Македонската химна при пречекот на шпанскиот премиер не беше изведена надвор од протоколот
Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија, согласно воениот и државен протокол, се ангажира при пречек на странски државници на највисоко ниво, при што секогаш и без исклучок се интонираат инструментални верзии на државните химни. Оттука, не може да се каже дека кој било стих од химната бил скратен бидејќи стихови воопшто не се изведуваат при вакви церемонии. Ова е воспоставена практика во протоколите за пречек, како во Северна Македонија, така и во светски рамки
Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија, согласно воениот и државен протокол, се ангажира при пречек на странски државници на највисоко ниво, при што секогаш и без исклучок се интонираат инструментални верзии на државните химни. Оттука, не може да се каже дека кој било стих од химната бил скратен бидејќи стихови воопшто не се изведуваат при вакви церемонии. Ова е воспоставена практика во протоколите за пречек, како во Северна Македонија, така и во светски рамки
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува медиумски напис со наслов „ВИДЕО Химната повторно скратена: Шпанскиот премиер не слушна за Крушевската република, Гоце Делчев и Питу Гули“. Написот е вирален, има 17 споделувања, повеќе од 170 реакции и над 140 коментари.
Текстот се однесува на посетата на шпанскиот премиер Педро Санчез Кастехон, односно на дочекот кој македонската Влада го приреди Санчез со највисоки почести. Во написот се наведува дека македонскиот премиер Димитар Ковачевски го пречекал гостинот и дека тие се упатиле на пултот каде пред Владата биле изведени двете химни.
Најпрвин шпанската а потоа и македонската. Но, нашата химна повторно беше скратена и од оркестарот на АРМ беше изведен само почетниот дел каде се говори за „Македонците кои се борат за своите правдини”. Но, делот во кој се говори за крушевската република, Гоце Делчев и останатите илинденски револуционери не беше изведен. Истото се случи и за време на посетата на премиерот на Бугарија Кирил Петков, стои во написот.
Меѓутоа, кога ќе се погледне видео материјалот од пречекот на шпанскиот премиер Санчез, кој во живо беше емитуван на 31 јули годинава, на денот на посетата, може да се чуе дека верзиите од двете химни, и од шпанската и од македонската се инструментални, односно немаат вокал.
Од 8.30 минута до 9.20 минута во видеото се изведува националната химна на Шпанија (инструментално, од страна на оркестар, без вокал), а веднаш потоа и националната химна на Република Северна Македонија (од 9.25 минута до 10.10 минута во видеото). Евидентно е дека станува збор за скратени верзии од двете химни. Времетраењето на изведбата на скратената верзија на шпанската химна е 50 секунди, а изведбата на македонската химна е 45 секунди, што претставува прилично изедначен пристап.
Потоа, продолжува протоколарниот дел од дочекот на шпанскиот премиер и двајцата државници кои влегуваат во Владата, со што завршува и преносот од дочекот во живо.
Во делот од постот каде што се вели дека шпанскиот премиер не го слушнал делот од македонската химна, каде се споменува Крушевската република, Гоце Делчев и останатите илинденски револуционери, односно делот во кој се укажува на тоа дека химната била „скратена” претставува пропуштање на контекстот затоа што не се наведени некои важни информации кои би ја доловиле фактичката ситуација, односно дека хиимните не се изведуваат вокално и дека како дел од протоколот химните се свират само инструментално.
Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија, согласно воениот и државен протокол, се ангажира при пречек на странски државници на највисоко ниво, при што секогаш и без исклучок се интонираат инструментални верзии на државните химни.
Оттука, не може да се каже дека кој било стих од химната бил скратен, бидејќи стихови воопшто не се изведуваат при вакви церемонии. Ова е воспоставена практика во протоколите за пречек, како во Северна Македонија, така и во светски рамки. Дека химните во вакви прилики се изведуваат без вокали и само во инструментална кратка верзија може лесно да се утврди при прегледување на снимките на сите претходни пречеци на државници на највисоко ниво кои ја посетувале Република Северна Македонија достапни на Јутјуб каналот на Владата.
На пример кога годинава, на 11 јуни во посета на Северна Македонија дојде канцеларот на Сојузна Република Германија Олаф Шолц, воениот оркестар на АРМ прво ја изведе германската па македонската химна (од 00.34 минута до 2.32 минута во видеото од тој дочек). Кога ќе се спореди интонацијата на македонската химна со таа од посетата на шпанскиот премиер, се доаѓа до заклучок дека станува збор за исто времетраење и ист дел од химната, без вокали, што значи дека оркестарот секогаш на ист начин ја изведува химната (и при посетата на Шолц изведбата на македонската химна трае 45 секунди).
Во текстот што го рецензираме, исто така се тврди дека и при посетата на премиерот на Бугарија Кирил Петков била скратена македонската химна. Петков во земјава дојде на 18 јануари и видеото од дочекот организиран пред владата за него може да се погледне на следниот линк. Повторно, и македонската и бугарската химна се изведени без вокали и во скратени верзии како што може да се види во видеото од тој дочек.
И тогаш дел од медиумите пишуваа дека наводно химната била скратена по што македонската Влада испрати демант во кој пишуваше:
Владата на Република Северна Македонија најостро ги демантира и ги отфрла како дезинформација објавените информации во повеќе медиуми и портали, за наводно намерно изоставање на одредени делови односно стихови од химната на Северна Македонија, за време на официјалниот пречек на претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков. Секогаш и без исклучок се интонираат инструментални кратки верзии на државните химни, а никогаш не се изведуваат верзии на химните во целост и со стихови и вокали. Оттука, дезинформација е дека химната односно стихови од химната биле скратени од кои било причини специфично за оваа посета. Владата бара медиумите и порталите кои ги објавија неточните информации во целост да го објават овој демант и да ја повлечат изнесената дезинформација, реагираше Владата.
На следниот линк можат да се видат примери и од други посети на странски државници, каде химните се изведуваат на идентичен начин.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека се пропушта контекстот во постот што го рецензираме кога се тврди дека од македонската химна шпанскиот премиер не чул за Гоце Делчев Питу Гули и Крушевската република, од причина што химната не се изведува со вокали, туку само инструментално и тоа во скратена верзија и таков е случајот протоколарно со сите посети и дочеци кои земјава ги прави за високи функционери а за кои е ангажиран оркестарот на армијата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар