Не е точно дека пациентите кои починале од ковид во болниците, намерно биле убивани

Фото:Gerd AltmannPixabay

Во светот, бројни болнички установи имаа протоколи за лекување на пациентите со ковид-19 зависно од нивната клиничка слика. Да се каже дека сите кои починале во болниците „се убиени“ е чиста клевета,  неосновано и непоткрепено обвинување без никакви докази. Во написот споделен во објавата, исто така се тврди дека пациентите што биле ставени на респиратор завршувале со смртен исход. Но и тоа не е резултат на „убивање“, туку на доцната фаза на болеста

Во светот, бројни болнички установи имаа протоколи за лекување на пациентите со ковид-19 зависно од нивната клиничка слика. Да се каже дека сите кои починале во болниците „се убиени“ е чиста клевета,  неосновано и непоткрепено обвинување без никакви докази. Во написот споделен во објавата, исто така се тврди дека пациентите што биле ставени на респиратор завршувале со смртен исход. Но и тоа не е резултат на „убивање“, туку на доцната фаза на болеста

 

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели дека сите пациенти кои починале во болница од ковид, биле убиени.

Објавата споделува фотографија од напис на српски јазик, според кој ваквото тврдење го дал познат светски кардиолог.

Во написот кој го споделува објавата во коментари, се спомнува името на докторот Питер Мек Калоу (светски познатиот кардиолог како што наведува објавата), за кого Еј Би Си има пишувано дека го промовирал лекот „ивермектин“, како дел од протоколот за лекување на рана фаза на ковид и покрај тоа што Центарот за контрола и превенција на болести на САД предупредил дека пациентите не треба да земаат „ивермектин“ надвор од клинички студии.

Доктор Ник Сојер за Еј Би Си вели дека поради тоа што лекари како Мек Калоу промовирале недокажани третмани против ковид-19, како „ивермектин“ и поради тоа што тој со своите изјави ги обесхрабрувал луѓето да примаат вакцини против ковид, многу пациенти кои им поверувале на ваквите дезинформации станале критично болни од ковид-19.

Гледаме пациенти што доаѓаат во ургентното одделение кои имале ковид со денови, ги земале овие лекови и сега се многу, многу болни. Го гледаме тоа во реалниот живот, вели Сојер.

Доктор Мек Калоу, во текот на ковид-пандемијата споделуваше дезинформации. Дел од нив беа против вакцините.

Во написот кој го споделува објавата исто така се наведува дека лекот „ремдесивир“ бил смртоносен.

„Ремдесивир“ беше одобрен во ЕУ. Иако информациите за неговата ефикасност во превенирањето на смртните случаи од ковид-19 беа спротивни, не може да се каже дека неговата употреба во болниците била „убивање на пациентите“, како што тоа сака да го нагласи објавата која ја анализираме.

Во написот пишува дека „ремдесивир“ предизвикал откажување на бубрезите, тврдење што Асошиејтед прес го има дебанкирано затоа што станува збор најверојатно за последица од ковид-19, а не од антивиралниот лек.

Американската агенција за храна и лекови го одобри „ремдесивир“ под името „веклури“ за ковид-19 во октомври 2020 година. Оттаму цитираат рандомизирани клинички студии кои покажуваат дека лекот го намалувал времето потребно за оздравување. Доктор Џон Мелорс, шеф на одделот за инфективни болести на Универзитетот Питсбург, за Асошиејтед прес вели дека пациентите што добиле „ремдесивир“ во тие клинички студии не покажале никакво оштетување на бубрезите споредено со друга група која не го добила лекот.

Во светот, бројни болнички установи имаа протоколи за лекување на пациентите со ковид-19 зависно од нивната клиничка слика. Да се каже дека сите кои починале во болниците „се убиени“ е чиста клевета,  неосновано и непоткрепено обвинување без никакви докази. Вакви дезинформации беа пласирани и во С.Македонија, за време на пандемијата.

Во написот исто така се тврди дека пациентите што биле ставени на респиратор завршувале со смртен исход. Но и тоа не е резултат на „убивање“, туку на доцната фаза на болеста. Хипократовата заклетва ги обврзува лекарите да не прават штета и обвинувањето дека тие намерно убивале со протоколи во болниците е клеветничко и навредливо. Во објавата се додава дека „пациентите биле намерно еутанизирани за да се зголеми бројот на смртни случаи од ковид“, ама и ова е невистина. Оваа невистина во текот на пандемијата одеше рака под рака со лагата дека болниците добивале пари по починат пациент и дека затоа го зголемувале бројот на починати за да земат повеќе пари од кои дел им давале и на фамилиите на покојникот за што Вистиномер веќе пишуваше.

Вирусот ковид-19 за првпат беше откриен во Кина во декември 2019 година. Примарните симптоми кај пациентите, кога се појави коронавирусот, беа висока температура и треска, кашлица и отежнато дишење. Со менувањето на вирусот односно неговата мутација во варијанти, се менуваа и симптомите, а со тоа и начините на лекување. Во текот на пандемијата целиот свет учеше како да се справи со непредвидливата болест, а особено помогна вакцинацијата.

Министерството за здравство имаше набавено антивирусен лек „ремдесивир“одобрен од ФДА, како и моноклоналната „коктел терапија“ со антитела од лековите „казиривимаб“ и „имдевимаб“, одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА), и тие беа достапни во нашите болници уште од 2020 година. Истовремено, имаше Протокол за лекување на ковид-19Патека (протокол) за постапување на матичните лекари за тестирање и лекување на пациенти со ковид-19, Упатство за домашно лекување на пациенти, како и други упатства, препораки и протоколи за лекување на пациенти со коморбидитети, автоимуни заболувања и друго. Во овие документи конкретно се наведени постапките и лекарствата што треба да се даваат, а кои се ажурираат во согласност со препораките на СЗО и здравствените  регулатори.

Секој здравствен систем, вклучително и македонскиот, се трудеше да го одржи нивото на починати ниско, а не да креира смртни случаи.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека сите пациенти што починале во болниците од ковид „се убиени“.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција