НАТО не е поттикнувачот на војната во Украина

Фото: Принтскрин видео

Не е точно дека НАТО поттикнува војна и дека има за цел да се бори против Русија преку грбот на украинските граѓани. Таквиот наратив е дел од руската пропаганда, којашто сака да ја претстави Украина  како вазал на западните држави, односно дека прифатила да војува против Русија и да ги жртвува своите граѓани за целите на НАТО. Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, која има сосема легитимно право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели. Доколку не го прави тоа, тогаш таа би се соочила со уште поголеми територијални претензии од страна на Русија

Не е точно дека НАТО поттикнува војна и дека има за цел да се бори против Русија преку грбот на украинските граѓани. Таквиот наратив е дел од руската пропаганда, којашто сака да ја претстави Украина како вазал на западните држави, односно дека прифатила да војува против Русија и да ги жртвува своите граѓани за целите на НАТО. Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, која има сосема легитимно право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели. Доколку не го прави тоа, тогаш таа би се соочила со уште поголеми територијални претензии од страна на Русија

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео за помошта којашто во оружје ѝ се испраќа на Украина во контраофанзивата која ја води против Русија. Во описот се вели:

НАТО ја поттикнува војната до последниот Украинец.

Во видеоматеријалот се даваат оценки дека контраофанзивата на Украина е неуспешна и се прави попис на дел од оружјето кое ѝ било дадено како помош од западните држави.

Тука станува збор за предвидување дека контраофанзивата нема да успее. Наративот, пак, во описот на објавата е дезинформација и проруски поттикнат наратив. Целта е да се претстави воената инвазија на Русија како војна во којашто учествува и НАТО, што не е точно и тоа е повеќепати официјално објаснето од НАТО.

Не е точно дека НАТО поттикнува војна и не е точно дека НАТО има за цел да се бори против Русија преку грбот на украинските граѓани. Таквиот наратив е дел од пропаганда, којашто цели на тоа да ја претстави Украина не како суверена, демократска држава со избрани демократски власти и право да одлучува за својата иднина и во меѓународен контекст, туку како вазал на западните држави, односно дека Украина прифатила да војува против Русија и да ги жртвува своите граѓани за целите на НАТО. Вистината, пак, е дека Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година. Да се очекува од Украина да седи со скрстени раце би значело дека граѓаните на Украина се согласуваат со тоа да бидат окупирани и територијално преземени од Русија, што не се случи.

НАТО ниту ја почна воената инвазија, ниту, пак, има свои војници во Украина. Русија е таа којашто ја нападна Украина во февруари 2022 година, а Украина како независна држава има право да се брани и да ги користи расположливите средства добиени како помош од своите пријатели. НАТО испраќа воена помош за Украина, без притоа да биде учесник во војната.

Објавата манипулира дека Украина е марионета во рацете на НАТО, иако е јасно дека војната би можела веднаш да престане доколку Русија се повлече од украинската територија. НАТО е одбранбена алијанса со главна цел да ги заштити своите членови и официјалните политики на НАТО се дека не бара конфронтација и не е закана за Руската Федерација. НАТО немаше инвазија врз Грузија, не спроведе инвазија врз Украина, туку тоа го направи Русија. НАТО константно се обраќа до Русија последните 30 години. 

Заедно работевме на проблеми како спротивставување на трговија со дрога и против тероризмот, па сè до спасувачки мисии за подморници, дури и во периоди кога НАТО се прошируваше. Но, во 2014 година, како одговор на руската агресивна акција против Украина, НАТО ја суспендираше практичната кооперација со Русија. Не бараме конфронтација, но не можеме да го игнорираме тоа што Русија ги крши интернационалните правила, поткопувајќи ја нашата стабилност и безбедност, пишува на страницата на НАТО.

 

НАТО не е учесник во војната

НАТО најостро ја осудува бруталната и неиспровоцирана воена агресија на Русија против Украина, која е независна, мирна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ја поддржуваат Украина, помагајќи ѝ да го задржи своето фундаментално право на самоодбрана, пишува на сајтот на НАТО.

Украина не е членка на НАТО, туку е партнерска држава. Што значи дека соработува блиску со НАТО, но не е покриена од безбедносната гаранција на основачкиот договор на Алијансата.

На страницата на НАТO, дебанкирани се неколку митови кои се шират од извори на пропагандата на Кремљ и првиот од нив е токму наведеното во објавата што ја рецензираме дека НАТО „се бори против Русија во Украина“ и тоа на сметка на украински жртви.

НАТО не е во војна со Русија и не бараме конфронтација со Русија. Она што го прави НАТО е поддршка за Украина во нејзиното право на самоодбрана, како што е наведено и во Повелбата на Обединетите Нации. Во текот на изминатите месеци, преземавме исклучиво одбранбени мерки за да го зголемиме присуството на НАТО трупи во источниот дел на Алијансата.

Ова обезбедува да нема простор за недоразбирање во Москва за нашата подготвеност да ги заштитиме и да ги одбраниме нашите сојузници. Нашата основна задача е да ги одржиме нашите 30 нации безбедни. Имаме одговорност да се осигуриме дека конфликтот нема да ескалира и да се прошири надвор од Украина, зашто тоа би било уште поразорувачко и уште поопасно, пишува на сајтот на НАТО.

Пропагандата на Кремљ

Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите односно да наметне низа оправдувања за своите напади. Украина како независна држава со територијален интегритет и суверенитет има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели. Доколку не го прави тоа, тогаш таа би се соочила со уште поголеми територијални претензии од страна на Русија.

Наративот и во оваа објава на Фејсбук е во прилог на канонадата проруски наративи кои имаат за цел да го претстават претседателот на Украина, Володимир Зеленски како марионета во рацете на западните држави. НАТО алијансата има одговорност да осигура дека војната нема да ескалира и да се прошири надвор од Украина што би било уште поопасно и подевастирачко. Кога НАТО би го затвориле небото над Украина, тоа би го довело НАТО во директен конфликт со Русија, би ја ескалирало војната и би довело до уште поголеми страдања и деструкција за сите инволвирани држави. Дополнително, Русија беше повикувана многупати да се повлече од украинската територија, но без успех.

Русија мора да престане со оваа војна веднаш. ЕУ ќе стои зад Украина во нејзината поддршка колку и долго да треба да трае, стои во заклучоците од Европската Комисија од 9 февруари 2023.

Европската Унија е на став дека Украина има право да избере своја иднина и своја судбина и им честиташе на Украинците за нивната храброст во бранењето на својата држава. Според објавата што ја рецензираме, всушност војниците на Украина кои ја бранат својата татковина, сите би требало да се изманипулирани од Западот и без сопствено расудување и трошка патриотизам да се борат за туѓи интереси. Ама тоа не е така, станува збор за огромен број на војници кои покажаа дека не се согласуваат со тоа да бидат окупирани од Русија и решија да се борат.

Лидерите на ЕУ бараа во неколку наврати Русија да го прекине огнот да ги повлече воените сили и воената опрема од Украина и да го почитува целосно територијалниот интегритет и суверенитет и независност на Украина. Тоа не се случи. Доколку НАТО сакаше да биде во војна со Русија, немаше постојано да повикува на мир кој поради некооперација на Русија не може да се оствари.

Претседателот на САД, Џо Бајден, на Самитот на НАТО во Литванија кажа дека Украина не е подготвена да биде дел од НАТО и дека прво војната мора да заврши.

Не мислам дека има едногласност во НАТО за тоа дали да влезе Украина во НАТО сега, во овој момент, среде војна. Ако војната се случува, тогаш сите ќе влеземе во војна, официјална војна со Русија, ако тоа се случи, рече Бајден.

Зеленски ја предводи нацијата во нејзината битка за одбрана на територијалниот интегритет и  суверенитет.  Украина добива помош од  ЕУ и НАТО земјите, но тоа не го прави Зеленски марионета во рацете на САД и ЕУ, со оглед на тоа што Украина самата се брани и има волја да не се предаде. Не е точно ниту дека НАТО сфатил оти не може да победи во војна против Русија – НАТО не е во војна со Русија и не сака да влезе во војна со Русија. Што се однесува на крајните резултати од контраофанзивата, Пентагон имаше изјава дека е премногу рано да се суди за крајниот резултат. Ни позитивниот ни негативниот исход од таа контраофанзива нема да го направи НАТО поттикнувач на војната во Украина, бидејќи неа ја почна Русија.

Поради сите горенаведени факти објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција