Лажна објава за наводни киднапери на деца во Скопје шири паника на Фејсбук

На фотографијата не се прикажани никакви киднапери на деца. Станува збор за стара фотографија која првпат се појавила во 2015 година во Романија, а лицата прикажани на неа се поврзуваат со џебни кражби. МВР демантира дека имало какви било обиди за киднапирање на деца. „Нема ниту едно одземено дете, ниту какви било киднапери“ , соопштија оттаму

На фотографијата не се прикажани никакви киднапери на деца. Станува збор за стара фотографија која првпат се појавила во 2015 година во Романија, а лицата прикажани на неа се поврзуваат со џебни кражби. МВР демантира дека имало какви било обиди за киднапирање на деца. „Нема ниту едно одземено дете, ниту какви било киднапери“, соопштија оттаму

 

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се тврди дека пет лица киднапери, се движат околу Скопје и се обидувале да грабнат деца.

ИЗВЕСТУВАЊЕ!

ОВИЕ 5 ДУШИ СЕ КИДНАПЕРИ НА ДЕЦА !

И се движат моментално околу Скопје, поточно Батинци!.

Денес имаше обид за грабнување на моите 2 внуки, но за среќа неуспешно.

Затоа апелирам до сите граѓани овие лица ако некој ги види да ги пријави во полиција!.

СПОДЕЛИ!!!!, пишува во објавата.

Во склоп на објавата е прикажана и фотографија од непознати лица за кои тврди дека се киднаперите.

Оваа објава за кратко стана многу вирална на социјалните мрежи и предизвика страв и паника кај граѓаните. Во момeнтот на нашата рецензијата, само 14 часа по пласирањето на ваквата панична содржина, таа има над 4.700 споделувања и речиси 300 коментари.

Во коментарите под објавата може да се забележат такви кои повикуваат полицијата веднаш да реагира и да ги уапси, некои се закануваат дека ако ги видат ќе ги истепаат на лице место, а има и такви кои тврдат дека ги виделе и ги убедуваат останатите во тоа. Жена раскажува, на пример, дека ќерка ѝ ги видела кога излегла од училиште да купи за јадење и дека едниот од нив ѝ извадил нож.

Нашата проверка покажа дека станува збор за стара фотографија која кружи на Интернет од 2015 година и се споделувала во слични објави на српски и на хрватски јазик, иако истата првично била поврзана со џебни кражби во Романија, а не со киднапирање деца.

Оваа фотографија со слична објава кружеше на хрватски јазик од 26 октомври 2023 година.

Внимавајте, овие луѓе крадат деца и ги продаваат за органи. Сега се во нашиот град  Загар (најверојатно се мисли на Задар – з.у.)…  Грижете се за вашите деца и не ги оставајте сами надвор. Споделете ја оваа објава за сите родители да ги видат и заштитат своите деца.

Како што пишува сајтот Мимикама, оваа фотографија првпат се појавила во Романија во 2015 година во врска со џебни кражби (овде) и 2016 година (овде). И двата написа се за џепчии во Темишвар (Романија).

Одговорот на статусот е огромен. Не само што објавата беше споделена речиси милион пати, туку доби и над 8.500 коментари. Вреди да се одбележи дека објавата беше дистрибуирана низ целиот свет, иако фотографијата што ја содржеше првпат стана позната во 2015 година и оттогаш постојано се споменува во врска со џебни кражби. Сепак, нема докази дека лицата прикажани на фотографијата се вклучени во киднапирање деца, трговија со деца или вадење органи, пишува Мимикама.

Во врска со оваа вирална објава, се огласија и од македонското Министерство за внатрешни работи, од каде апелираат граѓаните да не наседнуваат на дезинформации, нагласувајќи дека полицијата ја гарантира безбедноста.

Министерството за внатрешни работи ги демантира лагите кои некои лица ги пласираат преку социјалните мрежи за некакви наводни киднапери. Нема ниту едно одземено дете, ниту какви било киднапери. Апелираме да не се шират дезинформации по социјалните мрежи кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните. Полицијата е присутна насекаде и ја гарантира безбедноста на граѓаните, стои во соопштението на МВР објавено на Фејсбук.

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата е лажна и дека неосновано шири паника меѓу луѓето. На фотографијата не се прикажани никакви киднапери на деца. Станува збор за стара фотографија која првпат се појавила во 2015 година во Романија, а лицата прикажани на неа се поврзуваат со џебни кражби. МВР демантира дека имало какви било какви обиди за киднапирање на деца. Според тоа, истата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција