Мета факт: Наместо подобри услови и аквариум, скопската Зоолошка доби салмонела и смени на директори

Фото: ЗОО Скопје

И покрај ветувањата, скопската Зоолошка градина засега нема добиено нов аквариум, а воедно и го изгуби кандидатскиот статус за членство во ЕАЗА

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во својата програма а во однос на работата на Зоолошката градина, вети дека „нехуманите живеалишта ќе заминат во историјата“, но и дека ќе воведе нови содржини, како што е изградбата на аквариум.

Сепак, и покрај ветувањата, скопската Зоолошка градина засега нема добиено нов аквариум, а воедно и го изгуби кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Поради низа неспроведени проекти, но и често менување на директори, земјава беше тргната од мапата на членки и кандидати за членки.

Во програмата на Арсовска, кога се кандидираше за градоначалник на Скопје пишуваше:

„СКОПЈЕ ЗОО – НОВ АКВАРИУМ
Градот Скопје во следниот период ќе работи на изградба, модернизација и подобрување на условите за престој на животните во ЗОО Скопје.
Нехуманите живеалишта заминуваат во историјата, а ќе ги искористиме и просторите за воведување нови содржини – како аквариум, едукативни катчиња, како и програма за имплементирање посети за деца со попречености. Поттикнување на волонтерската работа во ЗОО Скопје, викенд настани, ТВ емисии и видеа на социјалните мрежи само ќе ја дополнат улогата како општествено одговорно јавно претпријатие“.

Мета.мк викендов ја посети скопската Зоолошка градина и можевме да се увериме дека нов аквариум не е изграден, а вработените што ги затекнавме во близина ни изјавија дека засега нема најава за такво нешто.

Во меѓувреме, се случија и низа други настани. Изби скандалот што го објави „Мета“, дека во дворот на Зоолошката градина се колат десетици коњи, добиени од Агенцијата за управување со одземен имот, и им се даваат како храна за животните. По ова, разрешен беше тогашниот директор Кристијан Стаменов и поставен нов – Драган Илиевски. Дека неговото поставување е незаконско се изјасни Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи, според антикорупционерите, Арсовска именувала лице кое не било вработено во оваа јавна установа што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура, кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци. Потоа, за само една година, на ова место беше поставен нов, трет директор, овојпат од редот на вработените.

Набрзо потоа, стигна и веста дека земјава го загубила кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Како што веќе беше објавено, причините за губање кандидатски статус било прекин на комуникацијата со ЕАЗА во изминатиот период, двегодишна стагнација на Зоолошката, неизградениот аквариум и честото менување директори.

Во наредните 8 години Зоолошката нема право да аплицира за биде кандидат за членка, што значи дека нема да може да соработува со ниедна европска зоолошка, ниту пак со кандидати за членови на ЕАЗА. Нема да може да добива животни како што тоа беше случај во изминативе години. Мета.мк се обрати до ЕАЗА, но не добивме одговор. Сепак, потврда за губењето на членството е и фактот што земјава е тргната од мапата на земји-членки и на земји со кандидатски статус за ЕАЗА.

Принтскрин, eaza.net

Неодамна, жирафата Каспер, долгогодишен омилен жител на ЗОО Скопје, угина од инфекција „салмонела“. Според патохистолошката анализа од Факултетот за ветеринарна медицина, констатирано е дека оваа инфекција била пронајдена во желудникот на жирафата, црниот дроб, слезината и цревата. Притоа, во цревата биле најдени и паразити.

Поради сето ова погоренаведено, оценуваме дека ветувањата на Арсовска во однос на скопската Зоолошка градина, не се остварени. 

 

ИЗВОРИ:

Програма за модерно Скопје на кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, проверено на 24.07.2023 година;

Мета.мк (14.07.2022 година): Во Зоолошката градина за два дена убиени се повеќе од 10 коњи и мазги за храна за лавовите, проверено на 24.07.2023 година;

Мета.мк (14.07.2022 година): Градоначалничката на Скопје го разреши директорот на Зоолошката градина, проверено на 24.07.2023 година;

Мета.мк (19.07.2023): Антикорупциска со кривична против Данела Арсовска дека незаконски назначила директори на МКЦ и ЗОО Скопје, проверено на 24.07.2023 година;

Сдк.мк (20.06.2023): Скопската зоолошка го изгуби кандидатскиот статус за членство во европската асоцијација на зоолошки градини, проверено на 24.07.2023 година;

Макфакс (05.06.2023): Жирафата Каспер пцовисала од салмонела во скопската Зоолошка градина, проверено на 24.07.2023 година.

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција