Левица го грабна мегафонот на Кремљ

Претставници на Левица на прославата во Москва по повод сто години од формирањето на советските пионери Фото: Официјален ФБ профил на Левица

Добар дел од јавноста веќе од поодамна ја перципира Левица како проруска партија, длабоко навлезена во пропагандната машинерија на Кремљ. Партијата ја користи терминологијата на Москва, па руската инвазија ја нарекува „специјална воена операција“. Пратениците на Левица лани во март, токму среде руската воена офанзива на Украина, имаа средба во Собранието со рускиот амбасадор Баздникин. Во периодот кога војната во Украина зема замав, делегација на Левица отпатува на парада во Москва, а имаше и средба со Комунистичката партија на Русија. Делегација на Левица, предводена од Димитар Апасиев, годинава се поклони на гробот на еден од најголемите диктатори во Европа по Втората светска војна, Енвер Хоџа. Нејасно е какви идеолошки мотиви наоѓа Левица во величењето на Хоџа, освен можеби неговата поврзаност со тогашниот СССР и Кина

Добар дел од јавноста веќе од поодамна ја перципира Левица како проруска партија, длабоко навлезена во пропагандната машинерија на Кремљ. Партијата ја користи терминологијата на Москва, па руската инвазија ја нарекува „специјална воена операција“. Пратениците на Левица лани во март, токму среде руската воена офанзива на Украина, имаа средба во Собранието со рускиот амбасадор Баздникин. Во периодот кога војната во Украина зема замав, делегација на Левица отпатува на парада во Москва, а имаше и средба со Комунистичката партија на Русија. Делегација на Левица, предводена од Димитар Апасиев, годинава се поклони на гробот на еден од најголемите диктатори во Европа по Втората светска војна, Енвер Хоџа. Нејасно е какви идеолошки мотиви наоѓа Левица во величењето на Хоџа, освен можеби неговата поврзаност со тогашниот СССР и Кина

 

 

Два настана деновиве ја ставија парламентарната партија Левица во центарот на скандалите и манипулациите. Во јавноста уште e свежа грдата слика од инцидентот во македонскиот парламент, кога двајцата пратеници на Левица го истурија гневот зашто не им беа прифатени околу 2.500 амандмани за измените на Деловникот за работа на Собранието. Тоагш пратеникот Борислав Крмов најпрво нервозно ги фрли ѕвончето и плстичното шише со вода што стоеја пред потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, а потоа го откорна мониторот (?!), го фрли на земја и почна да фрла со амандманите кон Мисовски.

Лошата копија на Хрушчов

Тензичната атмосфера ја комплетираше пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев кој со чевел „удираше печати“ на амандманите за измени на Деловникот, кои им беа отфрлени со обрзоложение дека не биле заверени. Претставата што  ја изведе Апасиев пред собраниската говорница наликуваше на лоша копија на приказната од 1960 година за поранешниот советски претседател Никита Хрушчов. Со децении се прераскажува – особено од оние повозрасните, инцидентот со трескање чевел за време на пленарната седница на Генералното собрание на ОН,  кога Хрушчов револтиран од  говорот на филипинскиот делегат, кој обвинил дека „Советскиот Сојуз ја проголтал Источна Европа и ги лишил луѓето од политичките и човековите права“, го соблекол чевелот и почнал да удира по масата. Иако, не е докрај јасно дали тоа навистина било така. Снимките на кои се гледа како Хрушчов мавта и удира со чевелот, некои ги сметаат за автентични, додека други тврдат дека се работи за одлична монтажа.

 

Ужасите на војната и лажните борци против нацизмот

Неколку дена пред дивеењето во Собранието, Левица преку манипулативно соопштение ја критикуваше С. Македонија дека во Генералното собрание во ОН гласала „против“ нацрт-резолуцијата за ,,Борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за поттикнување на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција“. За оваа нацрт-резолуција, предложена од Русија, Белорусија и Сирија, гласаа 112 земји, „против“ беа 50, меѓу кои и С. Македонија, а 14 земји гласаа „воздржано“.

Претставникот на Македонија во ООН – Љубомир Фрчковски гласаше ПРОТИВ оваа резолуција. Овој глас, како официјален став на Владата е силно загрижувачки, особено ако се земе во предвид моменталната ситуација внатре во државата, каде изминатите години сведочиме на отворање бугарските културни клубови, именувани по истакнати фашисти, каде се рехабилитираа опасни великодржавни идеи, актуелни од пред Втората светска војна, стои меѓу другото во реакцијата на Левица.

Но, во соопштението не се наведуваат причините зошто нашата држава била „против“.

Интересно е и тоа што Левица реагираше откако претходно тоа го стори руската амбасада на официјалниот профил на Фејсбук.

Северна Македониjа е во список на оние кои се против резолуцијата и не се против осуда на расизмот и глорификацијата на нацизмот и не сакаат да ја осудуваат ксенофобијата, пишува во објавата на амбасадата на Русија

Од ваквиот став, кој е на иста линија и со реакцијата на Левица, се добива сосема погрешен впечаток дека нашата земја го поддржува фашизмот, ксенофобијата и негува недемократски вредности.

За да се долови целата слика треба да се каже дека С. Македонија  гласаше исто како и членките на Европската Унија. Во образложението на ЕУ за гласањето „против“ нацрт- резолуцијата за борба против глорификацијата на нацизмот, се вели дека ЕУ силно ја осудува:

Политички мотивираната злоупотреба на наративот на антинацизмот и недвосмислено ја отфрламе неточната и несоодветна употреба на терминот „денацификација“ за да се оправда руската нехумана, сурова и незаконска агресивна војна против Украина…

Оттаму додаваат дека:

Под лажниот изговор дека се бори против нацизмот, Русија ги врати ужасите на војната во Европа, заедно со потсетувањето дека мирот не може да се земе здраво за готово.

Важно е да се каже и тоа дека Русија секоја година предлага ваква резолуција во ОН, ама откако ја започна војната во Украина демократскиот свет не дава поддршка на овој нејзин предлог.

Русија и лани предложи ваква резолуција  во Генералното Собрание на ОН, за којашто С.Македонија, исто така гласаше „против“, заедно со 51 друга земја, наспроти 15 „воздржани“ и 105 „за“. Левица и тогаш ја критикуваше власта, ја обвинуваше дека е квислиншка и дека не се противела на „глорификацијата на фашистичките идеи“, за што Вистиномер пишуваше во овој контраспин.

И овојпат повторно намерно се пропушта контекстот и не се кажува зошто нашата држава заедно со други земји не ја поддржала предлог-резолуцијата на Русија. На официјалната страница на Европската Унија е објаснето зошто ЕУ гласаше против оваа резолуција:

Денеска, под лажниот превез дека се бори против нацизмот, Русија ги донесе хорорите на војната назад во Европа, заедно со потсетувањето дека мирот не може да се земе здраво за готово.

Во 2020 година, пак, сите земји членки на ЕУ беа „воздржани“ при гласањето за предлог-ррезолуцијата на Русија, а истиот пример го следеше и С. Македонија.

САД, инаку, секоја година од 2005 до денес, гласаат „против“ оваа резолуција.

 

Кога Левица од „петни жили“ ја брани Москва

Не се ова изолирани случаи кога Левица се става на страната на Русија. Мнoгупати досега оваа партија го користи рускиот мегафон и од „петни жили“ го брани Кремљ, за што на Вистиномер може да се прочитаат повеќе текстови.

Партијата на Апасиев, на пример, ја фабрикува вистината за војната во Украина и ја користи терминологијата на Москва, па руската инвазија ја нарекува „специјална воена операција“, обидувајќи се да ја релативизира ситуацијата и да ја оправда воената агресија на Русија врз нејзиниот сосед.

Таков руски наратив може да се прочита и во соопштението од средбата (16.03.2022) на Апасиев и Крмов со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникинобјавено на партиската веб-страница и на официјалната Фејсбук страница на Левица. Како што беше соопштено, на деведесетминутна работна средба со рускиот амбасадор имало „посебен осврт на специјалната воена операција во Украина“, а бил ставен акцент и на процесот на „денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија“.

Интересно е што пратениците на Левица ја имаа оваа средба со рускиот амбасадор Баздникин во Собранието лани во средината на март, токму среде руската инвазија на Украина. (Ова е, инаку, втора средба на Апасиев со рускиот амбасадор Баздникин, првата официјална средба беше во април 2021 година, за време на ковид пандемијата,  исто така во Собранието).

За одбележување е и тоа што кога македонското Собрание на почетокот на март 2022 година ја усвои Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, Апасиев, Крмов и Иван Стоиљковиќ од ДПС, беа единствените кои гласаа „против“.

 

Левица на парада во Москва, па на поклонение на гробот на Енвер Хоџа

Во мај 2022 година, во периодот кога војната во Украина зема замав, делегација на Левица отпатува во Москва на средба со Комунистичката партија на Руската Федерација (КПФР), по повод сто години од формирањето на пионерската организација на Советскиот Сојуз. Од партијата тогаш соопштија дека нивната делегација учествувала на централната прослава организирана од КПРФ на Црвениот плоштад во Москва. Претставниците на Левица имале средба со лидерот на КПРФ, Генадиј Зјуганов, раководството на партијата и дел од пратениците во Државната дума.

Една година подоцна, (април 2023) делегација на Левица предводена од парискиот лидер, Апасиев се поклони на гробот на албанскиот диктатор Енвер Хоџа. За ова поклонение по повод годишнината од смртта на Хоџа на официјалната Фејсбук страница на Левица беа објавени неколку фотографии и соопштение, во кое се обидоа да ја оправдаат посетата на гробот на еден од најголемите диктатори во Европа по Втората светска војна. Човекот кој историјата го памети како сталинист, повеќе од 40 години ја држеше Албанија изолирана од светот, со негов налог се измачувани, прогонувани и убивани илјадници луѓе, а на државата ѝ остави „наследство“ од над 170.000 бункери.

Па оттаму, нејасно е какви идеолошки мотиви наоѓа Левица во величењето на Хоџа, освен можеби неговата поврзаност со тогашниот СССР и Кина.

 

На бранот на руската пропаганда

Добар дел од јавноста веќе од поодамна ја перципира Левица како проруска партија. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во една прилика, на брифинг со новинарите, ја обвини Левица дека работи во интерес на руската пропаганда:

За Левица имам свој став – тие не се македонска партија, туку партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против ЕУ и САД.

Османи тогаш, без да соопшти подетални информации, спомна и дека анализите на македонските институции покажале дека постои влијание врз политичари во Македонија преку финансирање на политички партии од Русија.

До такви сознанија дошол и Центарот за проучување на демократијата од Софија. Во својата анализа за ширењето на дезинформациите и дестабилизирањето на демократиите во Југоисточна Европа од страна на Москва, што ја пренесе порталот „Независен“ (март 2023 година), тврди дека дури шест милијарди долари од руски извори се слеале прикриено и илегално во македонските финансиски текови од 2000 до 2020 година. Во анализата, исто така, се посочува дека на малигно руско влијание не се имуни водечките медиуми и влијателни политички партии во регионот, како Левица во Македонија, Преродба и БСП во Бугарија, СНС и СПС во Србија, бугарската национална телевизија БНТ и РТРС во БиХ.

 

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција