Не е точно дека Русија ја победила Украина, а со ЕУ и НАТО не е во војна

Фото: Alexandra_Koch Pixabay

Објавата дезинформира дека воените дејствија од страна на Русија на територијата на Украина, врз која спроведе целосна неиспровоцирана воена инвазија на 24 февруари 2022 година, завршиле и наводно победник е Русија. Но, воената инвазија и одбраната на Украина уште траат и нема најави дека наскоро ќе сопрат. Дополнително, во објавата се дезинформира дека ЕУ и НАТО биле победени од страна на Русија, што исто така не е точно, со оглед на тоа што тие не се страни во војната

Објавата дезинформира дека воените дејствија од страна на Русија на територијата на Украина, врз која спроведе целосна неиспровоцирана воена инвазија на 24 февруари 2022 година, завршиле и наводно победник е Русија. Но, воената инвазија и одбраната на Украина уште траат и нема најави дека наскоро ќе сопрат. Дополнително, во објавата се дезинформира дека ЕУ и НАТО биле победени од страна на Русија, што, исто така, не е точно, со оглед на тоа што тие не се страни во војната

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Русија ја победи Украина, ЕУ и НАТО. Овие гниди од држави биле уморни од војната. Па добро одморете се неколку години и пак ќе го јадете.

Наспроти изнесеното во објавата, воената инвазија на Русија врз Украина уште трае, нема победник и нема прекин на воените дејствија за да може Русија да се оквалификува како победник. Дополнително, не е вистина дека Русија ги победила ЕУ и НАТО со оглед на тоа што тие не се страни и не учествуваат во војната.

НАТО ја осудува руската брутална неиспровоцирана војна на агресија врз Украина, независна, демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ овозможуваат на Украина поддршка, помагајќи ѝ да го одржи фундаменталното право на самоодбрана.

Во текст со наслов „да расчистиме“, НАТО објавува дека не е во војна со Русија и тоа го квалификува како мит.

НАТО не е во војна со Русија и не бараме конфронтација со Русија. Она што НАТО го прави е поддршка за Украина во нејзиното право на самоодбрана, коешто е втемелено во Повелбата на Обединетите нации. Изминатите месеци, имаме преземени само дефанзивни мерки за да го засилиме присуството на НАТО трупите во источниот дел на Алијансата. Ова обезбедува дека нема да има место за недоразбирања во Москва околу подготвеноста НАТО да ги заштити и брани своите сојузници. Нашата основна задача е да обезбедиме нашите 30 нации да бидат безбедни. Имаме одговорност да осигуриме дека конфликтот нема да ескалира и да се прошири надвор од Украина, затоа што тоа би било уште поопасно и поразорно, пишува на сајтот на НАТО.

Дека војната не е завршена и нема победник, потврдува и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој ја негираше изјавата на генералот Валери Залужни дека војната е во „ќорсокак“ дадена за „Економист“ на први ноември годинава.

Не сме подготвени да му ја дадеме нашата слобода на терористот Путин. Тоа е тоа. Затоа се бориме. Тоа е тоа, рече Зеленски на 5 ноември годинава.

Зеленски додаде дека навистина, денеска ситуацијата е тешка, но не смета дека е во „ќорсокак“.

Мислеа дека ќе ни дадат шах-мат, но тоа не се случи, изјави тој додавајќи оти украинската војска има поинакви планови, но е свесна оти тие се невозможни без релевантно и соодветно оружје.

Делот од објавата што ја рецензираме, во кој пишува дека „овие гниди од држави биле уморни од војната“, најверојатно е асоциран од неодамнешниот објавен телефонски разговор (кој се случил во септември) во кој италијанската премиерка Џорџија Мелони беше измамена од двајца руски  „шегаџии“ во телефонски разговор, мислејќи дека зборува со претставници на Африканската Унија. Мелони, не знаејќи дека разговара со шегаџии кои лажно се претставиле, изјави:

Гледам дека има многу замор од сите страни. Блиску сме до моментот во кој секој ќе разбере дека ни треба излез.

Меѓутоа, ова не е официјален став ни на ЕУ, ни на НАТО ни на Украина. Контраофанзивата трае веќе пет месеци и Украина успеа да напредне 17 километри. Русија десет месеци се бореше околу Бахмут во истокот за да заземе град долг и широк 6 километри. Неизвесно е што ќе се случува во иднина, но во овој момент е невистина да се каже дека Русија ја победила Украина во војната. На 11 октомври НАТО сојузниците одлучија да продолжат да ја поддржуваат Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг, тогаш посочи дека НАТО ќе продолжи да обезбедува уште повеќе топла облека, гориво и медицинска помош за да ѝ помогне на Украина да помине уште една тешка зима. Сојузниците објавија дека ќе обезбедат дополнителна помош за Украина, вклучително авиони F-16, тренинг, воздушна одбрана, муниција и опрема.

Доколку беше вистина наведеното во објавата, која ја рецензираме, дека Русија ја победила Украина, тогаш ваквата помош и поддршка воопшто немаше да се реализира и да биде потребна. Исто така, на 24 октомври годинава Европската комисија исплати 1.5 милијарди евра од пакетот за макрофинансиска помош за Украина вреден до 18 милијарди евра. Со овој инструмент ЕУ ѝ помага на Украина да ги покрие своите неопходни финансиски потреби со стабилна финансиска помош во 2023 година. Украина досега прими 15 милијарди евра од оваа помош.

Дополнително, американскиот департмент за одбрана (US Department of Defense) на 26 октомври наведе дека армијата на САД продолжува да се фокусира на поддршка за Украина.

Како што се наведува во соопштението, оваа клучна безбедносна помош вклучува капацитети за противвоздушна одбрана, артилерија, муниција, противтенковско оружје и друга важна помош за да ѝ се помогне на Украина да се спротивстави на руската агресија и да ја продолжи својата борба за независност и слобода. Инаку, овој пакет на безбедносна помош е уште еден видлив сигнал за континуираната посветеност на САД за поддршка на украинскиот народ соочен руската агресија.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Русија не ја победи Украина, а ЕУ и НАТО не се во војна. Воената инвазија на Русија врз Украина и контраофанзивата траат без најави дека ќе дојде до нивен прекин во брзо време. Оттаму, нема ниту промена во ставот на ЕУ и НАТО да го поддржат украинското право на самоодбрана.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција