Не е точно дека хрватскиот претседател си поднел оставка

Пендаровски - Милановиќ, Преспа форум јуни 2023 Фото: pretsedatel.mk

Хрватски „Индекс“ за први април објави шеговит текст во кој се наведува дека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ си дал оставка и ќе го замени Мирослав Шкоро. Ова е сатирична, шеговита објава, која во објавите што ги рецензираме е претставена како реална вест, иако не е таква

Хрватски „Индекс“ за први април објави шеговит текст во кој се наведува дека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ си дал оставка и ќе го замени Мирослав Шкоро. Ова е сатирична, шеговита објава, која во објавите што ги рецензираме е претставена како реална вест, иако не е таква

 

Рецензираме објави на социјалната мрежа Фејсбук (овде и овде) во кои се вели:

Хрватскиот претседател поднесе оставка.

Во склоп на првата објава се тврди дека:

Милановиќ, кој досега тврдеше дека нема намера да поднесе оставка, во неочекуван маневар му ја достави оставката на претседателот на Уставниот суд.

Кога ќе се пристапи до текстот од првата објава со атрибуција на „хрватските медиуми“ се тврди дека „хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ненадејно си поднел оставка од функцијата, а претседателската функција ќе ја преземе независниот парламентарен претставник Мирослав Шкоро“.

Во втората објава пак, има видеоматеријал со слична содржина, во која се тврди дека „хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ненадејно си дал оставка а неговата функција ќе ја преземе независниот парламентарен претставник Мирослав Шкоро“.

Меѓутоа, изнесеното во двете објави не е вистина. Иако и медиумскиот напис и прилогот се атрибуирани на хрватски „Индекс“, веста на хрватски „Индекс“ е сатирична и објавена на денот на шегата 1 април. Македонските медиуми ја пренеле како да е вистина.

Кога ќе се погледне оригиналниот напис, сосема забележливо е од самите поднаслови дека станува збор за шега. На пример, еден од поднасловите на текстот на хрватски Индекс гласи:

Се укинува хорот за дочек на странски државници, Шкоро сам ќе им пее. 

Изјавите во текстот на Индекс, исто така, се измислени, исто како и изворите. На пример:

Милановиќ: Нарекувајте ме анемија, ќе му се напијам крв на Пленковиќ.

Ова не се реални туку измислени, шегобијни изјави исто како и целиот текст.

На мрежата Редит веќе се коментира дека ова е пракса на хрватски „Индекс“ како и многу други медиуми, на 1 април да објавуваат сатирични и шеговити текстови.

Поради сите горенаведени факти, објавите што ги рецензираме ги оценуваме како сатира.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција