На таблата на полициското одделение во Шуто Оризари има македонски јазик

Фото: Принтскрин видео

Македонскиот јазик стои на таблата пред полициското одделение во Шуто Оризари. Тоа може да се види од фотографиите и видеото од отворањето на полициското одделение во Општина Шуто Оризари. Дезинформацијата веројатно тргна од објава на Петар Богојески, на којашто имаше коментари дека фотографијата е намерно исечена. Во реакциите под објавата беше приложена и оригиналната фотографија, па подоцна Богојески во коментар ја објави истата, со што фактички ја призна грешката

Македонскиот јазик стои на таблата пред полициското одделение во Шуто Оризари. Тоа може да се види од фотографиите и видеото од отворањето на полициското одделение во Општина Шуто Оризари. Дезинформацијата веројатно тргна од објава на Петар Богојески, на којашто имаше коментари дека фотографијата е намерно исечена. Во реакциите под објавата беше приложена и оригиналната фотографија, па подоцна Богојески во коментар ја објави истата, со што фактички ја призна грешката

Објава на Фејсбук тврди дека македонскиот јазик недостасува на таблата закачена пред полициското одделение во Шуто Оризари.

Ја претераа и вмро и сдс
КУДЕ Е МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, пишува во објавата.

Во прилог е прикачена и фотографија на која се гледа натпис на ромски, албански и на англиски јазик.

Објави со истата фотографија и со слична содржина има и тука, тука и тука.

Нашата проверка покажа дека се работи за невистина и дека фотографијата е фабрикувана. Како што може да се забележи и од самата фотографија, доколку таа внимателно се погледне, ќе се види дека истата горе е исечена, односно не е целосна.

Таблата на полициското одделение во Шуто Оризари е напишана на четири јазици и тоа: прв е македонскиот, а потоа следат ромски, албански и англиски јазик. Во јуни 2019 година во Општина Шуто Оризари е отворено полициско одделение од општа надлежност кое функционира во рамки на полициската станица Чаир. Веста за новоформираното полициско одделение во Шуто Оризари може да се најде на официјалната веб-страница на Владата. Таму е објавено и видео од свеченото отворање на кое присуствувал и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Токму во видеото (на 0:25 минута)  може да се види таблата која е закачена пред полициското одделение.

Принтскрин од видеото објавено на веб-страницата на Влада

На фотографијата од видеото јасно се гледа дека на таблата пред полициската станица во Шуто Оризари прв стои македонскиот јазик, а по него следат натписите на ромски, албански и англиски јазик.

Фотографии на кои се гледа таблата од полициската станица може да се најдат и на официјалната Фејсбук страницата на Општина Шуто Оризари.

Инаку, објавата што ја рецензираме, а и другите слични објави, веројатно се инспирирани од објава на Петар Богојески претседателот на пртијата „Македонски Концепт“, на чиј профил на Фејсбук најпрво е пласирана оваа дезинформација (според часот на објавување – 8:36). Неговата објава предизвика реакции дека фотографијата е намерно исечена, во коментарите беше приложена и оригиналната фотографија, подоцна Богојески напиша коментар и ја објави истата, со што фактички ја призна грешката:

Граѓани испратија целосна снимка од последната табла на која има и македонски јазик!

Оваа манипулативна вест не е нова и таа се споделува од 2020 година. За неа уште тогаш пишувал сајтот Цивил медиа.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека македонскиот јазик стои на таблата пред полициското одделение во Шуто Оризари. Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција