Настанот со малолетникот од Тетово кому му пукнала петарда во устата, не е регистриран во билтенот на МВР

Фото:Trevor MPixabay

За време на новогодишната ноќ на малолетник во Тетово му пукнала петарда во устата и детето било однесено во болница. Но, наспроти известувањето на повеќе медиуми дека во „билтенот на СВР Тетово се нашол настанот со малолетник кому во устата му пукнала петарда“, таков настан не бил пријавен во полиција, МВР, ниту пак, го има полицискиот билтен

 

За време на новогодишната ноќ на малолетник во Тетово му пукнала петарда во устата и детето било однесено во болница. Но, наспроти известувањето на повеќе медиуми дека во „билтенот на СВР Тетово се нашол настанот со малолетник кому во устата му пукнала петарда“, таков настан не бил пријавен во полиција, МВР, ниту пак, го има полицискиот билтен

 

Рецензираме повеќе објави на социјалната мрежа Фејсбук, во кои се известува за настан кој се случил за време на новогодишниот викенд во Тетово, а во кој малолетник бил повреден, бидејќи му пукнала петарда во устата. Во сите објави што ги рецензираме (овде, овде, овде, овде, овде, овде, овде ) се споделува настанот, меѓутоа, има и една дезинформација во склоп на точните информации.

Веста се однесува на тоа дека малолетник во Тетово се здобил со повреда откако петарда му пукнала во устата за време на новогодишната ноќ. Се додава дека ова стоело во полицискиот билтен на СВР Тетово.

Меѓутоа, не е точно дека ваков настан бил пријавен во Секторот за внатрешни работи Тетово, иако е точно дека во Ургентниот центар во тетовската болница имало случај каде малолетник имал повреда од петарда која му пукнала во устата.

Како што за Вистиномер потврдија од Министерството за внатрешни работи, кај нив не е пријавен настан во кој малолетник бил повреден со петарда што му пукнала во устата и следствено, таков настан не бил регистриран ни во билтенот на МВР. Најверојатно причината за тоа што настанот не е пријавен во секторот за внатрешни работи, е поради опасноста дека се плаќа парична казна за употреба на пиротехнички средства. И покрај тоа што секторите за внатрешни работи, меѓу кои и оној во Тетово, понекогаш на медиумите им испраќаат соопштенија, сепак, сите настани се слеваат во еден заеднички билтен на МВР кој потоа им се проследува на сите медиуми и во него се наоѓаат информации од сите градови од државата од изминатото деноноќие.

Инаку, Вистиномер доби потврда од тетовската болница, дека малолетно лице било навистина примено во ургентниот центар во болницата поради настан каков што се опишува во текстовите кои ги рецензираме.

Детенце на возраст од околу 10-11 години, како што ми пренесе дежурниот хирург, било донесено кај нас поради пукната петарда во уста. Но нема сериозни повреди. Детето е препратено на специјалист ОРЛ за да се види да не случајно има повреди на јазикот, изјави за Вистиномер доктор Бобан Вучевски од тетовската болница.

И директорот на болницата, доктор Илир Демири  потврди дека ваков пациент дошол во ургентниот центар.

Инаку, доктор Вучевски ни рече дека претходниот ден (на 1 јануари 2024) дал изјава за медиумите во која говорел за настанот, во контекст на тоа што ја известиле јавноста како поминала новогодишната ноќ во поглед на интервенции и инциденти, од што произлегува дека изворот на информацијата најверојатно е болницата во Тетово, а не СВР Тетово, МВР, ниту пак, настанот бил во билтенот на МВР, како што неточно објавија повеќе медиуми.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумно неточна. Точно е дека на малолетник му пукнала петарда во устата поради што се јавил на ургентното одделение во Клиничка болница Тетово, но не е точно дека настанот се нашол во билтенот на МВР.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција