Медиумските аспекти на известување за конфликтните состојби (примерот на Ирак)

12340782105_d3d64436ef_b
Разрушена наслеба во Алепо, Сирија. Фото: Фридом Хаус, јануари 2014

Проблем кој, исто така, се заканува, а се уште не е доволно разгледан во медиумите, се бегалците. Факт е дека граѓанските војни и верските судири продуцираат цивилни жртви, кои во обид да се спасат од налетот на неистомислениците, се обидуваат засолниште да најдат во бегалските кампови, во сопствената или соседните земји. Затоа, сосема се легитимни барањата од страна на меѓународната заедница сунитите да станат дел од власта во Ирак со што ќе се намалат причините за незадоволство на овој дел од населението

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Многу често аспектите на медиумското презентирање на определено прашање, проблем, состојба се премногу унифицирани. Ова посебно се случува ако станува збор за конфликти во кои се вклучени различни етнички групи или делови од народи кои припаѓаат на иста религија, но имаат поинакви приоритети. Внимателноста во известувањето е најчесто тоа што преовладува, па дури понекогаш од премногу обѕир се заборава која е суштината на медиумите: да се пренесуваат фактите – независно, непристрасно, без да се сугерира дека сте на нечија страна и, се разбира, без разлика дали сите ќе бидат задоволни од тоа што ќе го прочитаат.

На такви аспекти ќе наидете ако редовно ги следите информациите за состојбите во Ирак, каде разгоруваат судирите меѓу верските секти – сунити и шиити. Во текстот на порталот на А1Он ќе прочитате дека:

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун предупредува на можност за појава на масовно секташко насилство во Ирак.

На порталот Точка стои дека се вооружуваат и цивили, односно дека дури и деца земаат оружје во рацете за да се спротивстават на пробојот на сунитските милитанти кон поголемите градови во земјата. Радио Слободна Европа ,Канал 5, Телеграф и уште некои други медиуми аспектот на известување и анализа на борбите во Ирак го насочува кон согледување на проблемот како регионално прашање, кое треба да се реши со поголема ангажираност на САД ,Турција, Сирија и сите други засегнати земји и меѓународни организации.

Се разбира, неизбежни се анкетите кои покажуваат дали јавноста во определени земји (САД, пред сѐ) е „за“ или „против“ ангажманот во Ирак при што е очигледно дека ако државната власт ги слуша своите граѓани ќе ги игнорира во целост повиците за ангажман во оваа земја, бидејќи најголем дел од населението (75%) е против и сметаат дека војната не би била вредна за цената која значи губење пари и човечки животи во Ирак.

Уште еден аспект е специфичен, а тоа е известувањето за заканите кои ги добиваат немуслиманите, односно фактот дека теророт е проширен, покрај врз шиитите, и врз христијаните кои живеат на овие простори, од страна на припадниците на движењето на Исламската држава на Ирак и Сирија, (ИСИС на англиски), кои од страна на меѓународната јавност се третирани како сунитски фундаменталисти.

Според анализата на Радио Слободна Европа проблемот е многу покомплексен, бидејќи сунитското население се смета дека е прогонувано од страна на режимот на шиитската влада во Ирак. Проблем е и т.н. антитерористички закон донесен по соборувањето на Садам Хусеин како последица на чија примена сунитите на можат да се вработат во јавните институции. Summa summarum се сведува на промената на моќта во земјата и нејзината нерамноправна распределба. Сунитите беа привилегирани и доминантни во времето на Хусеин, а сега тоа се нивните браќа од шиитското мнозинство.

Милитантите предводени од ИСИС се залагаат за воспоставување на исламски калифат врз основа на екстремното толкување на муслиманското религиозно право, а БААС се залага за секуларен Ирак предводен од сунитите.

Не може да се избегне ниту аспектот на безбедносното прашање на странските работници во Ирак. Имено, Нетпрес известува за состојбата со вработените во германските фирми во Ирак, кои во најголем дел се повлечени, иако:

„Кога пред 2 години почнавме со работа, ни велеа дека тука е најбезбедно, бидејќи подрачјето се наоѓа на крајниот запад, непосредно пред сириската граница. Токму ова подрачје сега го контролира Ал Каеда и ИСИС“.

Германската економија во последните години посебно се ангажираше во областите како што се логистика, градежништво, производство и снабдување со струја и има околу 300 германски фирми кои работат во оваа земја. Од 2008 интересот на германските фирми во Ирак значително порасна. Сепак, мора да се каже дека во последно време опаѓа интересот на фирмите поради влошената безбедносна ситуација и тешко дека ќе го достигне извозот кој го има во другите земји од арапскиот свет (Обединетите Арапски Емирати -10 милијарди и Саудиска Арабија – 9 милијарди евра).

НАТО , Русија и ООН од свој аспект ги разгледуваат можните опции за решавање на проблемот во Ирак. Радио Слободна Европа во текстот Состанок во НАТО за кризата во Ирак известува за силна американска поддршка, но побара и ирачките лидери да ги преземат сите неопходни чекори за да останат обединети против милитантите.

Русијапреку својот претставник во ООН смета дека

„Советот за безбедност на ОН треба да го реши проблемот со илегалниот извоз на нафта од терористи во Ирак и Сирија, бидејќи приходите од илегален извоз на нафта од Ирак и Сирија се користат за финансирање на тероризмот во регионот, вклучително на џихадистичката организација Исламска држава Ирак и Сирија.“

Вечер пренесува информација од Дејли Мејл според која:

„Милитантна група во Ирак тврди дека го заробиле и го убиле судијата кој поранешниот ирачки водач Садам Хусеин го осуди на смрт со бесење. Судијата Рауф Абдул Рахман, наводно, е заробен од Исламска држава Ирак и Сирија” (ИСИС), а бил убиен во знак на одмазда затоа што во 2006 година донесе смртна пресуда за ирачкиот диктатор Хусеин. Убиството на судијата се уште не е официјално потврдено од ирачката Влада, но државни официјални лица потврдиле дека уште минатата недела Рахман бил заробен.“

Проблем кој, исто така, се заканува, а се уште не е доволно разгледан во медиумите, се бегалците. Факт е дека граѓанските војни и верските судири продуцираат цивилни жртви, кои во обид да се спасат од налетот на неистомислениците, се обидуваат засолниште да најдат во бегалските кампови, во сопствената или соседните земји. Затоа, сосема се легитимни барањата од страна на меѓународната заедница сунитите да станат дел од власта во Ирак со што ќе се намалат причините за незадоволство на овој дел од населението. На тој начин ќе станат дел од оние кои можат да го решат проблемот, а не тие кои го создаваат.

Сосема разумен е ставот на Државниот секретар на САД, кој вели дека бројот на војници кои неговата земја ќе ги прати во Ирак се далеку од доволно и е спротивно на првичниот став дека САД нема да праќа војска во Ирак, но не смее да се занемари фактот дека некој убива луѓе и врши масовни масакри. Секој кој има можност мора да стори барем нешто тоа да се спречи.

Меѓутоа, медиумите се обидуваат во своите текстови ваквите „промени“ во ставовите на светските лидери да ги третираат како „шокантни“ пресврти. Дневник во рубриката Актуелно под наслов САД и Иран станаа сојузници во Ирак извлекува заклучок за непринципиелната политика на оваа земја во Сирија и Ирак:

„Kако ќе објасни дека во исто време индиректно ги поддржува ИСИС во Сирија, а планира да се бори против него во Ирак? Можеби оттука и двоумењето околу следниот потег или отфрлањето на можноста од испраќање копнени трупи, кои на терен ќе станат цел на сопственото, американското оружје што Обама го прати во Сирија.“

Дури на некој начин и ја потенцира сензационалноста на состојбите поради можноста дел од војниците на ИСИС од Европа да ги дестабилизираат и земјите од кои доаѓаат по нивното враќање назад.

Напомена: Како и во светските, така и во македонските медиуми, милитантната сунитска организација Исламска држава на Ирак и Сирија е именувана со различни имиња и кратенки со оглед на тоа што станува збор за релативно нова организација, чие име не е стандардизирано ниту на меѓународен план, ниту во земјава. Имињата кои можат да се најдат, покрај горното, се: Исламска држава на Ирак и Голема Сирија, Исламска држава на Ирак и Левантот, а кратенките, покрај ИСИС, се и ИСИЛ или преводот на македонски ИДИЛ. ИДИС и слично. Сервисот за проверка на факти во медиумите ќе го користи името Исламска држава на Ирак и Сирија и меѓународната кратенка ИСИС од причини на едноставност, поголема препозналивост, како и заради фактот што ова име и оваа кратенка се најчесто употребувани во светскиот печат.

(крајот во следното продолжение)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција