Не е точно дека Македонец бил прогласен за најдобар стрелец од генералите на Путин

Постот шири невистини дека некој Македонец бил прогласен од генералите на Путин за најдобар стрелец. Такво нешто и според исказот на извесен Дејан Бериќ кој говори во видеото прикажано во рамките на написот што се споделува во постот, не се случило. Како што може да се види во видеото, Бериќ самиот кажува само дека некој Македонец бил многу добар стрелец и дека тој ќе го предложел за награда, не вели дека добил награда или дека бил прогласен за најдобар стрелец. Исто така, кај нас, според измените на Кривичниот законик од 2014 година, учество во странски воени формации е забрането и државјаните кои ќе се пријават може да бидат осудени со најмалку 5 години затвор

Постот шири невистини дека некој Македонец бил прогласен од генералите на Путин за најдобар стрелец. Такво нешто и според исказот на извесен Дејан Бериќ кој говори во видеото прикажано во рамките на написот што се споделува во постот, не се случило. Како што може да се види во видеото, Бериќ самиот кажува само дека некој Македонец бил многу добар стрелец и дека тој ќе го предложел за награда, не вели дека добил награда или дека бил прогласен за најдобар стрелец. Исто така, кај нас, според измените на Кривичниот законик од 2014 година, учество во странски воени формации е забрането и државјаните кои ќе се пријават може да бидат осудени со најмалку 5 години затвор

 

 

Пост на Фејсбук споделува вест дека Македонец кој војувал на страната на Русија бил прогласен за најдобар стрелец од генералите на Путин.

Постот споделува и напис со таков наслов кој не нуди никакви информации подетални за Македонецот кој наводно добил некакво признание од генералите на Путин. Написот содржи видео од обраќање на извесен Дејан Бериќ кој според она што го кажува, се бори од страната на Русија во војната во Украина.

Бериќ во видеото изјавува дека наводно негов другар соборец, Србин, добил четврт орден за храброст (Орден мужества на руски) од генералите на Путин, со што ќе биде прогласен за херој на Русија (според исказот на Бериќ во видеото со четири такви ордени се станува херој во Русија). Наводно Бериќ, како што кажува, зборувал со некои генерали и им рекол дека неговите луѓе треба да добијат награда затоа што се покажале добри на фронтот, на што генералите му рекле „нема проблем, вие само пишете и ќе бидат наградени“.

Понатаму, тој спомнува и наводно некој Македонец кој се покажал како многу добар стрелец, но не кажува дека и тој добил орден или некаква награда, туку дека ќе го предложеле за награда. Притоа, исказот на Бериќ во делот каде што зборува за Македонецот е тотално нејасен.

Македонецот инаку е најдобар стрелец од пешадијата од сите, не зборувам за снајперско стрелање. Тука има еден Македонец кој дојде и имаше еден голем проблем бидејќи во Македонија нема амбасада он решил да дојде по секоја цена. Значи човекот дојде до граница, на граница го сопрела погранична полиција, тоа е погранична единица на ФСБ, па ме викнаа, па го  решававме тоа. Главно  го пуштија ваму и човекот се покажа екстра. Не само луѓето кои работеа со него на полигонот, рекоа дека е најдобар стрелец што се однесува до автоматско оружје, а тоа го покажаа и првите борби во кои учествуваше. Инаку и еден руски снајперист успеа во од да уништи двајца непријатели, така што и него ќе го предложиме за награда, вели Бериќ во видеото (втора минута од видеото).

Македонецот имал проблем да дојде во Русија бидејќи во Македонија немало амбасада. Ако се мисли на руска амбасада, тоа не е точно.

Наводите кои ги изнесува Бериќ во видеото не се потврдени, ниту пак, може да се докажат и затоа потребно е да се земат со резерва.

 

Кој е Дејан Бериќ?

Како што пишува српски Блиц, за Дејан Бериќ  некогаш се пишувало нашироко како за најекспониран српски борец на украинското боиште. Иако со години им е познат на разузнавачките структури, полицијата и судството, тој никогаш не бил гонет за ова злосторство во Србија.

Приказната за самиот Бериќ е подолга, датира од 2013 година и е полна со лаги, напумпани приказни, претерана потреба за внимание и воено профитерство. Постојано се заканува да ги загрози не само дипломатските односи меѓу Србија и Украина, туку и Србија и Русија.

Дејан Бериќ се огласил на четвртиот ден од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Моментално пет дена одмор, инјекции, лекови и кревет, вистински кревет направен на топло место. А потоа до нови победи. Ситуацијата на фронтот е приближно онаква каква што очекувавме. Зошто приближно? Никој од нас не очекуваше дека регуларната армија на Украина ќе ги бомбардира сопствените цивили – гласи наводната порака на Бериќ, која беше споделена на страница на социјалните мрежи која го следи конфликтот во Украина, ја пренесува Блиц неговата изјава.

 

Тогаш зборуваше и за наводните успеси на проруските сили во Донбас, а ниту една негова изјава никогаш не е потврдена, додава Блиц.

 

Дали има Македонци кои се борат на руска страна?

Во С. Македонија, незаконски е македонски државјани да се борат во војната во Украина. Според измените на Кривичниот законик од 2014 година, учество во вакви воени формации е забрането и државјаните кои ќе се пријават може да бидат осудени со најмалку 5 години затвор. Овие промени се направени за да се спречи екстремизмот, односно учеството на нашите државјани во војните на Блискиот Исток, Сирија или Ирак, т.е. да се спречи нивното приклучување на различни воени формации како ИСИС.

Според националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам Златко Апостолоски, досега нема ниту еден податок дека македонски државјанин учествувал во воениот конфликт помеѓу Украина и Русија.

Досега кај нас нема информација дека македонски државјанин учествувал во војната. Тоа се официјални податоци. Сѐ друго што ќе се прочита на интернет од наши или странски медиуми, дека тоа е поинаку, е само шпекулација – информира тој за Нова Македонија.

И од Министерството за надворешни работи за Нова Македонија истакнале дека во неколку наврати досега соопштиле оти во руско-украинскиот конфликт нема наши жители што се борат активно на едната или другата страна.

 

Што претставува рускиот орден за храброст?

Според статутот на наградата, одобрен со Указ на Претседателот на Руската Федерација од 7 септември 2010 година, на граѓаните на Руската Федерација им се доделува Орден за храброст, (Орден мужества) за храброст во заштитата на јавниот ред, во борбата против криминалот, во спасувањето луѓе во итни ситуации, како и за храбри и решителни дејствија извршени за време на воена, цивилна или службена должност во услови кои вклучуваат ризик по живот.

Статутот на наредбата, исто така, утврдува дека наградите може да се доделат на државјани на странски држави, „кои покажале несебичност, храброст и храброст во спасувањето на граѓаните на Руската Федерација во итни ситуации. Значи, се доделува на странци кои делувале во итни ситуации, не во воена должност, што значи дека другарите на Бериќ не би можеле да добијат орден за храброст поради тоа што се добри стрелци,  вклучително и Македонецот кој тој го спомнува во видеото.

Во согласност со статутот, дозволено е да се додели орден постхумно. На лицето наградено со три Ордени за храброст, (не четири како што тврди Бериќ во видеото) кога „извршува друг подвиг или друг храбар и несебичен чин“ може да му биде доделена титулата Херој на Руската Федерација.

Орденот за храброст го доделува претседателот, сега актуелниот Владимир Путин, со декрет, а не го доделуваат генералите на Путин, како што тврди Бериќ.

Според информациите кои се достапни на интернет, Путин со ваков орден во последниот период ги одликуваше постхумно заменик-гувернерот на регионот Херсон, Кирил Стремусов, кој загина во сообраќајна несреќа, Дарија Дугина, ќерката на „идеологот на Путин“ Александар Дугин која беше убиена на 20 август кога нејзиниот автомобил експлодираше во близина на селото Болши Вјазиоми, на периферијата на Москва и Владлен Татарски, воен блогер на кој му беше извршен атентат.

Путин му доделил Орден за храброст на воениот дописник Семен Пегов. Според прес-службата на Кремљ, наградата му била доделена на Пегов „за храброст и несебичност покажана во извршувањето на професионалната должност“.

Не успеавме да најдеме информација дека на некој српски војник му бил доделен орден за храброст и тоа дури четирипати. Уште помалку дека вакви ордени давале генералите на Путин.

Од сето ова можеме да заклучиме дека исказот на Дејан Бериќ, кој себеси се претставува за врвен снајперист кој сака на Фејсбук да ги споделува своите херојски подвизи и успеси за кои нема потврда, е хаотичен и не е поткрепен со никакви докази. Тој изнесува невистинити податоци,  дека на пример со четири ордени за храброст се станува херој, што не е точно, со три ордени се прогласува херој, дека генералите на Путин давале ордени, и тоа не е точно. Орденот за храброст го дава претседателот со декрет. На крајот, странски државјани не можат да добијат орден за храброст за учество во воени дејства.

Тврдењето во постот дека некој Македонец бил прогласен од генералите на Путин за најдобар стрелец е неточно. Такво нешто и според исказот на Бериќ не се случило, како што може да се види во видеото, тој самиот кажува само дека некој Македонец бил многу добар стрелец и дека тој ќе го предложел за награда, не вели дека добил награда или дека бил прогласен за најдобар стрелец.

Поради сето тоа, постот го  оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција