Не е точно дека вакцини купени од „Фајзер“ се испорачуваат во земјава од пред 5 месеци

Првата пратка купени вакцини од „Фајзер“ стигнала во април, а не во февруари, односно Фајзер вакцините почнале да се испорачуваат од пред 2 месеца и 3 недели. Пет месеци и два месеца и три недели не е исто.

Владејачката СДСМ, реплицирајќи ѝ на ВМРО-ДПМНЕ во врска со вакцините против ковид-19, преку партиско соопштение го изјави следното:

ВМРО ДПМНЕ како што ги преспа, двата силни брана на Ковид 19, според тврдењето на нивниот лидер Мицкоски, продолжува да спие и за време на вакцинацијата на населението. Да не спиеше ВМРО ДПМНЕ ќе знаеја дека 800.000 дози вакцини купени од производителот Фајзер, се испорачуваат во нашата земја од пред 5 месеци, и тоа секој понеделник.

 [Извор: Официјална страна на СДСМ, Датум: 13.07.2021]

 

Тврдењето на СДСМ во врска со испораката на вакцините од прозиводителот „Фајзер“ е невистинито.

СДСМ тврди дека 800.000 дози вакцини купени од производителот „Фајзер“, се испорачуваат во Македонија од пред 5 месеци, и тоа секој понеделник. Доколку пресметаме, ако сега сме седми месец (јули), значи, според СДСМ, вакцините на Фајзер се испорачуваат од пред пет месеци, што значи од втори месец (февруари). Но, ако пребарате на интернет, ќе видите дека првата пратка вакцини купени од Фајзер, пристигнала на 19.04.2021 година, значи во април.

Министерството за здравство ја информира јавноста дека попладнево стигна првата пратка од вакцината Фајзер, која МЗ ја обезбеди cо директни преговори со овој производител на вакцина против КОВИД-19. Станува збор за 10.530 дози од вакцината Фајзер, кои веќе од среда ќе бидат распределени по вакциналните пунктови во државата, каде се одвива вакцинација согласно Националната стратегија за КОВИД имунизација, стои на официјалната веб страна на Министерството за здравство.

Значи, првата пратка купени вакцини од „Фајзер“ стигнала во април, а не во февруари, односно „Фајзер“ вакцините почнале да се испорачуваат од пред 2 месеца и 3 недели. Пет месеци и два месеца и три недели не е исто.

Според ова, може да се заклучи дека изјавата на СДСМ дека вакцините купени од производителот „Фајзер“, се испорачуваат во нашата земја од пред 5 месеци, е невистина.

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција