Лажни изјави за пиење крв од деца и педофилија, атрибуирани на Мел Гибсон и Тереза Меј

Фото: Принтскрин видео - колаж

Мел Гибсон никогаш не дал коментари за наводни кругови кои злоупотребуваат деца за крв и јадат детско месо, пишуваат странски проверувачи на факти, повикувајќи се на демант од неговиот публицист Алан Ниероб.  Во врска со делот од постот каде се вели дека Тереза Меј се залагала педофилите да може да посвојуваат деца, станува збор за стара и рециклирана дезинформација. Меј ниту кажала дека педофилите треба да посвојуваат деца, ниту, пак, го одобрила тоа

Мел Гибсон никогаш не дал коментари за наводни кругови кои злоупотребуваат деца за крв и јадат детско месо, пишуваат странски проверувачи на факти, повикувајќи се на демант од неговиот публицист Алан Ниероб.  Во врска со делот од постот каде се вели дека Тереза Меј се залагала педофилите да може да посвојуваат деца, станува збор за стара и рециклирана дезинформација. Меј ниту кажала дека педофилите треба да посвојуваат деца, ниту, пак, го одобрила тоа

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека актерот Мел Гибсон го шокирал светот зашто, наводно, изјавил дека светските владетели од сенка јадат бебешко месо и им ја пијат крвта. На глумецот му се атрибуира и  наводна изјава дека детската крв била толку популарна во Холивуд што претставувала како еден вид посебна валута, дека холивудската елита го јадела детското месо и тие луѓе веруваат дека ако детето пред смртта страда во телото и душата тоа ќе им дадело дополнителна животна енергија.

Овие луѓе напредуваат на детската болка, траума, стрес, злоупотреба и страдање. Бебињата им се најскапиот бренд, кокаинот, кавијарот и дијамантите се најскапи. Парите се вклучени во сето ова, немате поим колку пари. Тоа е мрачен култ на тајните друштва за програмирање и контрола на умот – изјави Гибсон.
Колку е изопачено тоа општество покажува и случајот со режисерот Џејмс Ган, автор на „Марвел“, кој гордо пишува дека е педофил, што се чини дека е нормално низ Холивуд. Поради неговите испади, тој беше отпуштен, но, дали се сомневате, набрзо беше вратен на работа преку задната врата, пишува во постот кој го рецензираме.

Исто така, споделени се и неколку фотографии од текстови во кои пишува дека на владетелите од сенка им е битно да се легализира педофилијата, исто како и хомосексуалноста,  и дека Тереза Меј се залагала педофилите да може да посвојуваат деца.

Меѓутоа, станува збор за комплетно фабрикувана и лажна изјава којашто Мел Гибсон никогаш не ја дал, ниту, пак, изјавил нешто слично или во слична конотација.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс,  во текст од 26 октомври 2022 година, станува збор за измислица. Портпаролот на Мел Гибсон за Ројтерс изјавил дека актерот никогаш нема кажано или напишано таква изјава, каква што се споделува во постот што го рецензираме, ниту, пак, кажал нешто слично.

Ниту пребарувачот Гугл не исфрлува резултати од таква непостоечка изјава на актерот. Станува збор за фабрикација, односно за измислен текст и измислена изјава која за првпат се има појавено на добро познатиот сајт за ширење дезинформации и теории на заговор Њуз Панч (сајтот претходно се викаше Your News Wire). Откако е објавен на Њуз Панч, текстот е избришан, ама архивирани верзии од него уште сведочат за невистинитата фабрикација.

Во текстот од Њуз Панч се тврдеше дека Мел Гибсон наводно ги дал овие коментари за детско месо и пиење крв на некакви елити во Холивуд во некаква зелена соба односно студио, откако се појавил на телевизија гостувајќи и зборувајќи за вистинската природа на Холивуд. Но, ни такво нешто не се случило.

Во врска со ова,  проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека горецитираната изјава не може да се пронајде во релевантни медиуми или каде било на друго место освен на сајтот Њуз Панч, познат по ширењето дезинформации и теории на заговор кои се вирални, но не се втемелени во реалноста и фактички не се поткрепени.

И проверувачите на факти на Франс Прес пишуваат дека Мел Гибсон никогаш не дал коментари за наводени кругови кои злоупотребува деца за крв и јадат детско месо, повикувајќи се на демант од неговиот публицист Алан Ниероб.

Исто така, не може да се најдат јавно достапни такви тврдења од Гибсон, што дополнително потврдува дека станува збор за измислена изјава. Се работи за изјава којашто е во комплетна корелација со наративите пласирани од теоретичарите на заговор на Кју Анон. Пракса е, нивните измислени стоирии за недокажани и непостоечки феномени кои се во суштина морбидни, секогаш по дефиниција вклучуваат некаква тајна групација која е против целиот свет, да бидат пласирани на социјалните мрежи во надеж дека многупати повторуваната лага ќе стане вистина.

Во врска со делот од постот кој се однесува на тоа дека Тереза Меј се залагала педофилите да може да посвојуваат деца, станува збор за стара и рециклирана дезинформација, за која проверувачите на факти на Фул Фект уште на 28 февруари 2019 пишуваат дека станува збор за невистина.

Во 2010 година професорката Helen Reece во текст во журнал по право, напишала дека треба да се релаксираат законите што им забрануваат на сексуалните престапници да посвојуваат деца. За ова извести Телеграф со наслов: „На сексуалните престапници вклучително и педофилите треба да им се дозволи да посвојуваат, и кажаа на Тереза Меј“.

Од лошиот превод на овој наслов, најверојатно произлегува и дезинформацијата дека Тереза Меј кажала дека педофилите требало да посвојуваат деца. Тереза Меј ниту кажала дека педофилите треба да посвојуваат деца, ниту, пак, го одобрила тоа.

Што се однесува на делот од постот дека на владетелите од сенка им е важно да се легализира педофилијата, не може да се најде европска регулатива во којашто педофилијата не е кривично дело. Како што пишува Еувсдисинфо, нема планови за легализирање на педофилијата, напротив, Советот на Европа и Европскиот парламент уште на 13 декември 2011 година усвоија Директива за борба против сексуалната злоупотреба и сексуална експлоатација на деца и детска порнографија, засилувајќи ја борбата против сексуалната злоупотреба на деца.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција