Не е точно дека мајката го пријавила исчезнувањето на Вања пред тоа да се случи

Фото: Принтскрин

Ваквото тврдење не само што е фактички погрешно, туку е и бесчувствително кон семејството на Ѓорчевска, шири теории на заговор и има за цел да ја збуни јавноста, односно да ја наведе на погрешен впечаток за нешто што не постои, како и да го наруши интегритетот на полицијата. Исчезнувањето на девојчето е пријавено  неколку часови пред објавата на Фејсбук од страна на мајката

Ваквото тврдење не само што е фактички погрешно, туку е и бесчувствително кон семејството на Ѓорчевска, шири теории на заговор и има за цел да ја збуни јавноста, односно да ја наведе на погрешен впечаток за нешто што не постои, како и да го наруши интегритетот на полицијата. Исчезнувањето на девојчето е пријавено  неколку часови пред објавата на Фејсбук од страна на мајката

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ова е објава на мајката на ФБ кога почнува да си го бара детето. 1:12 минути ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (на англиски време за АМ, значи наутро, а PM – значи попладне). Ова кажува дека ЖРТВАТА е измислена. Направи некој анкета со другарчињата потресени да кажат нешто за Вања? Со наставниците, со комшиите да кажи некој збор за детето. 

Потоа се споделува Фејсбук статусот на мајката на сега убиената 14 годишна Вања Ѓорчевска, Зорица, која го објави истиот на својот профил за да ја информира јавноста дека нејзината ќерка е исчезната. Но, во објавата што ја рецензираме, се тврди дека ,ФБ профилот е најверојатно измислен:

Zorica Gjorcevska November 27 at 6:08 AM ·Utrovo vo 7.20 mojata kerka Vanja Gjorcevska izleze za na uciliste i ise gubi sekakva traga. Oblecena e vo crni pantaloni so stranicni dzebovi, svetlo plav dzemper, crna kratka zimska jakna i beli najk patiki so kafeava lenta na gjonot. Posleden pat e videna vo debar maalo na pat kon Pestaloci. Dokolku imate bilo kakva informacija Ve molam vednas kontaktirajte ja policijata.UPDATE: Bi sakala mnogu da se zablagodaram do ministerstvoto za vnatresni raboti koe nesebicno e na teren i docna vecerva za da go pronajde moeto maloletno dete. Ve molam ne sirete dezinformacii, ne pomagaat vo pronaoganjeto. Eve vi go FB profilot, najverojatno e izmislen: https://www.facebook.com/zorica.gjorcevska NEKA VI ODGOVORI OBIDZUKO ZA SITE PROPUSTI.
Објавата што ја рецензираме содржи невистинити наводи. Прво, не е вистина дека мајката на во тој момент исчезнатата, а сега веќе почината Вања Ѓорчевска, Зорица, објавила дека си го бара детето пред неговото исчезнување. Ваквото тврдење не само што е фактички погрешно, туку е и бесчувствително кон семејството на Ѓорчевска, шири теории на заговор и има за цел да ја збуни јавноста, односно да ја наведе на погрешен впечаток за нешто што не постои, како и да го наруши интегритетот на полицијата. Имено, Зорица Ѓорчевска, не е измислен Фејсбук профил. Тоа го покажува фактот што во првичната објава на Ѓорчевска, таа го имаше оставено својот телефонски број за да ја контактираат граѓани со информации, но подоцна го избриша со оглед на бројните повици кои практично не биле поврзани со исчезнувањето на детето, туку биле од љубопитни и загрижени граѓани кои сакале да се информираат за текот на пронаоѓањето на Вања. Со оглед на тоа што Министерството за внатрешни работи напорно работеше од почетокот до пронаоѓањето и беше вклучен највисок тим на полициски инспектори во посебно формиран штаб за пронаоѓање на Вања, мајката едноставно го отстрани својот телефонски број од објавата и ги пренасочи граѓаните со информации да се обраќаат директно во МВР. Затоа нејзината објава каде првично стоеше телефонскиот број за контакт, подоцна беше изменета, односно таа го отстрани телефонскиот број и додаде благодарност до полицијата.
Објавата на мајката на Вања за исчезнувањето на Вања е во 12 часот и 9 минути попладне. Екипата на Вистиномер тоа го увиде додека постот на мајката уште беше активен, а по смртта на девојчето тој беше отстранет. Оваа фотографија е од истиот ден кога објавата беше споделена за првпат. Снимена е од екран на мобилен телефон од наша страна, во 12 часот и 33 минути попладне, а на самата објава пишува дека е од пред 24 минути. Така знаеме со сигурност дека времето на објавување на статусот на мајката кој потоа се прошири во јавноста е 12 часот и 9 минути.
Во објавата се споделува невистина дека жртвата е измислена. Жртвата не е измислена, туку е девојче со име презиме, телото е дадено на обдукција, има познаници пријатели, роднини, во основното училиште каде што  одела отворена беше книга на жалост, каде се потпиша целиот државен врв. Во врска со прашањето во објавата дали некој направил анкета со другарчињата на Вања, јасно е според новинарските професионални стандарди дека со малолетници не смее да се прават интервјуа и да се земаат медиумски изјави без дозвола од родител. Настанот не се случи во основното училиште и затоа училиштето реши да соработува со истрагата односно со официјалните органи, а не да дава јавни изјави.
Фејсбук профилот на мајката на Вања, Зорица, воопшто не е измислен како што невистинито се наведува во објавата што ја рецензираме. Станува збор за вистинска личност со која комуницираа бројни новинари на телефонскиот број кој беше објавен, по што ги пренесуваа нејзините изјави. МВР потврдуваше дека соработува со семејството.
Од МВР излегоа со информација зошто настанот е пријавен во полиција двапати. Еднаш од мајката и еднаш од таткото.
Мајката на девојчето го пријавила исчезнувањето во 8.35 часот на 27 ноември, на телефонскиот број за итни повици, 112. Потоа пријавата е проследена до надлежните институции. Таткото, пак, официјално го пријавил исчезнувањето во 11 часот, истиот ден, во полициска станица, соопштија од МВР.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Објавата за исчезнувањето на Вања на Фејсбук беше објавена од страна на мајката во 12 часот и 9 минути попладне на 27 ноември. Дотогаш исчезнувањето било пријавено еднаш во 8 часот и 35 минути наутро и вторпат во 11 часот. Исчезнувањето на девојчето е пријавено неколку часови пред објавата на Фејсбук од страна на мајката.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција