Кредитните картички кои ја следат емисијата на јаглерод диоксид се опционални

Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Картичката со којашто може да се ограничи трошењето пари врз основа на импактот врз животната средина – „произведениот“ јаглерод диоксид при нејзината употреба, не е задолжителна туку опционална, односно по избор на  граѓаните. Тоа од постот, особено од видеоматеријалот под број 2, не може да се разбере, па се добива лажен впечаток дека постои некаква намера да се ограничуваат луѓето во употребата на банкарските картичките

Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Картичката со којашто може да се ограничи трошењето пари врз основа на импактот врз животната средина – „произведениот“ јаглерод диоксид при нејзината употреба, не е задолжителна, туку опционална, односно по избор на  граѓаните. Тоа од постот, особено од видеоматеријалот под број 2, не може да се разбере, па се добива лажен впечаток дека постои некаква намера да се ограничуваат луѓето во употребата на банкарските картичките

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Банкарските картички и ЦО2.

Многу дилеми и нејаснотии има како тоа преку картичките ќе контролираат колку ЦО2 „произведуваме“ и како ќе го следат и ограничуваат тоа.

Многу едноставно. Си смислиле тие колку ТРЕБА да „произведуваме“ ЦО2 и колку секој производ „произведува“ ЦО2.

Две видеа околу оваа проблематика. Особено второто ќе објасни ова што го напишав. И едно бонус од СЕФ.

Психопати.

Во склоп на постот споделени се неколку видеоматеријали. Во првиот, се презентира дека Мастеркард и ОН ги здружуваат силите за да го мониторираат ефектот на јаглеродот на вашите купувања. Човекот во видеото вели дека кога ќе го достигнете максимумот на јаглерод, тогаш картичката ќе престане да работи.

Новата кредитна картичка се вика Докономи и на задната страна од картичката пишува дека преземате одговорност со секое купување да ја заштитите планетата. Откако Мастеркард ќе искалкулира колку јаглерод смеете да „потрошите“, на секоја трансакција или купување ќе определат бодирање и директно ќе ве казнуваат, вели човекот во видеото споделено во постот што го рецензираме.

Во второто видео се вели дека банките сакаат да го мониторираат секој килограм на јаглерод диоксид што го произведувате и дека светскиот просек треба да е 2 тона по човек годишно, а вие произведувате 16 тони годишно, значи вашата активност треба да се намали за 800 проценти:

Како ќе го направат тоа, епа ја имаат првата Мастеркард која ќе покажува колку ви е дозволено да трошите јаглерод диоксид за секое купување. Кога ќе купувате храна ако е веганска тогаш ќе има низок скор. Ако одите во ресторан ќе ви го покажат количеството на јаглерод диоксид за вашата чинија. Се што ќе правите ќе се следи зашто сакаат да ограничат колку трошите месечно. Велат дека трошите 16 тони годишно, а тие сакаат да трошите 2 тона годишно. Како изгледа тоа да видиме. Да речеме дека сакате да летате од Торонто до Амстердам, и тој лет е 478 килограми јаглерод диоксид. Тоа е речиси 25 проценти од вашата годишна дозволена потрошувачка, но не се грижете ако одите над лимитот, ќе ви наплатат 170 долари за секој килограм. Така ќе контролираат кај одите, како ќе стигнете таму, што смеете да купите, што може да јадете, кого ќе го видите и замислете го тоа во свет без кеш и каде што владата има контрола врз секоја поединечна трансакција.

Во третото видео се споделува изјава од Светскиот економски форум:

Преку технологијата развиваме систем консументите да го мерат својот сопствен отпечаток со јаглеродот. Што значи тоа, каде патуваат, како патуваат, што јадат, што консумираат на платформата. Останете вклучени, уште не е оперативен системот, но е нешто на кое работиме.

Прво и основно, Мастеркард  уште во 2019 година ја промовираше картичката со којашто може да се ограничи трошењето на тие што ќе ја земат, базирано на нивниот импакт врз животната средина. Едноставно речено, тоа е картичка којашто превенира потрошувачите да го надминат својот лимит не базирано на кредит, туку на нивоата на јаглерод диоксид емисии што нивното консумирање ги предизвикува. Картичката не е наметната од никого, туку е доброволна и само тие консументи коишто сакаат да ја користат, аплицираат за неа. Станува збор за картичка која ја ограничува потрошувачката базирано на тоа колку јаглерод диоксид одредена трансакција „чини”.

За да се достигнат целите на Парискиот договор и да се избегне неповратна климатска криза, глобалните емисии на гас ќе мора да се намалат за половина до 2030 година и потоа да продолжат да се намалуваат за до средината на векот да се постигне климатска неутралност. Просечниот граѓанин на Шведска се брои како 10 тони јаглерод диоксид и 60 проценти од тие емисии доаѓаат токму од купувањето односно нивната консумација, пишува на сајтот на Мастеркард.

Многу компании веќе преземаат чекори за да ги намалат нивните емисии и да креираат одржлива иднина.

Луѓето исто така размислуваат за природата и средината во нивните секојдневни животи, и да носат поинформирани одлуки за тоа што го купуваат. Затоа сме среќни да ја почнеме оваа иницијатива од Докономи, се вели на сајтот на Мастеркард.

Значи, картичката ќе ви помогне да го мерите вашиот импакт врз средината  и да помогнете да се намали јаглерод диоксидот за половина поради вашите избори за пазарење. Целта на картичката е да се поттикне промена во однесувањето и да се влијае на нов иновативен начин за да се заштити планетата.

Според Светскиот економски форум, самите корисници може да го наместат лимитот на картичката за потрошувачка на јаглероден диоксид. Најбитната информација којашто недостасува во постот што го рецензираме, односно е испуштена, а од неа зависи огромен дел од контекстот на самиот пост, е тоа дека следењето на емисиите на јаглероден диоксид преку потрошувачката, е опционална работа, односно право на избор на секој граѓанин. Следствено, ако не користите ваква картичка доброволно, никој нема да ви ја наметне, ниту пак, таа станува задолжителна каде било во светот. Информации од 2021 година покажуваат дека навистина најголема емисија на јаглероден диоксид се создава од консумеризмот на најбогатите луѓе на планетата.

Но, никој не може да ги натера со сила да го ограничат својот импакт преку купувањата, туку консументите (дел од нив) тоа го прават на сопствена иницијатива.

Околу 60 проценти од отпечатокот односно влијанието со јаглероден диоксид кое го има консументот е преку самото купување. Да се смени однесувањето на консументот е патот да се намали емисијата на ЦО2. ДО Блек е радикална алатка и првата кредитна картичка со лимит на ЦО2 емисии, која ве спречува да потрошите над лимитот, не базирано на достапните парични средства, туку базирано на импактот од вашето купување. Таа е патентирана картичка со патент P41904293SE00.

Во картичката комбинирани се три функции. Прво, можноста да се мери импактот на секоја трансакција, понатаму лимитот на ЦО2 искалкулиран според државата во која е корисникот (пер капита), и систем на плаќање со интегриран лимит за ЦО2. Технологијата ги блокира трансакциите кога ќе се надмине ЦО2 лимитот, ја оневозможува картичката и го известува сопственикот.

На картичката ДО Блек, лимитот со јаглероден диоксид е задолжителен, но на другите картички е опционален, односно ако не побарате, нема да го добиете. Оттука, дефинитивно е дека станува збор за личен избор на купувачите, како што стои и во описот на Мастеркард, дека нивните истражувања покажале дека клиентите и консументите сакаат да придонесат за животната средина со своето однесување и дека поради тоа ја создале оваа опција.

Оваа иновација е на стартапот Докономи кој потоа остварил соработка со Мастеркард. На картичката лимитот е пресметан спрема бројот на жители во конкретната држава (пер капита). Само во Шведска, повеќе од 8 илјади корисници се регистрирале за оваа картичка.

Има неколку различни видови на вакви кредитни картички. Најчестата е персоналната која е опционална, за луѓе кои сакаат да го менаџираат својот „јаглероден отпечаток“. Но, има и вакви картички за бизниси кои што сакаат да го ограничат нивото на јаглеродни емисии.

Во 2015 година 175 земји од светот го потпишаа Парискиот климатски договор на Обединетите нации и се обврзаа да ја намалат емисијата на јаглерод диоксид. Големите компании во светот, исто така, развиваат политики за намалување на емисијата, се префрлаат на обновлива енергија, а луѓето од целиот свет сè повеќе се свесни за своето учество во климатските промени и прават „позелени“ избори секој ден.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Картичките не се задолжителни туку се избор на дел од граѓаните. Тоа од постот, особено од видеоматеријалот под број 2, не може да се забележи, па се добива лажен впечаток дека постои некаква намера да се ограничуваат луѓето во употребата на картичките без нивна дозвола или согласност.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција