Манипулација: НАТО не евакуира цивили од Израел

Државјани на С. Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија, евакуирани од Израел со авион на „Ер Србија“ .Фото: Принтскрин видео

НАТО не е поврзан со цивилната евакуација на граѓаните на земјите членки, вклучително и со граѓаните на Северна Македонија, туку тоа е обврска која ја земаа владите на секоја држава посебно. Летот на „Ер Србија“ со кој беа евакуирани македонските државјани од Израел, беше платен од буџетот на  С. Македонија, а за безбедното враќање во земјава, беа инволвирани повеќе службеници од македонските дипломатско-конзуларни претставништва во Тел Авив

НАТО не е поврзан со цивилната евакуација на граѓаните на земјите членки, вклучително и со граѓаните на С. Македонија, туку тоа е обврска која ја зедоа владите на секоја држава посебно. Летот на „Ер Србија“, со кој беа евакуирани македонските државјани од Израел, беше платен од буџетот на С. Македонија, а за безбедното враќање во земјава беа инволвирани повеќе службеници од македонските дипломатско-конзуларни претставништва во Тел Авив

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Граѓаните на „нашата земја“ се евакуираа од Израел со Ер Србија, а дел се привремено засолнети во босанската амбасада. We are NATO.

Во оваа манипулативна објава се пропушта контекстот. Фактот што летот со кој беа евакуирани македонски државјани, заедно со државјани на други соседни држави, е на „Ер Србија“, не значи дека НАТО некако требало да биде поврзан со евакуацијата или дека НАТО пропуштил да стори нешто.

Летот на „Ер Србија“ со кој беа евакуирани македонските државјани од Израел, беше платен од буџетот на Република Северна Македонија, а за безбедното враќање во земјава беа инволвирани повеќе службеници од македонските дипломатско-конзуларни претставништва во Тел Авив. НАТО не е поврзано со евакуација на цивили во странски држави. Како што може да се види и oд искуствата на земји кои се членки на НАТО, како, на пример, Германија, германска авио-компанија со два авиони ги евакуираше германските државјани заглавени во Израел, по нападот на Хамас кој се случи на 7 октомври.

Како што известува „Ројтерс“ два германски авиони одлетале за Израел и ги донеле назад германските државјани кои сакаат да го напуштат Израел, изјавил портпаролот на Министерството за одбрана на Германија, додавајќи и дека авионите не се дел од армиска евакуација.

Како што може да се види од текстот објавен од „Ал Монитор“, одговорот на македонската влада за евакуација на македонските државјани од Израел не се разликува ниту малку од одговорите на други земји членки на НАТО. Сите тие самите индивидуално, како посебни држави, преку своите влади, ги евакуираа своите државјани.

Италијанското министерство за надворешни работи организираше седум летови за да донесат во Италија 700 државјани на Италија.

Шпанското министерство за одбрана организираше авион во кој се евакуирани 200 државјани на Шпанија, како и државјани на ЕУ.

И владата на Грција организирала лет за грчките државјани.

Канадскиот министер за надворешни работи Мелани Џоли, во соопштение кажа дека владата планира да почне асистенција за евакуација на државјаните на Канада, пишува во текстот на „Ал Монитор“.

Портпаролот на Стејт Департментот, Мет Милер, во вторникот (10.10.2023) кажа дека владата на САД ќе почне да организира чартер летови за американските државјани и нивните блиски роднини за да излезат од Израел во петок, соопшти „Ал Монитор“.

Од овие информации, евидентно е дека секоја држава, земја членка на НАТО, самата се организирала суверено и внатрешно да ги евакуира своите државјани, а не како дел од некоја заедничка операција во која е вклучена целата Алијанса. Единствено, доколку во авионите има место, се дозволува влез и на државјани на друга земја на ЕУ.

Но, С. Македонија, за разлика од други земји членки на НАТО и на ЕУ, нема своја сопствена авио-компанија. Затоа транспортот беше организиран преку „Ер Србија“.

Мачеј Качоровски, нашиот дипломат и вршител на работи во Амбасадата во Тел Авив е херојот на евакуацијата на нашите државјани од Израел. Тој одигра клучна улога во извлекувањето на нашите државјани преку различни транспортни рути, неуморно координирајќи го целокупниот процес од почетокот па се до нивното безбедно враќање во Северна Македонија. Признание и за активностите на Кризниот штаб во МНР, нашата дипломатско-конзуларна мрежа и СОС тимот, кои придонесоа за успешна финализација на евакуацијата. Благодарност за нивниот континуиран ангажман и посветена работа за интересот и безбедноста на нашите граѓани во отежнати и воени услови, напиша министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.

Летот, како што информираше Министерството за надворешни работи на С. Македонија, е платен од Владата.

Со денешниот чартер лет од Тел Авив, кој беше организиран и платен од страна на Владата на Република Северна Македонија ги донесовме и преостанатите 67 наши државјани кои побараа асистенција за нивна евакуација од Израел. На истиот лет, излеговме во пресрет и на нашите пријатели, обезбедувајќи трансфер и на седум албански, седум црногорски и три бугарски државјани, наведе министерот за надворешни работи Османи.

Претходно, како што извести Дојче Веле, евакуирани беа 40 Македонци преку различни транспортни рути, четворица со лет до Атина, тројца за Јордан и двајца за Белград. Вистиномер не успеа да пронајде информација дека македонски државјани се засолнети во амбасадата на Босна и Херцеговина во Израел. Двајца македонски државјани се во појасот Газа и чекаат да заминат за Египет, па да се вратат во С. Македонија.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. НАТО не е поврзан со цивилната евакуација на граѓаните на земјите членки, вклучително и со граѓаните на С. Македонија, туку тоа е обврска која ја презедоа владите на секоја држава посебно.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција