Не е точно дека „сатанисти од длабоката држава“ консумираат адренохром од измачувани деца

Фото: Принтскрин видео

Нема никакви докази дека адренохромот е дрога која се добива од крвта на претходно мачени деца и дека се користи за подмладување, како што тврдат поддржувачите на оваа теорија на заговор. Во реалноста станува збор за синтетичка супстанца која е лесно достапна и се добива во лабораторија. Според најголемата медицинска библиотека во светот, Националната библиотека за медицина во САД, адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Може да се нарача на интернет од повеќе добавувачи, но само за истражувачки цели,

Нема никакви докази дека адренохромот е дрога која се добива од крвта на претходно мачени деца и дека се користи за подмладување, како што тврдат поддржувачите на оваа теорија на заговор. Во реалноста станува збор за синтетичка супстанца која е лесно достапна и се добива во лабораторија. Според најголемата медицинска библиотека во светот, Националната библиотека за медицина во САД, адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Може да се нарача на интернет од повеќе добавувачи, но само за истражувачки цели

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео и се вели:

Ужас… Мамичето злосторничко, сатанистичко… Дај Боже што побрзо креаторот, семоќниот створител на сите светови Бог, сите сатанисти од длабоката држава најстрого да ги казни во овој живот и истите да ги елиминира или меѓу себе самите тие да се истребат и елиминираат!!!

Во видеото споделено во објавата се цитира Роберт Дејвид Стил, според него „таа крв e збогатена со адреналин“ и „дека тој во многу интервјуа зборувал дека во добростоечките кругови адренохромот се смета за средство за подмладување“.

Се испостави дека пиењето детска крв е едно средство против стареење. Тоа е нешто навистина болно и одвратно, но тоа е хемиски факт. Кога се пие адренизирана детска крв, т.е. кога детето се тероризира, не само во сатанизмот, туку кога се мачи и во други сатански ритуали, кога детската крв се адренизира и се пие пред да се убие детето, тоа е двојно појако средство против стареење, вели Роберт Дејвид Стил во видеото.

Кој е Роберт Дејвид Стил?

Роберт Дејвид Стил е теоретичар на заговор кој ширеше бројни дезинформации и контроверзни и докажливо погрешни факти за повеќе теми, а меѓу нив и за ковид пандемијата и вакцините. Тој почина од ковид во 2021 година, болеста која тој ја нарекуваше „измама“.

Во текот на животот беше познат по своите антисемитски ставови, тврдеше дека „НАСА оперира со колонија на деца робови на Марс“, но и гласно ги прошируваше теориите на заговор како оваа од објавата што ја рецензираме – Кју Анон теоријата на заговор за пиење детска крв со цел подмладување и дека „експретседателот Доналд Трамп ќе истреби сомнителна кабала на демократски педофили“.

Теоријата на заговор Кју анон се однесува на конгломерат небулози, меѓу кои и таа спомената во постот кој го рецензираме, дека „постои длабока држава опишана како сатанисти кои му се поклонуваат на ѓаволот, како и елити кои што имат синџир за глобална трговија со деца која им ја пие крвта, а претходно ги измачува“. Адренохромот, многу актуелен збор во Кју Анон терминологијата, според нејзините приврзаници, се користи за да ги подмлади овие „сатанисти“.

Теоријата на заговор Кју Анон почна на 28 октомври 2017 година на анонимниот интернет форум 4Чан со тема насловена: „Затишје пред бура“ и анонимен корисник со псевдоним „Кју“ постираше дека Хилари Клинтон ќе биде уапсена меѓу 7 и 45 и 8 и 30 часот во понеделник на 30 октомври 2017 година, што не се оствари. Ниту една Кју анон приказна не се докажа, иако имаше многу предвидувања за наводни апсења на елитите и разбивање на „кабалата“ во која секогаш како ликови што ја претставуваат, беа наведувани  демократи од Америка.

Иако никогаш со докази не е потврдено дека постои некаква пракса да се екстрахира адренохром од деца, сепак наративот не престанува да циркулира на социјалните мрежи.

Според најголемата медицинска библиотека во светот, Националната библиотека за медицина во САД, адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Се користи како лек во форма на негови деривати за лекување на загубата на крв како хемостатик. Во лабораториите се синтетизира со помош на сребрен оксид кој се користи како оксидирачки агенс. Нема докази дека оваа супстанца се користи за подмладување.

Ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето. Вистината е дека адренохромот се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се жртвуваат за да се добие оваа состојка од нивната крв.

Адренохром нашироко се употребува за да се намали загубата на крв кај отворени рани и повеќето продавачи потенцираат дека е синтетички.

Адренохромот е достапен за истражувачите во синтетичка форма. „Санта Круз Биотехнолоџи“, фирма во Калифорнија, продава синтетички адренохром за 55 долари за 25 милиграми.

Сите продажби се за лаборатории кои имаат сертификати да ја купуваат оваа хемиска состојка. Како што пишуваат странски проверувачи на факти, да се извлече адренохром од живо човечко битие, би претставувало многу комплицирана процедура, со многу чекори за прочистување и операции.

Да се зема од живи луѓе не е логично, бидејќи е малку веројатно дека надбубрежната жлезда на детето би можела да даде повеќе од половина милиграм, дури и кога би имало процес за негово извлекување од бубрежната жлезда и прочистување заради отстранување на ткивото, вели доктор Мителман од УКЛА за „Лид сторис“.

Идејата дека супстанцата мора да се извлече од жив организам за да има својства против стареење, се базира на филмот „Страв и омраза во Лас Вегас”, во кој еден од протагонистите продава адренохром и вели дека за да има ефект адренохромот мора да се извади од жив човек.

Сепак, освен во филмовите и во книгите, нема научна поткрепа за тоа дека адренохромот е еликсир на младоста.

Нема никакви докази дека адренохромот е дрога која се добива од крвта на претходно мачени деца и дека се користи за подмладување, како што тврдат поддржувачите на оваа теорија на заговор. Во реалноста станува збор за синтетичка супстанца која е лесно достапна и се добива во лабораторија. Вистината е дека адренохромот се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се жртвуваат за да се добие оваа состојка од нивната крв. Може да се нарача на интернет од повеќе добавувачи, но само за истражувачки цели, на пример овде.

Поради сите горенаведени факти, објавата ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека „сатанисти од длабоката држава“ консумираат адренохром од деца што се мачени и убивани.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција