Може ли да се стори повеќе за зголемување на безбедноста на медиумските работници?
Прашањето за физичката безбедност и заканите кон новинарите и медиумските работници е сѐ уште актуелно. Иако има одредено поместување во позитивна насока, сепак, тие и натаму се соочени со физички закани при извршување на својата работа и со непреземање конкретни активности од институциите задолжени за тоа (полицијата и, пред сѐ, јавното обвинителство) и сѐ досега немаше придвижување кон подобро, се посочува во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во медиумскиот сектор под наслов: Реформи на половина пат – политичката волја час ја има, час ја нема
Прашањето за физичката безбедност и заканите кон новинарите и медиумските работници е сѐ уште актуелно. Иако има одредено поместување во позитивна насока, сепак, тие и натаму се соочени со физички закани при извршување на својата работа и со непреземање конкретни активности од институциите задолжени за тоа (полицијата и, пред сѐ, јавното обвинителство) и сѐ досега немаше придвижување кон подобро, се посочува во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во медиумскиот сектор под наслов: Реформи на половина пат – политичката волја час ја има, час ја нема
Според податоците со кои располага ЗНМ, во 2020 година, во споредба со 2019 година, кога имало 4 регистрирани инциденти, имало драстично влошување на состојбата со 14 нови вербални закани кон новинарите, повеќето се извршени онлајн, а годинава статистиката сѐ уште се обработува, но регистрирани се два посериозни иницидента.
По долгогодишно барање на новинарските организации, пред сѐ на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Владата преку Министерството за правда се согласи да се пристапи кон измени на Кривичниот законик со кои закана или физички напад врз новинарите и медиумските работници е на ниво на кривично дело кое се гони по службена должност. Конкретизирањето на овие измени беше направено преку инклузивен процес на работни состаноци на кои учествуваа и двете најголеми новинарски организации, ССНМ и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Министерот за правда во Владата на РСМ, Бојан Маричиќ, на 27 јули 2021 година соопшти дека нападот врз новинар ќе се смета како напад врз службено лице со воведување ново кривично дело. Со дефинирање на нападите врз новинарите како напади врз службени лица, министерот вели дека ќе се зголеми безбедноста на сите медиумски работници. Предвидена е и казна од 3 месеци до 3 години затвор за закана упатена кон новинар или медиумски работник. Министерот тогаш кажа дека при вакви случаи, Обвинителството ќе постапува по службена должност:
Казнената рамка за овие кривични дела за напад на новинарите е до три години затвор и сметаме дека тоа е изедначено со нападот врз службено лице, кое се однесува на професиите што се заштитени со закон како службени лица. Ние по денешното усвојување од страна на Владата, веднаш ќе ги проследиме измените во Собранието. Очекувам во Собранието да се изгласаат веднаш по летната пауза
Во исто време, од Владата се усвоени и предлог-измени во Граѓанскиот закон за навреда и клевета со кои ќе се направат значителни намалувања на постојните казни за медиумите и новинарите во случај на осудителна пресуда. Сега, максималната казна за новинар доколку загуби спор за навреда или клевета не смее да биде повисока од 400 евра во денарска противвредност, за уредник не повиоска од 2.000 евра и за медиум не повисока од 5.000 евра.
Иако најавените измени беа поздравени веднаш од домашните организации, како и од Европската федерација на новинарите , до моментот кога е завршен овој Извештај, 30 септември 2021 г., измените сѐ уште не се усвоени, ниту за нив е расправано во Собранието на РСМ. Тие се во фаза на прво читање на текстот на измените.
Во разговор за ефектите од измените во Кривичниот законик и дали медиумските работници ќе бидат побезбедни во иднина, од фокус-групата добивме и ваков внимателен одговор:
Ова е за поздравување, бидејќи ја покажува проактивната улога на Министерството за правда, инклузивниот капацитет, бидејќи беа вклучени засегнатите страни при изработката на измените, но останува да се види дали измените ќе бидат усвоени така како што се предложени без амандмански дополнувања и, се разбира, да се види капацитетот на институциите да ги спроведат во дело.
Во дел од фокус-групата, пак, има мислење дека дури и без овие измени, ако се имало волја, можело да се стори многу повеќе за сигурноста на новинарите и другите медиумски работници, па затоа самите измени не се гаранција.
Сѐ додека нема јасно расчистување и на нерасчистените случаи на напади или закани на новинари досега, нема да има никаков напредок. Тој проблем, за кој од МВР ни објаснуваа дека не се во можност да го решат поради премалку информации до кои дошле поради лошо водени истраги, а, од друга страна, не сакаат да ги казнат полициските службеници што лошо воделе истрага, јасно укажува дека недостасува политичка волја, а не законско решение. Зашто и досегашните законски решенија даваат доволно основа за решавање на случаите на закани и напади врз новинари, само ако се има волја за такво нешто.
Што се однесува до капацитетот за спроведување на измените кога ќе стапат во сила, ЗНМ, како едно од најголемите новинарски здруженија во земјата, веќе имало серија разговори со Јавното обвинителство и со судските власти со цел да се види начинот на примена. Од ЈО било побарано да се направи обука на најмалку 3-4 обвинители, кои во секој момент би биле подготвени (обучени) да реагираат при закана на новинари. Од судската власт било побарано да се направат измени во системот за електронско следење на предметите и постапките, при што е побарано да се разгледа можноста за посебна класификација на предмети во кои се постапува по повреда на слободите и правата на новинарите, а од Академијата за обука на судии и обвинители било добиено уверување дека од следната генерација студии ќе биде изработен посебен курикулум, според кој учесниците на Академијата ќе бидат запознати со спецификите на ваков вид предмети, вклучувајќи го и третирањето на говорот на омраза во целина, но и кон новинарите.
Може да се заклучи дека иако има резерва и кај дел од експертите, согласноста да се пристапи кон измени на КЗ со кои нападот и заканите врз медиумските работници ќе се сметаат за кривично дело што се гони по службена должност, е важен предуслов значително да се зголеми безбедноста на новинарите и медиумските работници.
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар