Мета факт: Владата не воведе платена работа за студентите во студентските домови

фото: Мета.мк

Во Програмата на Владата стои дека ќе се воведе платена работа за студентите во студентските домови. Сепак, до овој момент овој проект не е реализиран, поради што  ветувањето го оценуваме како неисполнето

Во Програмата за работата на Владата за периодот 2022 – 2024 година, на која како мандатар е потпишан актуелниот премиер Димитар Ковачевски, во делот „Младите во фокусот“, ветил, меѓудругото, дека ќе се воведе платена работа за студентите во студентските домови. Сепак, до овој момент овој проект не е реализиран, поради што  ветувањето го оценуваме како неисполнето.

Во владината програма, на 43. страница, во делот „Младите во фокусот“ го пишува следното:

„Ќе се воведе платена работа за студентите во студентските домови. Целта на оваа мерка е студентите во текот на нивното студирање да може да заработат за да може да ги намалат своите трошоци на студирање и живеење“. 

Meта побара информации во врска со реализацијата на ова ветување. Прашавме дали ова ветување е исполнето, потоа, дали се работи за работа што студентите ја работат во студентските домови или, пак, надвор од нив, а исто така поставивме и прашање колку вкупно студенти во Македоннија досега биле работно ангажирани и каде поточно, на кои позиции. Она што исто така беше упатено како прашање до Владата беше, дали оваа мерка дава добри резултати. Како одговор, го добивме следното:

„Владата работи согласно програмата на Владата. Во моментов се прават анализи, проценки и координација меѓу ресорните институции за мерката и како ќе се одвива целиот процес. Целта преку оваа мерка е студентите да можат да работат во студентските домови или кампуси, како што се студентските ресторани, кафетерии, во организација на културно-забавни настани во склоп на кампусот каде што студираат, меѓутоа и како асистенти за административни услуги, во читалните, библиотеките и други сервиси, за да ги намалат своите трошоци за студирање и живеење. Станува збор за обемна мерка, која бара и измени на закони“, наведено е во одговорот за Мета.мк од Владата.

Оттаму информираа штом ќе биде подготвена првичната верзија од оваа мерка, јавноста навремено ќе биде известена.

Врз основа на одговорите до кои дојде Мета, можеме да заклучиме дека во овој момент, ветувањето дека на младите ќе им се овозможи платена работа во студентските домови, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Програма за работата на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022–2024 година; проверено на 17.07.2023

Влада на РСМ, изјава за Мета.мк, дадена на 05.07.2023

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција