Лага е дека Обама, Фаучи и Мелинда Гејтс биле во лабораторија во Вухан во 2015 година

Рецензираме пост на Фејсбук со конспирациски наратив, во кој се тврди дека екс американскиот претседател, Барак Обама, заедно со директорот на Институтот за инфективни болести на САД, Ентони Фаучи и сопругата на Бил Гејтс, Мелинда Гејтс, биле во лабораторијата во Вухан во 2015 година, каде бил создаден коронавирусот. Но, ова е ЛАГА. Не е вистина дека фотографиите кои се прикажани, а на кои воопшто ја нема сопругата на Бил Гејтс, Мелинда, се снимени во Кина. Тие се снимени во САД, во државата Мериленд и тоа во Националниот институт за здравје во Бетесда.

Рецензираме пост на Фејсбук со конспирациски наратив, во кој се тврди дека екс американскиот претседател, Барак Обама, заедно со директорот на Институтот за инфективни болести на САД, Ентони Фаучи и сопругата на Бил Гејтс, Мелинда Гејтс, биле во лабораторијата во Вухан во 2015 година, каде бил создаден коронавирусот.

Згора на тоа, се обвинува и кинеската влада дека е креатор на коронавирусот во лабораторија.

Уште ли мислите дека оваа е случајна и вистинска пандемија? На сликата во 2015 се Обама, Фаучи и Мелинда Гејтс во лабораторијата каде настана корона вирусот. Коронавирусот кој убива и заразува луѓе ширум светот е создаден во лабораторија во кинескиот град Вухан, а ваквата идеја до пред неколку недели би била означена како теорија на заговор. Но, на почетокот на оваа недела, кинескиот вирусолог доктор Ли Менг Иан, во ексклузивен разговор за ВИОН, тврдеше дека смртоносниот вирус е развиен во владина лабораторија во Вухан. Исто така таа изјави дека кинеската влада била свесна за ширењето на Ковид 19, се тврди во постот.

Но, ова е ЛАГА. Не е вистина дека фотографиите кои се прикажани, а на кои воопшто ја нема сопругата на Бил Гејтс, Мелинда, се снимени во Кина. Тие се снимени во САД, во државата Мериленд и тоа во Националниот институт за здравје во Бетесда.

Оригиналната и првпат објавена фотографија може да ја погледнете овде. Oбјавена е на 2 декември 2014 година.

Освен тоа што е снимена во САД, а не во лабораторија во Вухан, фотографијата, се разбира, нема никаква врска со коронавирусот, затоа што тој пред шест години не постоеше.

Фотографијата, која е злоупотребена за лажни тврдења дека коронавирусот е измислен во Вухан и дека Aмериканците се заднински играчи во ова, всушност, првпат ја објавил доктор Францис Колинс на својот блог со наслов: ,,Доктор Ненси Саливен разговара за истражување за еболата со претседателот Барак Обама, директорот на Институтот, д-р Ентони Фаучи и министерката за здравствени и хумани услуги, Силвија Бурвел“.

Текстот на блогот додава дека Обама, Фаучи и Бурвел биле во кампусот за да го посетат центарот за развој на вакцини и да видат како напредува биомедицинското истражување за Ебола.

Сепак, фотографија која е стара и погрешно насловена, се труди да ги поврзе поранешниот претседател на САД, Барак Обама и Мелинда Гејтс со наводно креирање на коронавирусот во лабораторија во Вухан. Фотографиите постојат како такви и не се компјутерски манипулирани, не е изманипулиран контекстот околу нив, односно датумот и локацијата на нивното снимање. Тие не се снимени во Вухан и немаат врска со коронавирусот, туку со истражување за ебола во Мериленд во САД. Претставници на СЗО по својата посета на лабораторијата во Вухан велат дека е „исклучително неверојатно“ дека вирусот да излегол од оваа лабораторија .

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција