Мета факт: Не е точно дека се заговара покачување на школарината што ја плаќаат студентите на УКИМ

фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) и ректорката на УКИМ, Ангелова, ги демантираа написите што изминативе три дена се шират на социјалните мрежи и во некои медиуми

 

Низа објави на социјалните мрежи и медиумите изминатиов викенд го кренаа алармот меѓу македонските студенти, преку (дез)информацијата дека школарината што на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) ја плаќаат идните академски граѓани, наводно ќе се зголеми двојно. Овие наводи денеска ги демантираа и ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова и Министерството за образование и наука (МОН).

Меѓу првите објави и соопштенија од петокот (26 јануари) е она на Црвена Младина, подмладок на политичката партија Левица, од каде рекоа оти до нив пристигнала информација дека „ректорската управа на УКИМ сериозно дискутира и најавува дупло покачување на партиципацијата за додипломски, постдипломски и докторски студии за сите новозапишани студенти“.

Во соопштението од Црвена Младина до медиумите се вели:

Како што нè известуваат студентите, веќе на одредени факултети им најавиле дека цената за партиципација за државна квота на додипломски студии би изнесувала 200 до 400 евра, наместо досегашните 100, а за приватна квота од 400 до 800 евра.

Истиот ден, слично известување стигна и од „Студентски Отпор“, од каде рекоа дека до нив било пријавено оти „надлежните институции планираат зголемување на партиципацијата за студирање на сите три циклуси: додипломски, постдипломски и докторски студии“.

„Сумата за партиципација која се споменува е скоро двојно поголема од досегашната која ја плаќаат студентите. Исто така, покачувањето на партиципацијата е главна точка на дневниот ред на сите Факултетски студентски собранија“, се вели во соопштението што до медиумите во петокот го испрати „Студентски Отпор“.

По овие две групи, со реакција се јави и Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), кои се надоврзаа со наводи дека и до нив „стигнале жалби“ од студенти на УКИМ поради можно покачување на партиципацијата.

Реакциите на овие организации беа пренесени на повеќе медиуми, од кои дел веќе изнесоа и наслови дека партиципацијата „ќе се зголемува“.

МОН: Студентите да бидат спокојни, и понатаму ќе ги плаќаат истите износи

Откако шпекулациите се раширија, Министерството за образование и наука (МОН) денеска ги демантираше написите во дел од медиумите во кои се посочува дека партиципацијата за студирање на државните високообразовни установи ќе се зголемува двојно на иницијатива на МОН и Владата.

„Се работи за невистинита информација и затоа апелираме студентите да бидат спокојни, бидејќи и натаму ќе ги плаќаат истите износи за државната и за квотата со кофинансирање кои важат во моментов“, се вели во денешното соопштение од ова министерство.

Од таму додаваат дека, во комуникација со УКИМ, добиле информација оти ректорката побарала мислење од факултетите и единиците за тоа дали износите кои во моментов се плаќаат се оправдани или можеби треба да претрпат одредени корекции, но тоа е интерно инициран процес во рамки на универзитетот.

„Министерството за образование и наука го почитува принципот на инклузивност при креирањето на политиките и носењето на одлуките, така што ги уверуваме студентите дека ниту една одлука која го засега нивниот образовен процес нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани. Износите на партиципација остануваат идентични како и досега“, велат од МОН.

Ангелова: Студентите нема да сносат дополнителен товар

Мета.мк се обрати и до ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова, која потврди дека на Ректорската управа се разговарало за зголемување на трошоците за студирање, но дека евентуалното поскапување ќе падне на товар на државата, а не на студентите.

Како што појаснува таа, во прашање е доведена одржливоста на многу студиски програми на УКИМ, па поради тоа се размислувало за зголемување на трошоците од 200 на 400 евра годишно за студентите во државна квота, и од 400 на 800 евра за студентите со кофинансирање.

„Меѓутоа, и покрај тоа што се разговараше за зголемување на трошоците, беше кажано дека единствен услов трошоците да поскапат е само доколку разликата во покачувањето ја подмират МОН и Владата. Ние сме државен универзитет, никако не смее зголемувањето да падне на товар на студентскиот стандард“, рече Ангелова во изјава за Мета.мк.

Според неа, доколку Владата не се согласи да ја покрие разликата во евентуалното поскапување, трошоците ќе останат исти како и сега, односно нема воопшто да поскапат.

„Така е секаде во регионот. И јас сум на ставот дека дури и овие трошоци сега што се, треба да ги покрие Владата. Студирањето за студентите треба да биде бесплатно“, рече Ангелова.

Ректорката на УКИМ кажа дека сè уште нема официјален заклучок по ова прашање на ниво на универзитет, но подвлече дека воопшто не станало збор за покачување на партиципацијата што ја плаќаат студентите.

„Апсолутно не стана збор дека студентите ќе ги поднесат трошоците. Никако на товар на студентите. Ако такво нешто не наиде на одобрување кај Влада, останува како што е сега“, вели Ангелова.

Поради сите горанаведени причини, оценуваме дека е неточно тврдењето дека ректорската управа на УКИМ сериозно дискутира и најавува дупло покачување на партиципацијата за додипломски, постдипломски и докторски студии за сите новозапишани студенти.

 

Извори:

Црвена Младина, Фејсбук (26.1.2024), проверено на 29.1.2024

Студентски Отпор, Фејсбук (26.1.2024), проверено на 29.1.2024

ОДАС – Организација за дијалог и афирмација на средношколците, Фејсбук (27.1.2024), проверено на 29.1.2024

Министерство за образование и наука, 29.1.2024

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција