Не е точно дека само кај нас возилата со придружба имаат првенство пред возилата на Брза помош

Фото: Принтскрин видео

Не може да се каже дека само во С. Македонија возило на брза помош стои за да помине возило со придружба, или како што се тврди во објавата, за да поминел  Столтенберг. Возилата со придружба имаат првенство на поминување пред сите други возила, не само во нашата земја, туку и во Србија и Хрватска, која е земја членка на ЕУ

Не може да се каже дека само во С. Македонија возило на брза помош стои за да помине возило со придружба, или како што се тврди во објавата, за да поминел Столтенберг. Возилата со придружба имаат првенство на поминување пред сите други возила, не само во нашата земја, туку и во Србија и Хрватска, која е земја членка на ЕУ

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека само во нашата држава возило со придружба има предимство пред возило на Брза помош. Ова не е точно. Објавата се однесува на посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Скопје и е испишана со недлочиен речник.

Само во севернава вуко**бина прво мора да помине нато фашистот Столтенберг место брзата помош!, стои во објавата.

Прво, во неа се инсинуира дека НАТО е фашистичка организација, што апсолутно не е точно.

Целта на НАТО, како меѓународна организација, е да ги гарантира слободата и безбедноста на своите членки преку политички и воени средства.

Политички НАТО промовира демократски вредности и им дава можност на членките да се консултираат и да соработуваат за прашања поврзани со одбраната и безбедноста за решавање проблеми, градење на довербата и, на долгорочен план, спречување конфликти.

Воено – НАТО е посветена на мирно решавање на споровите. Доколку дипломатските напори не успеат, таа ја има воената моќ да преземе операции за управување со кризи. Тие се извршуваат според клаузулата за колективна одбрана на основачкиот договор на НАТО – Член 5 од Вашингтонскиот договор или според мандат на Обединетите нации, самостојно или во соработка со други земји и меѓународни организации.

НАТО во никој случај не поддржува и промовира фашизам, па оттука и не може да се тврди дека таа е фашистичка организација, ниту, пак, нејзиниот генерален секретар може да се нарекува нато-фашист.

Понатаму, објавата споделува видео од скопска раскрсница на кое се гледа како автомобилите стојат за да помине возило со полициска придружба, што може да се заклучи од сирените кои се слушаат во видеото. Истото е објавено дента кога Столтенбер пристигна во Скопје. Меѓу сопрените автомобили е и возило на Брзата помош. Објавата тврди дека само кај нас возило со придружба, во конкретниот случај придружба на Столтенберг, има предност и морало да помине прво, пред Брзата помош.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во член 138, став 1, под возила под придружба, „се сметаат возилата на кои им е доделена придружба од возила на полицијата или од воени лица на посебни моторни возила, снабдени со уреди за давање на посебни звучни и светлосни знаци во сина и црвена боја, додека се даваат тие знаци“.

Во ставот 3 од истиот член стои:

Возилата под придружба, водејќи сметка за безбедноста на другите учесници во сообраќајот, имаат право на првенство на минување во однос на сите други возила, освен во однос на возилата што се движат на крстосница на која сообраќајот е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или со знаци што ги дава полициски службеник.

Во член 139 кој се однесува возила со право на првенство на минување, во став 1 стои:

(1) За возила на службата за брза помош, на противпожарната служба, на полицијата и на Армијата на Република Македонија, кога со посебни уреди даваат светлосни и звучни знаци, не се применуваат одредбите на овој закон на обврската за врзување со безбедносен појас (член 23 став (1)), за забрана за користење на мобилен телефон и други уреди (член 24 став (1)), ограничување и начинот на менување на брзината (членови 34 ставови (1) и (2), 35 ставови (1) и (2) и 36 став (1)), за забрана на престигнување и обиколување на колона возила (член 50) и за забрана за пресекување на колона пешаци (член 125 став (1)). Тие возила имаат право на првенство на минување во однос на сите други возила (член 41), освен во однос на возилата под придружба (член 138) и возилата што се движат низ крстосница на која сообраќајот е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или со знаци на униформиран полициски службеник, под услов да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Значи, возилата под придружба имаат првенство пред сите останати возила во сообраќајот, што значи дека имаат првенство и пред возила на Брзата помош. И ова не е случај само во Северна Македонија,  Вистиномер ги провери законските прописи за безбедност во сообраќајот, на пример во Србија и во Хрватска, која е земја членка на ЕУ.

Во српскиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, во членот 106, под возило со придружба се смета „возило на кое му е одредено да биде придружувано од полициски возила, Агенција за безбедност и информации, вооружени сили на Србија, односно Воено-безбедносна агенција, кога даваат посебни звучни и светлосни сигнали. За возило со придружба се смета и возило на полицијата, вооружените сили на Србија, Безбедносно-информативната агенција и воено-безбедносната агенција, кога дава посебни звучни и светлосни сигнали“.

Во истиот член стои:

Возилата со придружба имаат првенство на минување над сите други возила, освен возилата кои се движат низ раскрсница каде сообраќајот е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или знаци на полициски службеници кога им е забрането да поминуваат покрај тие знаци и одредбите од овој закон не се применуваат на нив на ограничувањето на брзината, на минување на пешаците, на забраната за сечење на линијата на пешаци, на забраната за престигнување и обиколување на возила, под услов да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Во членот 108 стои:

Возилата со првенство на минување имаат првенство во однос на сите други возила, освен во однос на возилата под придружба и возилата кои се движат низ раскрсница каде сообраќајот е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или знаци на полициски службеник, кога исто така им е забрането поминувајќи покрај овие знаци одредбите од овој закон за ограничување на брзината, за пропуштање на пешаци, за забрана за сечење на пешачка линија и за забрана за престигнување и обиколување на возила, под услов да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Истото го пропишува и хрватскиот Закон за сигурност во сообраќајот на патиштата.

Во член 148 став 1 се дефинира кои се возила под придружба.

Возила со придружба, во смисла на овој закон, се возила што се придружувани од припадници на полицијата и воената полиција со специјални полициски возила опремени со уреди за давање посебни звучни или светлосни сигнали во црвена и сина боја, како и самите полициски возила,  и тоа за време додека ги даваат тие знаци.

Во истиот член, став 3, е пропишано дека возилата со придружба имаат првенство во однос на сите други возила, освен во однос на возилата кои се движат на раскрсница на која сообраќајот се управува со сообраќајни светла или знаци од страна на овластени лица.

Во членот 149 кој се однесува на возилата со право на предимство, во став 3 стои:

Кога возило за внатрешни работи и воена полиција со употреба на сини светла осигурува поминување на едно возило или колона возила кои се движат позади него, возачите се должни да обрнат внимание и на возилата на кои им се осигурува поминување, да ги пропуштат и според потребите, да ги сопрат своите возила додека тие возила не поминат.

Според ова, не може да се каже дека само во С. Македонија, возило на брза помош стои за да помине возило со придружба, или како што се тврди во објавта, за да поминел Столтенберг. Возилата со придружба имаат првенство на поминување пред сите други возила, не само во нашата земја, туку и во Србија и Хрватска, која е земја членка на ЕУ. Понатаму, објавата неосновано тврди дека НАТО е фашистичка организација, што не е точно. Поради сето горенаведено, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција