Мета факт: Бавно се одвива изградбата на велосипедски парк околу Велес и обновата на Градскиот парк со тартан патека

Градскиот парк во Велес; Фото: Мета.мк

„Во тек е изготвување на проектна програма за распишување на тендерска постапка за проектирање на проектот “Реконструкција на Градски парк со поставување на тартан патека во должина од 800м” со средства од Општина Велес. Преку УНДП се обезбедени средства за изработка на проектна документација за Велосипедски парк околу Велес“, информираат во кабинетот на градоначалникот Марко Колев

Во периодот на предизборието пред локалните избори во октомври 2021 година, кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ во Велес, Марко Колев вети дека ако ги добие изборите, тој ќе го реконструира Градскиот парк во Велес со поставување тартан патека во должина од 800 метри, како и дека ќе направи велосипедски парк околу Велес. Овие посочени проекти се во почетна фаза на реализација, така што ветувањата засега ги оценуваме дека се вo тек на реализација.

Имено, во неговата објава на Фејсбук од 3 октомври 2021 година, меѓу мноштвото наведени ветувања, го пишува следното:

„Промоција на победничката програма за Велес на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Гарантираме и се обврзуваме за реализација на: Велосипедски парк околу Велес, како и на реконструкција на Градски парк со поставување на тартан патека во должина од 800 метри“. 

Meта.мк побара информации од Општина Велес во врска со овие ветувања од кабинетот на градоначалникот Колев. Прашавме дали во овој момент се реализирани овие два проекта, а побаравме и информации околу реализацијата на истите (колку чинат, кога се очекува да завршат, како е предвидено да изгледа велосипедскиот парк во Велес). Како одговор од велешките општински власти го добивме следното:

„Ве информираме дека во тек е изготвување на проектна програма за распишување на тендерска постапка за проектирање на проектот “Реконструкција на Градски парк со поставување на тартан патека во должина од 800м” со средства од Општина Велес. Преаку УНДП се обезбедени средства за изработка на проектна документација за велосипедски парк околу Велес. Со оглед на тоа дека посочените проекти се во почетна фаза, не сме во можност да ви одговориме колку чинат, кога се очекува да завршат и подетални информации за истите, бидејќи одговор на вашите прашања ќе имаме по изготвување на проектната документација“. 

Врз основа на одговорите до кои дојде Мета.мк, можеме да заклучиме дека во овој момент ветените проекти не се реализирани на терен. Но, општинското раководство има рок до крајот на нивниот мандат за да бидат исполнети, при што подготвителните активности за нивна изведба веќе се започнати, така што реализацијата на ветувањата дадени пред Велешани дека ќе имаат обновен Градски парк и нов велосипедски парк околу Велес оценуваме дека се во тек на реализација.

 

ИЗВОРИ: 

Oбјава на Фејсбук профилот на градоначалникот Марко Колев (3.10.2021 година), проверено на 17.07.2023 година;

Република (3.10.2021 година): Текст објавен на Колев: Изработка на ГУП, подземна гаража и Градски плоштад, нова индустриска зона – ова е победничката програма за Велес, проверено на 17.07.2023 година.

Доставени одговори од Општина Велес до Мета.мк

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција