Метаморфозис со поддршка на новинарскиот протест против судската одлука за ИРЛ: Одлуката ги загрозува слободата на изразување и слободата на медиумите

Фото: Дел од плакатот на ЗНМ и ССНМ

 

Фондацијата Метаморфозис го поддржува протестот на новинарите што треба да се одржи утре, 17.11.2023 година, пред Граѓанскиот суд во Скопје поради судската одлука против главниот уредник на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Сашка Цветковска и Здружението на граѓани ИРЛ во случајот со тужбата на Кочо Анѓушев и на компанијата Брако за клевета.

Метаморфозис ја смета судската одлука за опасен преседан, особено во делот кога судот се впушта во оценка дали ИРЛ и новинарите од оваа редакција се новинари или не и дали нивната истражувачка сторија „Заговор против воздухот“, смееле да ја прикажуваат во јавност или само пред членовите на Здружението на граѓани, што е истовремено издавач на ИРЛ.

Со оваа одлука Судот воспоставува пракса по која може да се појават сериозни последици, бидејќи води до ограничување на работата на здруженијата и фондациите, уредена со членот 14 од Законот за здруженија и фондации, каде е уредено дека „организациите можат слободно да ги искажуваат и промовираат своите ставови и мислења за прашања од нивен интерес, да поведуваат иницијативи и да учествуваат во градење на јавно мислење и креирањето на политиките“.

Од друга страна, води до ограничување на работата на новинарите, односно до ограничувањето на слободата на говор, кое ограничување во едно демократско општество, може да биде применето само како последна можна мерка, при што мора да се избегне каква било цензура и обесхрабрување на новинарите и граѓаните да се впуштаат во критика на државната власт.

Како издавач на три медиуми (Мета, Вистиномер и Порталб), кои работат на унапредување на слободата на изразување, професионалното новинарство, одбрана на јавниот интерес и борба против дезинформации, Метаморфозис во целост се согласува со заедничкиот став на ЗНМ и ССНМ во повикот за утрешниот протест:

Да го кренеме гласот против судската пракса воведена со пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија со која судот си додели улога да одредува кој смее, а кој не смее да биде новинар. Судот нема право да утврдува кои онлајн медиуми и граѓански организации смеат да се бават со новинарство.

Освен ова, потсетуваме на фактот дека истражувањето на ИРЛ го емитуваше и јавниот сервис МРТ, како и на фактот дека сите релевантни медиумски здруженија и еснафски асоцијации оценија дека со ваквата одлука на судот:

Се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност.

Според Метаморфозис, на овој начин, освен што во потенцијална опасност се многу работни места на новинари и судбина на повеќе медиуми, во најголема опасност е заштитата на јавниот интерес поради контролната улога што ја имаат медиумите и новинарите во секое демократско општество.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција