Мета-факт: Гасоводот Скопје-Тетово требаше да се заврши годинава, но сè уште не се решени имотните прашања

Фото: НЕР АД Скопје (http://mer.com.mk)

Не е готов гасоводот од Скопје кон Тетово, кој се брзаше да биде направен и заради кој се ископа сртот на планината Водно. Иако беше најавено дека оваа гасоводна делница ќе биде завршена оваа година, сепак изградбата е сè уште заглавена во решавање на имотно-правни односи и ваквото ветување е во тек на реализација и не е сигурно дали ќе биде комплетиран до крајот на годинава.

 

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на 1 март годинава изјави дека до крајот на 2023 година ќе биде завршена изградбата на гасоводот од Скопје до Гостивар.

„Го завршивме гасоводот во декември до Битола, а годинава ќе завршиме и со кракот кон Гостивар“, изјави Бочварски на 1 март годинава.

Сепак, неколку месеци подоцна, како што за Мета.мк информира директорот на Номагас Бајрам Реџепи, магистралниот гасовод со месеци е блокиран со изградба на потегот Скопје-Тетово заради нерешени имотно-правни прашања за две парцели во скопското село Глумово, заради кои за случајот е отпочнат и судски процес.

„Гасоводот од Скопје до Тетово е готов 95 отсто и е изграден за година и пол. Но, исто година и пол се мачиме на суд да го решиме проблемот со овие две парцели“, вели Реџепи.

Тој посочува дека заради проблемите со експропријација со кои се соочиле на делницата кон Тетово, на овој потег решавањето на имотните прашања започнало две години однапред, па сега над 90 отсто се веќе разрешени.

Гасоводната делница Скопје-Тетово-Гостивар е во должина од 86 километри, а првичната предвидена вредност за неговата изградба изнесуваше 29 милиони евра. Неговата изградба започна на 15 март 2017 година, а првично беше ветувано дека градежните работи ќе завршат во рок од две години.

Врз основа на добиените изјави од директорот на Номагас за актуелната фаза во која се наоѓа изградбата на гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар, можеме да заклучиме дека и покрај тоа што постапката за неговата изведба е во тек, зададениот краен рок за завршување на оваа делница во неколку наврати веќе е пробиен, а постои опасност поради нерешените имотно-правни односи да биде пролонгиран и по крајот на 2023 година.

 

ИЗВОРИ:

Вечер.прес (03.01.2023 година): Завршува градбата на гасоводната делница Скопје-Гостивар и старт на интерконекторот со Грција, проверено на 9.10.2023 година;

МКД.мк (15.3.2017 година): Почна изградбата на гасоводот Скопје-Гостивар, проверено на 9.10.2023 година;

Либертас (6.11.2020 година): Гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар готов до втората половина на наредната година, проверено на 9.10.2023 година;

Бизнис Вести (1.3.2023 година): Бочварски: Инвестиции во инфраструктура и модерни системи за поврзување на регионот, проверено на 9.10.2023 година.

Мета.мк

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција