Лага е дека трансплантација на органи била направена од ковид позитивен донор
Не е точно дека донорот на органите и реципиентот се без идентитет. Донорот е Верица Белчовска, а за нејзиниот живот проговоре семејството во интервју за ММС. Реципиентот е 22-годишниот Иле Стрезовски, а неговото семејство јавно се заблагодари на семејството на Верица за тоа што му е продолжен животот
Не е точно дека донорот на органите и реципиентот се без идентитет. Донорот е Верица Белчовска, а за нејзиниот живот проговоре семејството во интервју за ММС. Реципиентот е 22-годишниот Иле Стрезовски, а неговото семејство јавно се заблагодари на семејството на Верица за тоа што му е продолжен животот
Рецензираме објава во Фејсбук пост, во која се изнесени сериозни дезинформации и за коронавирусот, и за исклучително хуманиот и алтруистички чин на донирање на органите на младата Верица Белчовска, која откако настрада во сообраќајна несреќа, нејзините органи беа трансплантирани кај повеќе пациенти, со што им се подобри и им се спаси животот.
Првата изнесена лага во овој пост е тоа дека Верица Белчовска била позитивна на ковид-19. Како што и претходно од Министерството за здравство објаснија за „Вистиномер“, тоа не е вистина. Таа имала сообраќајка, односно била прегазена од несовесен возач и била негативна на ковид. Дезинформацијата дека Верица е позитивна на ковид-19 произлезе од текст пренесен од портал, погрешно цитирајќи изјава на министерот за здравство Венко Филипче. Тој конкретен случај на неточно медиумско покривање, во кој што е прекршен првиот член од Кодексот на новинари, а кој, пак, налага информациите што се пренесуваат да се точни и проверени, го анализиравме овде.
Во постот што го рецензираме лажно се тврди:
НЕДОКАЖАН, НЕ ИЗОЛИРАН ФАНТОМ ВИРУС – SARScov2 И ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА ОРГАНИ???Но, што ми падна во очи, многу лајкови и коментари за еден згаснат млад живот без идентитет, а срцето продолжува да чука кај младо момче исто без идентитет?
Не е точно дека донорот на органите и реципиентот се без идентитет. Донорот е Верица Белчовска, а за нејзиниот живот проговоре семејството во интервју за ММС.
Во детали, братот на девојката објаснува дека таа била прегазена од несовесен осумнаесетгодишен возач, имала мозочна смрт, а водени од хумани причини и алтруизам, решиле да ги донираат нејзините органи за трансплантација.
-Јас изгубивме најмалата во семејството. На „Благовец“ во Струмица на пешачки премин ја удри момче од 18 години и побегна од местото. Колку што јас знам кога дознале дека колата со која ја удриле сестра ми била пронајдена, тој подоцна сам се пријавил во полиција. Во Берово е многу тешко да се најде работа, затоа мајка ми и татко ми со сестрите се преселија во Струмица. Татко ми сеуште е невработен, мајка ми работеше во еден маркет, па требаше да се префрли во друг и откако се случи ова не знам што ќе биде. Постарата сестра Ана (23) работи во спортска обложувалница, а Верче работеше во кафуле. Под кирија се, мораа да заминат, од Берво се преселија бидејќи нема работа, секаде е полно и со ниски плати. Целото семејство ми отиде, само јас останав во Берово, само јас работев. Кога сестра ми ја удриле со колата поради сериозноста на повредите однесена е дирекно во Скопје. Лекарите ни кажаа дека откажал мозокот, дека е констатирана смрт, а дека органите се здрави. Без размислување се сложивме да ги донираме. Ова може секому да се случи, можело и на сестра ми да и требале органи. Во животот никогаш ништо не се знае. Тоа ни даде сила и затоа одлучивме да ги донираме за да спасиме нечиј живот. А сестра ми веќе ја нема и нема никогаш да ни се врати, вели низ солзи Мартин, братот на Верица, за ММС.
Неточно е и тврдењето во постот кој го рецензираме дека не е познат идентитетот на реципиентот на срцето. Реципиентот е 22-годишниот Иле Стрезовски, а неговото семејство јавно се заблагодари на семејството на Верица за тоа што му е продолжен животот.
„Прво да изразам сочувство на фамилијата на Верица и благодарност што му го продолжија животот на синот. Тој од 6 јануари боледува со слабо срце со 14 отсто работа и се бараше од тогаш донор. Разговараравме со синот, добар е сега. Голема благодарност до докторите и министерот за здравство“, рече Стрезовски пред медиумите по завршувањето на трансплантацијата на срце на Клиниката за кардиологија која е втора во македонската историја.
Министерот за здравство Венко Филипче потсети дека органите на Белчевска овозможиле и трансплантација на два бубрези и за прв пат трансплантација на дел од коскениот систем.
Животот на Белчевска не можеше да се спаси, но семејството и покрај тоа што беше во шок, собра храброст и донесе хумана одлука. Станува збор за форма на болест која прави срцето слабо да пумпа, само 10 отсто, и не можеше да се вгради вештачко срце. Младиот Иле е буден, се чувствува добро, сите параметри се добри и се надевам дека добро ќе закрепнува, рече Филипче.
Значи, вистината, наспроти лагите изнесени во постот на Фејсбук е тоа дека девојката немала ковид-19. Лага е и тоа дека коронавирусот наводно не бил изолиран. Како што претходно во детали пишувавме, коронавирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година, пред повеќе од една година и три месеци!
Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.
Ова изолирање содржи инструкции за создавање на вирусните протеини, кои се основа за вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“.
И покрај тоа што на глобално ниво ковид-19 претставува причина за смртта на над 3 милиони лица, а инфицирани биле 141 милион случаи, во македонскиот Фејсбук простор со несмален интензитет се шират конспирациски теории и лаги за неговата природа, а во случајов се врши и злоупотреба на еден крајно алтруистички чин на хуманост на едно ожалостено семејство, кое во најголемата тага и болка решава да спаси други животи! Овие објави се тенденциозни и имаат за цел на сосема медицински неиздржан начин да пласираат тешки дезинформации кои се штетни по јавното здравје.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар