Над 30 илјади неважечки ливчиња не се несвојствени за избори

Фото: vmro-dpmne.org.mk

 

Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски на една од прес-конференциите по завршувањето на изборите за новиот парламентарен состав, даде изјава во која се сомнева во резултатите од изборите. Како причина тој го наведе големиот број на неважечки ливчиња при ниска излезност на гласачите.

Имаме огромен број на неважечки ливчиња, над 30 илјади кои се несвојствени за избори со ваква излезност, а воедно ќе напоменам дека функционери и експоненти блиски до СДСМ јавно водеа кампања да се пречкртуваат ливчиња и лажно тоа го преставуваа дека е повик на ВМРО-ДПМНЕ. Голем дел од тие ливчиња се гласови за ВМРО-ДПМНЕ кои сега се сметаат за неважечки. Што значи се поништува нивната волја. Затоа ние ќе побараме како политичка партија рачно пребројување на гласачките ливчиња. Потребно е во овие моменти да се заштити волјата на граѓаните. Да се штити демократијата во Република Македонија. Институциите им го должат ова на граѓаните и затоа мора да го реализираат, рече Арсовски.

[Извор: 360 степени – датум: 17.01.2020 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Арсовски е невистина, без каква било основа во досегашните изборни резултати. Бројот на неважечки ливчиња отсекогаш бил дел од изборниот „фолклор“, а партијата ВМРО ДПМНЕ која 11 години добиваше на сите избори изведени во тој временски дијапазон, никогаш не се жалеше на таквата појава при изјаснување на граѓаните.

Да одиме наназад, ланските претседателски избори, на пример, во првиот круг, кога учествуваат тројца кандидати, бројот на неважечки ливчиња изнесувал 32.696, додека во вториот круг, каде имаше изборен натпревар меѓу двајца кандидати, неважечки беа 30.407 гласачки ливчиња. Излезноста и тогаш беше слична – во првиот круг таа изнесуваше 51 отсто, а во вториот 45 отсто. Имавме ниска излезност, посебно во вториот круг, пониска отсега (50,5 отсто) ама бројката на ливчиња со разни „хиероглифи“ беше речиси идентична.

Уште поилустративен е примерот со Референдумот кој се одржа во земјава во 2018 година, кога излезноста беше доста пониска (истиот не беше обврзувачки). Имено, гласале 609.814 гласачи, а неважечки биле 19.230 ливчиња или близу три отсто од оние кои пристапиле до гласачките кутии. Што би рекол на ова Арсовски?!

Одејќи наназад стигнуваме до локалните избори во 2017 година, кога бројот на неважечки ливчиња бил дури 56 илјади!

Во првиот круг на локалните избори ДИК утврдил дека 44.481 од гласачките ливчиња се неважечки. Бројот на неважечки ливчиња е поголем за нешто над 6.000 од оној за изборите за градоначалник во 2013, кој по двата круга ги имало 38.787.

И во вториот круг на локалните избори во земјава во 2017 година се утврдени голем број неважечки ливчиња. Според податоците на ДИК, вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња во вториот круг е 12.282.

Да не должиме, да укажеме само дека бројот на неважечки ливчиња на парламентарните избори во 2014 година бил 23.428, но тогаш се уважувале и ливчиња на кои имало ненамерна чкртаница или други отстапувања. На претседателските избори во 2009 година имало приближно како и на првиот круг од гласањето – 45.513 неважечки ливчиња.

Ова јасно покажува дека овој тип на гласање е просто дел од изборниот фолклор кај нас. Понатаму, истиот е редовен револт во однос на понудите на партиите односно одговор на разните притисоци за излез на гласање, кога гласачот не може да ги одбие тие постапки кон него, ама сепак не го дава својот глас за таквата ситуација.

Како и да е, Арсовски не ја говори вистината и се обидува да ја манипулира јавноста.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Љубомир Костовски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција