мудреци, јасно стои запишано дека “…уште не многу години не делат од целосниот распад на христијанската религија, а со другите религии уште полесно ќе излеземе на крај… но, додека не ја превоспитаме младината во нови, преодни вери, а потоа во нашата, ние нема отворено да го напаѓаме постоењето на црквата, туку со нејзе ќе се бориме со критика која предизвикува расцеп… воопшто, нашите современи медиуми ќе го искривуваат значењето на религијата со најбезобѕирни изрази…“

[Извор: Денешен – Колумна на Страшо Ангеловски; датум; 30.04.2024]

 

 

Контраспин: Насловот на колумната: „На Груби и неговите газди не им пречи Русија, им пречат православните вредности“,  ветува критика за првиот вицепремиер Артан Груби, што во една демократија е сосема легитимно, но написот тоа не го исполнува, туку заскитува во конспироманија.

„Протоколите на сионските мудреци“ е антисемитски памфлет и докажан фалсификат, а патем, авторот на цитираниот напис изразува голема поддршка за Путин и Русија, но изгледа не знае дека памфлетот е оценет како фалсификат и од Московскиот државен универзитет, Големата руска енциклопедија, ТАСС, РИА и други медиуми во Русија, а таа го внела во Федералниот список на екстремистички материјали под бр. 1496. Памфлетот го ценат само руските екстремисти, антисемити и конспиромани, среде кои тој настанал во 1903 г.

Тогашната Руска империја ги дискриминирала Евреите и поттикнувала погроми врз нив, па била плодно тло за тој памфлет, кој тврдел дека тие „сакале да завладеат со светот“. Лажноста на памфлетот ја открил рускиот премиер Петар Аркадијевич Столипин со тајна истрага во 1906 г., потоа весниците The Times и Frankfurter Zeitung во 1920-тите, како и Бернскиот судски процес во 1934 г. Памфлетот содржи извитоперени извадоци од дело на писателот Морис Жоли и нема научна вредност, а таков е и онлајн-написот кого тука го рецензираме.

За сите светски проблеми написот обвинува некакви ционисти, па дури и за противречни нешта како комунизмот, нацизмот и либерализмот, а нивна цел, според написот, е уништување на православието, небаре сите историски настани се случиле само за нему да му наштетат. Инаку, ционизмот е идеологија родена во 19 век, која се залагала за создавање на еврејска држава – Израел, но антисемитите често го злоупотребуваат поимот ционисти како синоним за Евреи, со цел говорот на омраза да го маскираат како да е легитимна критика на една идеологија.

Според написот, западните либерални демократии водат војна против православието, што тој го аргументира со конфликтот во Косово и оној во 2001 г. во Македонија, во кои мета на напади беа и цркви. Но, тогаш зошто во ЕУ и НАТО има земји со мнозинско православно население како Грција, Бугарија и Романија, а тие не се нападнати?

И војната во Сирија написот погрешно ја опишува како војна на западните либерали против православието, но таа почна заради авторитарноста на претседателот Башар ал-Асад и неговото привилегирање на верската заедница на алавитите наспроти сунитите, во што  се вмеша Исламската држава, која со либерализмот нема никаква врска.

Западот во написот се обвинува и за некаков марксизам, иако Западот има вложено огромни жртви, средства и напори за победа над комунизмот, а негово чедо, всушност е  Владимир Путин, бивш агент на репресивната служба КГБ, кој доста промовира советска носталгија.

Написот тврди дека се застапува за православието, но го отфрла Вселенскиот патријарх, кого без доказ го обвинува дека е „агент на ЦИА“, дека се однесува небаре е врховен поглавар како папата и дека признал „вештачка“ автокефална украинска црква, на штета на онаа под Московската патријаршија. Но, иако Вселенскиот патријарх не е папа, туку е прв меѓу еднаквите, тој е сепак прв и има авторитет, а до 1686 г. Украина имала црковен живот независен од Московската патријаршија, кого посака да си го врати. Конечно, Киев бил покрстен кога Москва не постоела, а и секој има право на своја црква.

Интересно, написот се повикува и на еден католички свештеник, Карло Мариа Вигано, кој, од една страна, се здоби со почит кога укажа на случаи на корупција и педофилија во црквата, но од друга страна, тој загази во конспироманија, што го направи контроверзен.

При крајот на написот, авторот цитира изјави насочени против православието припишани на шведскиот политичар Карл Билд, кои Вистиномер ги разоткри како лажни.

Еден од ретките точни податоци во написот е тоа што СССР го угнетувал православието, но написот потоа тврди дека некој го финансирал Хитлер за тој да го нападне СССР и да го „докрајчи православието“, што нема никаква смисла. Зошто некој би напаѓал една држава за да го уништи православието кога таа самата го уништува? Хитлер немал проблем со православните и имал сојузници меѓу нив како Бугарија, Романија, т.н. Руска ослободителна армија (РОА) и др. Мотив за нападот врз СССР му бил заземање на Животен простор, загосподарување со Словените и победа над јудео-болшевизмот – како што се изразувал Хитлер. Дали свесно, дали заради својата неуредност, написот создава впечаток и дека ционистите го финансирале Хитлер, што не би имало никаква смисла, а тие само еднаш склучиле зделка со него, но само за да спасат еврејски животи. Написот создава впечаток и дека ционистите се виновни дури и за Големата шизма и Крстоносните војни, настани од Средниот век, со кои ционизмот нема никаква врска.

Па гледано во целина, со исклучок на само неколку факти, написот во најголема мера шири невистини, или пак, ја извртува вистината.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција