Мета факт: Младите не добија посебна квота за субвенции за велосипеди во Општина Центар

Фото: Архива на Мета.мк

Предизборното ветување на градоначалникот Горан Герасимовски за воведување на субвенции за еколошки превоз на младите, преку воведување на посебна квота за лица до 29 години во рамките на редовните повици за субвенционирање на велосипеди и електрични тротинети засега е неисполнето

 

Скопската општина Центар до денес нема воведено посебна квота за млади до 29 години во рамките на редовните повици за субвенционирање на велосипеди и електрични тротинети кои ги објавува за граѓаните на оваа општина секоја година. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски во предизборната програма пред локалните избори во 2021 година вети субвенционирање на еколошки превоз за младите, но ова предизборно ветување не е реализирано до денешен ден на начинот на кој беше ветено.

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски на 22 октомври 2021 година изјави дека за младите во оваа скопска општина планира да воведе субвенционирање на еколошки превоз. Притоа, во неговата предизборна програма е најавено дека во рамките на редовните повици за субвенционирање на велосипеди и електрични тротинети ќе се воведе квота за млади до 29 години. 

Мета.мк направи увид во јавните повици кои ги објавила Општина Центар во 2022 и 2023 година за доделување на поединечна субвенција на жителите за купување на велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети. Притоа, на ниту едно место во јавните повици во изминативе две години не е наведено дека постои посебна квота за младите до 29 години за стекнување со субвенции на 30% од цената за купување нов велосипед, е-велосипед и е-тротинет, односно на субвенции до 3.000 денари.

Попрецизно, јавните повици се отворени за секој жител на Општина Центар постар од 18 години, но никаде во јавниот повик не е наведено дека дел од средствата се загарантирани за млади до 29 години, како што беше наведено во предизборната кампања од градоначалникот на Општина Центар. Ниту во официјалното барање за доделување на субвенција што треба да се приложи од секое заинтересирано лице нема посебна ставка, каде што треба да се наведе дека станува збор за младо лице на возраст до 29 години.

Општина Центар есенва за првпат објави јавен повик за доделување поединечна субвенција за жителите на Општина Центар, за купување на дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед и е-тротинет во 2023 година. Притоа, локалната самоуправа информираше за резултатите од минатогодишниот јавен повик за проектот „Центар на точак“, кога субвенции искористиле 134 жители за да купат нов велосипед и седум жители за набавка на нов тротинет.

Од Општина Центар за Мета.мк објаснуваат дека имаат уште две години за реализација на ова предизборно ветување, кое всушност се исполнува преку моменталните субвенции кои ги имаат воведено, а кои функционираат по принципот „прв дојден прв услужен“.

„Од наше искуство од праксата, квотата е и повеќе од исполнета но најчесто во име на младите аплицираат повозрасните членови на семејството кои имаат повеќе време за тоа. Секоја година се зголемува бројот на субвенции за еколошки превоз и тоа  можеме да кажеме е една од најсилните точки во нашето работење. Во неколку наврати, градоначалникот упати повик до младите да се пријавуваат за овие субвенции и тоа ја става нашата општина на местото на највело општина во скопскиот плански регион“, велат од Општина Центар.

Од Општина Центар додаваат дека во последниве две години има намален број на апликанти за субвенциите и очекуваат од медиумите да даваат поголема поддршка за оваа цел.

Следствено на сите погоре изнесени сознанија, предизборното ветување на градоначалникот Горан Герасимовски за воведување на субвенции за еколошки превоз на младите, преку воведување на посебна квота за лица до 29 години во рамките на редовните повици за субвенционирање на велосипеди и електрични тротинети е неисполнето до денес. Треба да се напомене дека станува збор за предизборно ветување за градоначалничкиот мандат за периодот 2021-2025 година, така што Општина Центар има можност ваквото ветување да го исполни во редовните повици до граѓаните за проектот „Цел Центар на точак“ во 2024 и 2025 година.

 

ИЗВОРИ:

СДК (4.11.2023 година): Општина Центар дава субвенции за е-велосипеди, тротинети и за кациги и седишта за деца, проверено на 11.12.2023 година;

Радио МОФ (2.11.2021 година): [Интерактивна мапа] Што ветија новите градоначалници за младите?, проверено на 11.12.2023 година;

Општина Центар, Јавен повик за доделување на поединечна субвенција на жителите на Општина Центар – Скопје, за купување велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети во 2023 година, проверено на 11.12.2023 година;

Општина Центар, Започна проектот „Цел Центар на точак“, субвенции за велосипеди, Е-велосипеди и Е-тротинети за 2022 година, проверено на 11.12.2023 година;

Канал 5 (22.10.2021 година): Герасимовски: Двојно помалку трошоци за градинка и оброк на училиште за родителите во Центар, проверено на 11.12.2023 година;

Одговори од Општина Центар.

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција