Мета факт: Не е исполнето ветувањето за изработка на проект за пруга до скопскиот аеродром
Земјава се приклучила на иницијативата на Србија и на земјите од регионот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, во чија прва фаза е планирана изградба на брза пруга од Табановце до Скопје со крак до скопскиот аеродром, но конкретни рокови од Министерството за транспорт и врски не соопштуваат
Владата во својата програма за работа за периодот до 2024 година вети дека ќе изработи проектна документација за изградба на нова пруга од Миладиновци до Меѓународниот аеродром Скопје. Ова ветување до ден денеска е неисполнето, а наредната година како краен рок за завршување на обврската нема да се испочитува, бидејќи допрвo ќе се бараат средства од ЕУ за техничката документација за проектот.
Во Програмата за работа на Владата на РСМ за периодот 2022-2024 година, на страница 18, напишано е владиното ветување дека ќе се изработи проектна документација за нова пруга од Миладиновци до Меѓународниот аеродром Скопје. Ова владино ветување се провлекува веќе подолг период наназад, но никако да се изработи целокупната документација за изградба на пруга со која ќе се воведе аеродромски воз.
Од извршната власт прво беше ветено дека до 2024 година ќе се изгради новата пруга од Миладиновци до Меѓународниот аеродром Скопје. На 30 август 2020 година беше изгласана новата влада од тогашниот премиер Зоран Заев, при што изведбата на пругата влезе во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2020-2024 година. Во меѓувреме, со ревидираната владина програма за работа за периодот 2022-2024 година се промени и ветувањето, па наместо изградба на пругата што првично беше ветена во 2020 година, сега стои дека ќе се изработи единствено проектна документација.
Мета.мк на 17 ноември 2021 година објави текст, во кој е наведена изјавата на тогашниот директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ, Хари Локвенец, кој објасни дека нивните очекувања биле да отпочнат градежните работи на терен за пругата до скопскиот аеродром на крајот од 2022 или почетокот на 2023 година, а проектот да се заврши во рок од една година. Сепак, на крајот од 2023 година, актуелната состојба е дека за пругата што треба да го поврзе Скопје со ближниот аеродром нема ниту проектна документација, ниту пак се изведуваат градежни работи на терен.
Во април годинава, Мета.мк повторно пишуваше за ова владино ветување, при што објаснувањето што го добивме тогаш од Министерството за транспорт и врски беше дека се чека одлука на Европската Унија за обезбедување средства за изградба на ветената пруга до скопскиот аеродром и дека ЈП за железничка инфраструктура ќе треба да аплицира за овој проект во рамките на Секторската оперативна програма за ИПА на ЕУ за периодот 2024-2028 година.
Мета.мк за потребата за изработка на овој текст повторно се обрати до Министерството за транспорт и врски, при што добивме едно поинакво објаснување за реализацијата на проектот. Имено, земјава се приклучила на иницијативата на Србија и на земјите од регионот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, во чија прва фаза е планирана изградба на брза пруга од Табановце до Скопје со крак до скопскиот аеродром.
„За оваа иницијатива поддршка ќе побараме од нашите партнери од Европска Унија. Во тек е потпишување на Меморандум за соработка помеѓу министерствата на Република Северна Македонија и Република Србија и со него е опфатен и крак до Меѓународниот Аеродром Скопје. Во тој меморандум е предвидено за техничка документација со соседната држава да се бараат грант средства од ЕУ“, се наведува во одговорот од Министерството за транспорт и врски.
Ова практично значи дека најпрво ќе се потпише Меморандум со Србија за изградба на брзата пруга, а потоа ќе се бараат финансиски средства од ЕУ. Дури потоа би следело распишувањето на тендер за изготвување на проектна документација, вклучувајќи ја и онаа за ветената пруга до скопскиот аеродром. Ако се земе во предвид дека за секоја од овие фази се потребни минимум по неколку месеци, тогаш реализацијата на владиното ветување дека ќе биде изработена проектна документација за нова пруга од Миладиновци до скопскиот аеродром е неизводливо да се оствари до крајот на 2024 година.
Откога ќе биде потпишан меморандумот со Србија, ќе бидат потребни неколку месеци за да се обезбедат средства од ЕУ, доколку воопшто Унијата се одлучи да го поддржи проектот. Дури потоа, би следело објавувањето на тендерската постапка, која по правило трае неколку месеци, а потоа ќе биде потребен и подолг период за проектантите да си ја завршат својата обврска за изготвување на документацијата. Притоа, тука треба да се земе во предвид и фактот дека во С.Македонија наредната година ќе се одржат парламентарни и претседателски избори, кои исто така може да влијаат врз темпото на реализација на овој проект.
Поради сето ова, можеме да оцениме дека владиното ветување за изработка на проектна документација за изградба на пруга од Миладиновци до скопскиот аеродром во периодот до 2024 година е неисполнето до денес, а нема ниту реална основа да биде завршено за период од речиси една година од денес.
ИЗВОРИ:
Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година, проверено 06.11.2023 година;
Мета.мк (31.8.2020 година): Изградбата на пругата до скопскиот аеродром вметната во владината програма за работа до 2024 година, проверено на 06.11.2023 година;
Мета.мк (17.11.2021 година): Век и половина Македонски железници: До крајот на 2023 година пруга до скопскиот аеродром, проверено на 06.11.2023 година;
Мета.мк (19.4.2023 година): Ќе чекаме европски пари за да градиме пруга до скопскиот аеродром, проверено на 06.11.2023 година;
Одговори добиени од Министерство за транспорт и врски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар