На ова видео не е претставен „бункер во Соње“ туку рудник за сол во Романија

Фото: Принтскрин видео

На видеото во постот што се споделува на Фејсбук не е претставена локација во Скопје, туку е прикажан рудник за сол во Романија.  Кадарот од видеото со крстот, се појавува во бројни рецензии и туристички оценки за овој рудник. На следниот линк,  има фотографија од сличен кадар со крстот од видеото, и  на следното видео на 18 минута и 24 секунда, исто така може да погледнете кадар од истата локација. Оваа локација од друг агол е презентирана и на оваа фотографија на Трип адвајзор, од страна на посетители кои го препорачуваат рудникот за туристичка посета

На видеото во постот што се споделува на Фејсбук не е претставена локација во Скопје, туку е прикажан рудник за сол во Романија.  Кадарот од видеото со крстот, се појавува во бројни рецензии и туристички оценки за овој рудник. На следниот линк има фотографија од сличен кадар со крстот од видеото и на следното видео на 18:24 мин., исто така, може да се погледне кадар од истата локација. Оваа локација од друг агол е презентирана и на оваа фотографија на Трип адвајзор, од страна на посетители кои го препорачуваат рудникот за туристичка посета

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видеоматеријал од подземен простор кој е уреден, осветлен и делува музејски и во објавата се вели:

Бил некој од вас тука? Јас првпат го гледам – пренесувам дел од коментарите од Твитер објавата. „Ова е новиот бункер во Соње“ – така тврдат на Твитер луѓе. Пола Скопје се гледало од таму, има разни коментари на Твитер. Некои тврдат ќе било музеј. Сега засега имало само неколку стотина стаклени хоринзонтални аквариуми, отприлика човечка висина. Некои тврдат дека постои уште од ковид пандемијата.

На видеоматеријалот во склоп на постот, на 14 секунда се гледа крст, па најверојатно затоа голем број луѓе поверувале дека се работи за место во Скопје, поради тоа што крстот на видеото им наликува на Милениумскиот крст. Меѓутоа, на видеото не е никаков бункер во Скопје, туку се работи за рудник за сол во Романија

Кадарот од видеото во постот што го рецензираме со крстот, се појавува во бројни рецензии и туристички оценки за местото односно за конкретниот рудник за сол.

Пример може да погледнете на следниот линк, каде има и фотографија од сличен кадар со крстот од видеото.

На следното видео на 18 минута и 24 секунда, исто така може да погледнете кадар од истата локација.

Оваа локација од друг агол е презентирана и на оваа фотографија на Трип адвајзор, од страна на посетители кои го препорачуваат рудникот за туристичка посета.

Со векови солта претставува важен дел од економијата на Романија од средновековно, па се до модерно време. Минатиот век, комунистичкиот режим ја зграпчи оваа шанса и почна да експлоатира бројни делови од земјата кои беа многу богати со сол како Турда во Трансилванија, Таргу Очна во Молдавија и Сланик Прахова, каде може да се најде еден од наголемите рудници за сол во земјата од кој еден дел денес е музеј.

Лоциран во областа Прахова, само 100 километри северно од Букурешт, овој рудник претставуваше еден од клучните економски столбови за локалното население. Првите ископувања на сол во регионот датираат од крајот на 17 век, постојниот рудник започнал со ископ 1938 година, а пет години подоцна со индустриска експлоатација која траела до 1970 година.

Рудникот стана туристичка атракција поради природните услови и локалната микроклима, која нуди постојана температура од 12-13 степени целзиусови во текот на годината и атмосферски притисок кој е поволен. Таванот на рудникот е опкружен со дрвени балкони, кои им дозволуваат на овластените лица да спроведуваат редовни инспекции за стабилноста на структурата, инфилтрации со вода, итн. Зоните со небезбедна стабилност се забранети за јавноста. Големите и високи коридори ги пречекуваат посетителите, дел од ископините се изложени за разгледи, а има изложено и опрема стара еден век, статуи од важни историски личности итн.

Овој поранешен рудник за сол е претворен во музеј и претставува уникатно искуство, многу достапно доколку посетителите се во близина на Букурешт. Локацијата дава единствена перспектива на големината на работите кои биле извршувани овде, остаток од ерата на индустријализација  Како дополнителна придобивка посетителите добиваат здрава доза на солен воздух.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти на видеото во постот што се споделува на Фејсбук е претставена локација во Скопје, односно не е точно дека е претставен „бункер во Соње“, туку претставен е рудник за сол во Романија.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција