Мета факт: За уредување на речното корито на Серава во Бутел засега има само основен проект

Пинтскрин од изработената проектна документација за идниот изглед на речното корито на Серава објавена од градоначалникот Дарко Костовски на 29 мај 2023 годинар

Изработката на основниот проект е завршена, така што преостанува и практичното исполнување на изведбените работи на терен до крајот на мандатот во 2025 година. Поради ова, заклучуваме дека ова ветување на градоначалникот е во тек на реализација

Предизборното ветување на градоначалникот на скопската општина Бутел, Дарко Костовски за уредување на коритото на реката Серава е започнато со реализација преку изработениот основен проект и определување на идниот изглед, но овој проект на терен не е започнат да се гради. Реализацијата на проектот за уредување на речното корито на Серава е во тек.

Актуелниот градоначалник на Бутел Костовски во предизборниот период како едно од главните ветувања што ги даде пред граѓаните беше уредувањето на кејот на реката Серава што минува низ оваа општина. Во изјава за медиумите дадена на 3 октомври 2021 година, градоначалникот Дарко Костовски рече дека кејот на реката Серава мора да биде уреден, напоменувајќи го овој проект како еден од главните за реализација за неговиот мандат во периодот 2021-2025 година.

Откога дојде на градоначалничката функција, Дарко Костовски започна со проектот за чистење и уредување на кејот на реката Серава. На 3 ноември 2021 година, тој најави дека е започнато чистењето на речното корито кое требаше да трае до пролетта 2022 година, кога беше планирано да отпочне уредувањето на самиот кеј.

За тоа во која фаза на реализација се наоѓа овој проект во моментов, Мета.мк испрати прашања до Општина Бутел на 17 и 31 мај 2023 година. Одговори на поставените прашања не добивме, но нашите одговори од општинските власти и градоначалникот Костовски ги најдовме објавени на крајот од мај во други медиуми и на Фејсбук.

Па така, градоначалникот Дарко Костовски тврди дека како општина работеле на изработка на основниот проект и го финализирале идниот изглед на речното корито на Серава.

„Во првата фаза ќе се уреди речното корито на река Серава во должина од 1.500 метри во населеното место Радишани. Паралалелно ќе се пристапи и кон изградба на нова пешачка патека“, напиша градоначалникот Костовски на Фејсбук на 29 мај годинава.

Инаку, коритото на реката Серава долги години наназад претставува проблем за граѓаните на општина Бутел. Реката која што од населбата Радишани минува низ територијата на оваа општина и се влива во реката Вардар кај Момин Поток, долги години наназад е проблем за општинските власти поради нелегалното фрлање отпад од несовесни граѓани. Самото корито беше чистено и во минатото, но до денешен ден не се исполни идејата за уредување на речното корито на Серава.

Инаку, должината на реката Серава од горното течение до вливот во реката Вардар е околу 12 километри, при што седум километри се регулирано речно корито. Преостануваат околу 4,3 километри од коритото на реката Серава што допрва треба да се регулираат.

Врз основа на изнесените најнови информации од градоначалникот на Бутел Дарко Костовски, можеме да констатираме дека предизборното ветување за уредување на речното корито на реката Серава треба допрва да се реализира на терен преку изведба на градежните работи. Сепак, изработката на основниот проект е завршена, така што преостанува и практичното исполнување на изведбените работи на терен до крајот на мандатот во 2025 година. Поради ова, заклучуваме дека ова ветување на градоначалникот е во тек на реализација. 

 

ИЗВОРИ:

Нова ТВ (3.10.2021 година): Костовски: Општинската зграда во Бутел ќе биде нова поликлиника, проверено на 31.5.2023 година;

МИА (3.11.2021 година): Општина Бутел почна со чистење и уредување на реката Серава, проверено на 31.5.2023 година;

Слободен печат (30.5.2023 година): Општина Бутел наскоро ќе го уредува речното корито на Серава, проверено на 31.5.2023 година;

Курир (29.5.2023 година): Костовски: Уредувањето на речното корито на реката Серава наскоро реалност, проверено на 31.5.2023 година;

Фејсбук пост на профилот на градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски (29.5.2023 година): УРЕДУВАЊЕТО НА РЕЧНОТО КОРИТО НА РЕКА СЕРАВА НАСКОРО РЕАЛНОСТ!, проверено на 31.5.2023 година;

Нова Македонија (10.12.2018 година): Левиот брег на реката Серава во Бутел ќе се разубави со пешачка патека, проверено на 31.5.2023 година.

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција