На пациентите сè уште им се издаваат хартиените упати и рецепти
Досега обрасците за рецепт и упат се издаваа од страна на здравствената установа во хартиена форма. По примерот на многу земји во ЕУ, со овој проект ќе ги укинеме хартиените обрасци за упат и рецепт и воведување на електронски рецепт односно упат. За воведување на е-рецепт/е-упат потребно е спроведување на електронски от потпис кој е овозможен со електронската здравствена картичка. Ефектите од овој проект би биле намалување на трошоците за печатење на овие обрасци и административно растоварување на здравствените работници, побрза и поефикасна услуга за пациентите. (Носител: Министерство за здравство и ФЗОМ; Рок: Трет квартал во 2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Проектот: „УКИНУВАЊЕ НА ХАРТИЕН РЕЦЕПТ И ХАРТИЕН УПАТ “, е нереализирано ветување на ВМРО-ДПМНЕ, дадено во нејзината изборна програма „Проверено“ (2014-2018), во делот „Здравје за секој дом , здравје за секој граѓанин“ (стр. 307).
Инаку, министерот за здравство Никола Тодоров овој проект го вети е во април 2013 година. Па, откако не профункционира тој беше вметнат во изборната програма „Проверено“ со рок на реализација во третиот квартал од 2015 година.
Имено, Тодоров уште пред три години најави дека од 15 мај (2013 година) ќе стартува проба на овој систем во времетраење од 15 денови, а веќе од јуни (2013 година) ќе почне да се применува системот на електронските рецепти.
Потполно истата легислатива и истите правила кои важеа претходно, важат и сега. Ова е само замена за хартиениот со електронски рецепт. Добиваме многу помалку документација и добиваме многу точна евиденција за тоа што се случува во здравствениот систем. Можеме комплетно да ја следиме работата на матичните лекари во поглед на издавањето на лекови, но и целосната слика за издавањето на лекови во државата. (Тодоров)
Проблемот со електронските упати и рецепти се појави уште во август 2013 година, само два месеца ( по најавата за негов почеток. Тогаш медиумите информираа:
Матичните лекари уште во целост не препишуваат електронски рецепти и упати. Голем дел од пациентите одат на специјалист со старите испечатени упати.
Надлежните за спроведување на елетронскиот здравствен систем „Мој термин“ велат дека бројот на издадени хартиени рецепти не изнесува повеќе од 1%.
Медиумите пишуваа за овој проблем и во октомври 2014 година. Тогаш д-р Лили Чолакова -Дервишова, претседателка на Здружението на матични лекари рече дека и на последната средба со министерот за здравство, Никола Тодоров, тие побарале да се тргне сета хартиена евиденција од ординациите кога веќе има електронско здравство.
Зошто се уште да печатиме упати и рецепти кога имаме таков систем, а на секој рецепт има код и сите упати имаат шифра? Има држави каде што пациентите воопшто не носат хартиени документи со себе, а има пристап во системот. На барањето имавме позитивен фидбек од министерот, кој се согласи дека тоа секако ќе биде предност, а дека работна група веќе работи на тоа прашање. Здравствениот систем треба во тој правец да се движи зашто така ќе имаме повеќе време за пациентите, а токму тоа е суштината на системот – да има повеќе време за нив, а системот да не заштитува од евентуално правење грешки. На пример, токму системот треба да не информира дека на некој пациент сме му препишале три лека, а тој ги подигнал во аптека, а не лекарот да проверува тоа што системот е должен да го прави. (д-р Чолакова)
За тоа дека се пролонгира реализацијата на овој проект медиумите пишуваа и во ноември 2014 година:
Што се однесува на укинувањето здравствени книшки, упати и рецепти е во владина процедура. Како што објаснуваат од Фондот прво треба да се интегрираат системите, а тоа е процес што бара време за да успешно се реализира
Пациентите тврдат дека сè уште им се издаваат хартиени рецепти и упати. Сашо Аризанковски од Скопје, вели дека кога и да оди по рецепт на лекар секогаш тој му го издаваат на хартија, а само таков и примаат во аптека.
Поради тоа што имам хронична болест почесто одам во аптека. Таму рецептите ми ги издаваат на хартија, како и досега. Не знам за никаква промена. Рецептот е испечатен, не е пишуван на рака, но е хартиен – вели Аризанковски.
Истото го потврдуваат и лекарите. Тие велат дека рецептите и упатите се електронски заведени, но сè уште мора да се печатат на хартија.
Рецептите и упатите електронски ги заведуваме затоа што сите функционираме според проектот „Мој термин“. Но, сепак сè уште ги печатиме на хартија затоа што не сме добиле поинакви наредби. Мислам дека проблем сè уште има и со електронската здравствена картичка, затоа е и одолговлекувањето – вели д-р Марија од една скопска поликлиника.
Од сето ова може да се заклучи дека во медицинските установи сè уште функционираат хартиените рецепти и упати, така што, ова изборно ветување го оценуваме како неисполнето.
ЛИНКОВИ:
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ – „Проверено“ („Здравје за секој дом , здравје за секој граѓанин“, стр. 307) [Пристапено на 13.05.2016]
- Вечар (13.11.2014) Здравствените книшки,упати и рецепти одат во заборав! [Пристапено на 13.05.2016]
- Максим (22. април 2013) Тодоров: Хартиените рецепти ќе се заменат со електронски [Пристапено на 13.05.2016]
- 24Вести (07.08.2013) Матичните лекари сеуште издаваат стари рецепти и упати [Пристапено на 13.05.2016]
- Дневник ( 23.10.2014) Здравствените книшки во пензија в година [Пристапено на 13.05.2016]
Оценето од: Владе Ѓорчев
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар