НАТО не е во војна со Русија, Алијансата само ѝ пружа поддршка на Украина
Русија не е во војна со НАТО, па оттука не може ниту да се констатира дека Русија го победила НАТО. НАТО ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО не испраќа директно оружје во Украина, туку тоа го прават земјите-членки индивидуално и тоа е наведено на официјалната веб-страница на Алијансата, а го има истакнато и генералниот секретар, Јенс Столтенберг
Русија не е во војна со НАТО, па оттука не може ниту да се констатира дека Русија го победила НАТО. НАТО ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО не испраќа директно оружје во Украина, туку тоа го прават земјите-членки индивидуално и тоа е наведено на официјалната веб-страница на Алијансата, а го има истакнато и генералниот секретар, Јенс Столтенберг
Објава на Фејсбук тврди дека во војната во Украина, Русија го победила НАТО. Ваквото тврдење не е точно.
Граѓаните на Запад веруваат дека Украина ја победува Русија, додека остатокот од светот е сведок како Русија го победи НАТО, стои во објавата која ја анализираме.
Не е точно дека во војната во Украина, Русија го победила НАТО. Прво, Русија не извојувала никаква победа, бидејќи таа сè уште ја спроведува својата агресија врз Украина, а Украина од своја страна сè уште пружа отпор и се бори за својата територија. Второ, Русија во никој случај не го победила НАТО од едноставна причина што НАТО не војува, односно не е во војна со Русија. Не е првпат поддржувачи на Русија да ја шират оваа пропаганда на Кремљ дека Русите војуваат со НАТО.
НАТО не војува со Русија, туку Русија изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа голем број на цивили и војници на украинска територија.
На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.
Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани. НАТО ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана.
НАТО помага да се координираат украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставување на хуманитарна помош. Членот 5 како безбедносна гаранција овозможува колективна одбрана и овозможува Алијансата да испраќа оружје за Украина без да ја загрози својата безбедност. Понатаму, добро оформената структура за заеднички стандарди на Алијансата и интероперабилни системи ѝ дозволува на Алијансата да доставува опрема со сигурност дека доставите до Украина може да се дополнат со компатибилна опрема од други сојузници. Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема вклучително со противтенковски и системи за воздушна одбрана, дронови и тенкови, пишува на страницата на НАТО.
НАТО не испраќа директно оружје во Украина, туку тоа го прават земјите-членки индивидуално и тоа е наведено на официјалната веб-страница на Алијансата, а го има истакнато и генералниот секретар, Јенс Столтенберг.
Поединечни земји-членки на НАТО испраќаат оружје, муниција и многу видови лесна и тешка воена опрема, вклучително и противтенковски и воздушни одбранбени системи, хаубици, беспилотни летала и тенкови. До денес, сојузниците на НАТО ѝ обезбедија на Украина воена опрема во вредност од милијарди евра. Сојузничките сили ги обучуваат и украинските војници да ја користат оваа опрема. Сето ова прави разлика на бојното поле секој ден, помагајќи ѝ на Украина да го одржи правото на самоодбрана, кое е вградено во Повелбата на Обединетите нации, се наведува на веб-страницата на НАТО во делот каде е објаснето што прават НАТО и сојузниците за да ѝ помогнат на Украина.
Столтенберг по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО заедно со шефот на украинската дипломатија (лани во април), нагласи дека НАТО не испраќа оружје директно и не планира да се инволвира во војната.
Задача ни е да спречиме ескалација, НАТО нема директно да биде инволвиран, не испраќа директно капацитети, туку испорачува поддршка на други начини, рече тогаш шефот на Алијансата.
Оружјето, пак, го праќаат земјите членки и, според Столтенберг, тоа не може да се нарече офанзивно, бидејќи се користи за дефанзивни цели со тоа што Украина е нападнатата страна, а нејзиното право на самоодбрана е запишано во Повелбата на Обединетите Нации.
Според податоците што ги објави Ал Џезира, повикувајќи се на Килскиот институт за светска економија, германски тинк-тенк, западните сојузници вложиле најмалку 75,2 милијарди евра (80,5 милијарди долари) финансиска, хуманитарна и воена помош во периодот од 24 јануари до 20 ноември 2022 година.
Со 47,8 милијарди евра (51,2 милијарди долари) во обврски, САД се најголемиот придонесувач на Украина, со најмалку 22,9 милијарди евра (24,5 милијарди долари) наменети за воени цели, 15,05 милијарди евра (16,1 милијарди долари) финансиска помош и 9,9 милијарди евра (10,6 милијарди долари) во хуманитарна помош.
Инаку, 80,5 милијарди долари, колку што вреди помошта на западните сојузници за Украина во 2022 година, изнесува само 0,19 отсто од комбинариот бруто домашен производ (БДП) на САД и ЕУ (42,1 илјади милијарди долари). И покрај ваквата мала помош Украина успева да го задржи продорот на руските сили, па дури и да премине во контраофанзива. Може само да се замисли што би се случило кога западните сојузници би доделиле помош од 3 отсто нивниот БДП, на пример, или 1 илјада и 263 милијарди долари. Сосема е сигурно дека доколку НАТО би бил во војна со Русија не би одвојувал помалку од 0,2 отсто од својот БДП за таквата војна.
Воената помош, ваква каква што е сега, вклучува оружје, опрема и финансиска помош за украинската војска. Хуманитарната помош опфаќа медицински, прехранбени и други производи за цивилите, додека финансиската помош доаѓа во форма на грантови, заеми и гаранции.
Според ова, може да се каже дека Русија не е во војна со НАТО, па, оттука не може ниту да се констатира дека Русија го победила НАТО. НАТО ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО не испраќа директно оружје во Украина, туку тоа го прават земјите-членки индивидуално и тоа е наведено на официјалната веб-страница на Алијансата, а го има истакнато и генералниот секретар, Јенс Столтенберг. Поради тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар