Мета факт: Не е изградена катна гаража за решавање на проблемот со паркирање во Автокоманда

Проблемот со недостиг на паркинг места во Автокоманда е воочлив дури и во доцните попладневни часови; Фото: Мета.мк, 13.6.2023 година

Мета.мк кон средина на јуни 2023 година направи обиколка на скопската населба Автокоманда, во која не успеавме да ја лоцираме како изградена ветената катна гаража за решавање на проблемот со паркирање за граѓаните

Градоначалникот на скопската општина Гази Баба, Бобан Стефковски пред одржувањето на локалните избори во 2021 година на жителите од населбата Автокоманда им вети изградба на катна гаража, со која ќе се реши проблемот со недостаток на паркинг места. Сепак, ваквото предизборно ветување на градоначалникот до ден денес не е исполнето, а општинските власти не сакаат да одговорат на прашањата поврзани со даденото изборно ветување.

Пред гласањето на локалните избори, актуелниот градоначалник на Гази Баба Стефковски на 7 септември 2021 година изјави дека ќе понудат решенија за сообраќајниот метеж и недостатокот на паркинг места што ги оптеретува жителите од урбаните населени места.

„Предвидуваме изградба на катни гаражи во Автокоманда и Ченто и нови паркинг површини во урбаните средини“, изјави градоначалникот Бобан Стефковски при презентирањето на неговата кандидатура од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквото ветување, како тогашен кандидат за градоначалник, Стефковски го повтори и при гостувањето во емисијата „Јади бурек“ на 7 октомври 2021 година:

„Со сообраќајот со паркирање, решенија за урбаните средини, проширување на паркинг местата, изградба на катни гаражи во Автокоманда и во Ченто, една катна гаража во Автокоманда и една катна гаража во Ченто“, изјави тогаш градоначалникот Стефковски.

Мета.мк се обрати до Општината Гази Баба со прашање до каде е исполнувањето на ветувањето за изградба на катна гаража во скопската населба Автокоманда. На 5, 8 и 12 јуни по електронска пошта до официјалниот мејл на градоначалникот и до одговорното лице за односи со јавност во општината испративме мејл со прашањата за тоа кои активности досега се реализирани за исполнување на предизборното ветување на градоначалникот, што од проектната документација досега е изработена за изградба на катната гаража, на кој начин ќе се гради катната гаража, колку ќе чини и кои се планираните рокови за почеток на градежните работи и за ставање во функција на катната гаража. Одговори на поставените прашања не добивме од општинските власти.

Мета.мк на 13 јуни 2023 година направи обиколка на скопската населба Автокоманда, во која не успеавме да ја лоцираме како изградена ветената катна гаража за решавање на проблемот со паркирање за граѓаните. Она што можевме да го забележиме на терен е дека во оваа населба навистина има проблеми со паркирањето поради недостигот на доволен број паркинг места. Проблемот е присутен и во доцните попладневни часови кога ја направивме обиколката низ населбата.

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски во последното интервју дадено за весникот Вечер на 11 јуни 2023 година рече дека проблемот со паркирањето во Автокоманда ќе се решава со воведување зонско паркирање, но ветувањето за изградба на катната гаража не го спомена.

„Општина Гази Баба изработи студија за сообраќаен режим во Автокоманда, во чии рамки се опфатени повеќе мерки што треба да ги реализираме, а со цел да се реши проблемот со сообраќајниот хаос во населбата. Во таа насока е и проектот за воведување зонско паркирање. Како градоначалник, одржав неколку средби со жителите од Автокоманда, а истовремено Општината спроведе и теренска анкета во рамките на која беа посетени сите домаќинства во Автокоманда. Согласно со резултатот од неа, граѓаните даваат поддршка за имплементација на зонското паркирање, а и лично сметам дека тоа е дел од решението на проблемот. Што се однесува до неговата реализација на терен, Општината го обезбеди потребниот проект, кој е доставен до Градот Скопје на мислење, а потоа и до МВР со цел добивање согласност“, изјави Стефковски во интервјуто за весникот Вечер.

Врз основа на сите сознанија до кои дојде Мета.мк, може да се заклучи дека до ден денеска не е исполнето ветувањето на градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски за изградба на катна гаража со која ќе се реши проблемот со недостиг на паркинг места во населбата Автокоманда.

 

ИЗВОРИ:

Курир.мк (07.09.2021 година): Стефковски: Во Гази Баба уште сега се чувствува позитивната енергија за убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ, проверено на 13.6.2023 година;

Емисија Јади Бурек (07.10.2021 година): Сиже на програма на Бобан Стевковски – Гази Баба, проверено на 13.06.2023 година;

Весник Вечер (11.06.2023 година): Трубарево ќе добие нова детска градинка, а Хиподром спортски комплекс, проверено на 13.06.2023 година.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција