Кратенката МКД останува на личните документи, НМК е само за регистарски таблички

Според Договорот од Преспа кодот за земјата на регистарските таблички на возилата ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД

 

Според Договорот од Преспа кодот за земјата на регистарските таблички на возилата ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД

 

Објави на социјалните мрежи невистинито тврдат дека личните документи кои се издадени со новото име Северна Македонија нема да важат затоа што на нив го има кодот МКД (MKD), а не НМК (NMK). Ова не е точно.

Под хитно да поднесеме тужби!

НОВ ПРОБЛЕМ… упм!

Идиотиве на обиџуко туриле MKD на северна возачка… а не нивната NMK!

Брзо сега од почеток… мењајте и северни… северсерковци едни непрокопсани!

 

Хаосот и конфузијата коишто се случуваат со гужвите за вадење на нови лични документи со новото име Република Северна Македонија се пренесува и на социјалните мрежи. Но, дел од објавите на социјалните мрежи пренесуваат неточни информации за тоа што содржи Договорот од Преспа со Република Грција во однос на промените коишто треба да ги има во личните документи за граѓаните на Македонија.

На една објава на социјалната мрежа Фејсбук се тврди дека кодот МКД (MKD) којшто стои на возачките дозволи е неважечки и дека треба да стои кодот НМК (NMK). Притоа, се крева паника дека граѓаните ќе треба и овие документи повторно да ги менуваат бидејќи имаат погрешен код, иако на нив стои сменетото име на државата Република Северна Македонија. Ова е погрешно и неосновано се крева паника и се додава грижа кај граѓаните кај веќе постоечките проблеми во однос на личните документи.

Во Договорот од Преспа односно КОНЕЧНА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 г. И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ, утврденo е решавање на разликата околу името како и незаокружените прашања поврзани со името каде што спаѓаат и кодовите за земјата. Па, така, во членот 1, секција Д точно е утврдено кои се кодовите на државата и како тие се употребуваат.

д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна (се мисли Република Северна Македонија) ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).

Истиот договор, на англиски јазик е објавен и од грчкото МНР каде што е целосно истиот текст за кодот на земјата.

Ова значи дека кодот NMK ќе се користи исклучиво за регистерски таблички на автомобилите, а не и за личните документи. Ова го потврдија и од Министерството за надворешни работи.

Министерството за надворешни работи информира дека во согласност со Договорот од Преспа, кодот NМК се употребува исклучиво за регистарските таблички на возилата. За сите други намени, кодот за земјата е МК и МКD, согласно Меѓународната организација за стандардизација (ИСО) и како таков стои во документите издадени од Република Северна Македонија, меѓу другото и во патни исправи, лични карти, возачки и сообраќајни дозволи.

Во врска со наводите во одредени медиуми за враќање на наши граѓани од граничните премини со Грција, заради кодот МК на новите сообраќајни дозволи, Министерството стапи во контакт со грчката страна, и во Скопје и во Атина, укажувајќи за ова прашање. Добиено е уверување дека тоа не е и нема да биде проблем, информираат од МНР.

Вакви објави, кои создаваат паника кај граѓаните, се споделуваа на повеќе профили, тука, тука, тука.

Според официјалниот Договор од Преспа потпишан со Грција како и потврдата добиена од МНР заклучуваме дека тврдењата според кои ќе треба да се променат личните документи што го содржат кодот MKD, а не кодот NMK се невистинити. Кодот NMK се употребува само за регистарските таблички на возилата, а за личните документи и сите други намени се употребуваат кодовите MK и MKD.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција