Не е точно дека коронавирусот повторно се појавил поради прскање со авиони

Фото: pxhere.com

Оваа теорија особено се засили на социјалните мрежи со појавата на пандемијата на коронавирусот во обид да се манипулира јавноста дека вирусот не постои

Оваа теорија особено се засили на социјалните мрежи со појавата на пандемијата на коронавирусот во обид да се манипулира јавноста дека вирусот не постои

 

 

Пост на Фејсбук тврди дека коронавирусот повторно почнал да се шири во земјава поради авионско прскање. Ваквото тврдење не е точно.

Последиците од 10 дневното 24/7 непрекинато авионско ХУкање, кое патем уште е во тек, брзо почнаа да се чувствуваат !!! , се вели во постот кој го анализираме.

Постот ја коментира изјавата на директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ, дадена за Канал 5 телевизија во која таа информира дека за една недела 10 пациенти со ковид биле хоспитализирани на Инфективната клиника.

Според д-р Стевановиќ, станува збор за пациенти кои имаат претходни заболувања или се повозрасни. Има и полесни пациенти, но голем дел се со средно-тешка клиничка слика. Тврдењето дека коронавирусот се шири поради некакво авионско прскање нема врска со реалноста.

Ова е уште едно тврдење во низата шпекулации за „кемтрејлс“ (Chemtrails), според кои влади и разни други неименувани фактори од разни држави се ангажирани во тајна програма за распрскување отровни хемикалии во атмосферата со помош на авиони. Според застапувачите на оваа теорија на заговор, долготрајните траги на небото што остануваат по прелетувањето на некои авиони се исполнети од хемикалии, што кога ќе паднат на земјата, ќе предизвикаат здравствени последици по сите граѓани. Главниот аргумент, што поборниците на оваа теорија на заговор се обидуваат да го претстават како доказ, се трагите што зад себе ги оставаат авионите, иако станува збор за најобична физичка појава на кондензација, а не заговор против човештвото и тајна програма за распрскување отрови.

Според истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви заговорнички теории, не е најден „ниту еден веродостоен доказ дека кемтрејлс постои“.

Исто така, во врска со оваа тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Оваа теорија на заговор е актуелна од појавата на интернетот. Уште може да пронајдете бројни интернет страници, кои го промовираат овој вид на псевдонаука. Нашето истражување покажа дека научната заедница не се согласува со тврдењата оти владата, армијата, авиокомпаниите и други субјекти се здружиле во широка мисија да ја отрујат планетата со прскање преку авиони, вели Стивен Дејвиспрофесор и научник од универзитетот Ирвин во Калифорнија.

Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони, кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.

Оваа теорија особено се засили на социјалните мрежи со појавата на пандемијата на коронавирусот во обид да се манипулира јавноста дека вирусот не постои.

Коронавирусот постои и е изолиран во лабораторија во официјална постапка. На 7 јануари 2020 година, Кина го изолирала вирусот и го идентификувала како коронавирус, а од 13 јануари ја споделила геномската секвенца со Светската здравствена организација. На веб-страницата на Американската национална библиотека за медицина беше објавен целосниот геном од изолираниот вирус, земен во раните фази, како и неговата обновена верзија.

На веб-страницата на Владата поврзана со коронавирусот пишува дека:

Ковид-19 е заболување предизвикано од SARS-CoV-2, вирус од фамилијата коронавирус, првично откриен во Кина во декември 2019 година. Вирусот е причинител на акутно вирусно респираторно заболување. Ковид-19 примарно се шири преку капки на плунка или секрет од носот на заразена личност, кога тој ќе кивне или ќе кашла.

Коронавирусот не исчезнал во земјава за сега повторно, мистериозно да се појави и тоа поради прскање со некакви отрови, како што се тврди во постот кој го анализираме. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје за периодот 13-15 мај 2022 година, од направени вкупно 2674 тестови, позитивни на коронавирус се 176 лица.

Имајќи го предвид сето погоре, можеме да кажеме дека постот кој го анализираме е невистинит.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција