Крводарителите и натаму се ослободени од партиципација во јавното здравство, како и пред пандемијата

Фото: Донација на крв, од сајтот на ICRC

Објавата е дезинформација со најверојатна цел да шири говор на омраза по етничка и политичка основа. Зашто ослободувањето од партиципација во јавните здравствени установи за крводарителите со над 10 дарувања продолжува како што било и е предвидено и во Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Македонија за 2023 година, донесена од страна на Владата. Странските пациенти, пак, трансфузираната крв ја плаќаат во рамките на болничките услуги

Објавата е дезинформација со најверојатна цел да шири говор на омраза по етничка и политичка основа. Зашто ослободувањето од партиципација во јавните здравствени установи за крводарителите со над 10 дарувања продолжува како што било и е предвидено и во Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Македонија за 2023 година, донесена од страна на Владата. Странските пациенти, пак, трансфузираната крв ја плаќаат во рамките на болничките услуги

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која изгледа вака:

 

Во текстот од објавата, како што може да се види и на исечокот од неа, се вели:

Народот крвта бакшиш им ја дава. Они крвта за пари им ја продаваат. Ама во Косово на шиптарите гратис им ја даваат.

Потоа се споделува фотографија од шалтер на која е испечатено соопштение со содржина: Со одлука на Министерството за здравство крводарителите не се ослободени од партиципација согласно со 20.03.2023 година.
Меѓутоа, во оваа објава се пропушта контекстот. Пациентите крводарители во земјава може да се лекуваат во јавни и во приватни здравствени установи. Фотографијата во објавата која ја рецензираме, со известувањето, е дефинитивно направена во приватна здравствена установа, потврдува за Вистиномер директорот на Институтот за трансфузиона медицина, доктор Садула Усеини.
Таа информација која што во објавата која ја рецензираме не е споделена, прави постот да биде со пропуштен контекст и делумна дезинформација.
Информацијата дека се укинати бенефициите на крводарителите е неточна. Имено, за време на пандемијата Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување ја проширија можноста за неплаќање на партиципацијата и во приватните здравствени установи поради преголемиот обем на работа во јавните здравствени установи. Но, сега сме во нормална состојба и се враќа користењето на бенефициите само во јавните здравствени установи. Ова значи дека бенефициите на крводарителите, односно ослободувањето од плаќањата на партиципација на крводарителите кои имаат над 10 пати дарувано, продолжува и понатаму да се поддржува од Министерството за здравство, изјави за Вистиномер, директорот Усеини.
Значи, во пандемијата право на ослободување од партиципација, граѓаните имале и во лабораториите кои што се приватни. Но, бидејќи земјата е надвор од вонредна состојба, со одлука на надлежните, состојбата се враќа како пред пандемијата кога право на ослободување од партиципација имале само крводарителите со над 10 дарувања во јавните здравствени установи. Во приватните, ќе плаќаат партиципација, исто како и пред пандемијата.
Ослободувањето од партиципација во јавните здравствени установи за крводарителите со над 10 дарувања е предвидено и во Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Македонија за 2023 година донесена од страна на Владата, која што ја што имавме на увид. Таму се предвидени и средствата за надоместок за партиципација при користење на здравствени услуги за дарители со над 10 крводарувања кои се трансферираат на квартално ниво до јавните установи за околу 6 илјади крводарители. Бројот на крводарители за исплатена партиципација е во зависност од висината на пресметаната партиципација за користење на здравствени услуги по крводарител, со вкупен износ од 19 милиони денари.
Распределба на средствата за надоместок за партиципација при користење на здравствени услуги на дарители со над 10 крводарувања се врши квартално до јавните здравствени установи на С. Македонија за тековната година, а врз основа на доставена фактура, извештај или спецификација за периодот кој се фактурира за последниот квартал од 2022 година и за првите три квартали од 2023 година. Доставувањето на фактура, извештај или спецификација за периодот кој се фактурира е 10 дена по завршувањето на кварталот за кој се однесува фактурата, пишува во програмата.
Дел од Програмата што ја имаше на увид Вистиномер
Во врска со делот од постот дека крвта се дава на странските пациенти без пари (на пример, од Косово), директорот Усеини за Вистиномер вели дека на странските пациенти крвта дадена со трансфузија им се наплаќа во вредноста на болничката услуга доколку станува збор за итни пациенти.
Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит, во кој, покрај другото, не се појаснува ни контекстот, а со најверојатна цел да се шири говор на омраза. Крводарителите што дарувале крв над 10 пати, продолжуваат да бидат ослободени од партиципација во јавните здравствени установи, а во приватните здравствени установи не се ослободени од партиципација, исто како и пред пандемијата со ковид. Странските пациенти, пак, трансфузираната крв, ако е неопходна кај итните случаи, ја плаќаат во рамките на болничките услуги.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција