Не е вистина дека авиони го „шараат“ небото со ковид-19

Фото: pixabay.com

Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови. Научно е докажано дека ковид-19 е инфективна репсираторна болест, се пренесува на растојание помало од два метра преку капките од носот и устата на заболеното лице, преку зборување, кашлање, пеење. Така што, е невозможно инфекцијата да се случи со пуштање на вирусот од авион и од огромна височина

Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови. Научно е докажано дека ковид-19 е инфективна репсираторна болест, се пренесува на растојание помало од два метра преку капките од носот и устата на заболеното лице, преку зборување, кашлање, пеење. Така што, е невозможно инфекцијата да се случи со пуштање на вирусот од авион и од огромна височина

 

 

На социјалните мрежи повторно вирално се споделува теоријата на заговор дека коронавирусот се шири преку прскање на населението со авиони од небото. На објавата којашто е предмет на оваа рецензија се прикажани неколку фотографии на кои се гледаат бели траги од авиони, а кои се претатавуваат како некаков показател  дека за 7 дена ќе почне да расте бројот на заболени од ковид-19! Ова нема апсолутно никаква врска со реалноста.

ДЕНЕСКА ПОЧНАА ПОВТОРНО СО ШАРАЊЕ НА НЕБОТО !!!

ОЧЕКУВАЈТЕ ЗА 7 ДЕНА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БОЛНИ ОД КОВИД !!!

Белите траги од авиони коишто ги гледаме на небото ги имало и ќе ги има. Такви траги во воздухот сме гледале уште пред појавата на коронавирусот (пред повеќе од две години) и немаат никаква поврзаност со лицата кои се инфицирани од вирусот.

Оваа вирална објава на која се закачени три фотографии на кои се гледаат белите траги што ги оставаат авионите, без никакви докази, туку врз основа на многу раширена и вирална теорија на заговор, ја манипулира и заплашува јавноста дека тоа значи дека за една недела ќе почне да расте бројот на инфицирани лица.

Тимот на „Вистиномер“ неколкупати досега пишуваше дека вирусот не се шири така што некој нè прска со него од небо. Ова е целосна дезинформација, односно теорија на заговор позната како „кемтрејлс“, која е стара повеќе од две децении и го преставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“.

Во екот на пандемијата со коронавирусот, оваа теорија масовно се злоупотребува за да се инсинуира дека од авиони го фрлаат вирусот или дека авионите не трујат со хемиски супстанци кои ги предизвикуваат симптомите на ковид-19.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката е подолго време видлива мора да содржи екакви опасни дополнителни супстанции. Според ваквите верувања нормалната трага од авионот треба брзо да се распрсне, така што облаците кои не исчезнуваат веднаш мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции.

Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови.

Група од 77 научници објавија извештај откако ги прегледаа наводните докази за тоа дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци.  Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.

Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират на неколку километри.

Тврдењето дека со прскање од авиони расте бројот на ковид случаи е бесмислено, затоа што коронавирусот се пренесува преку вдишување на респираторни капки од некој што е заболен, кои се исфрлаат преку кашлање, кивање, зборување и пеење.

За да се инфицира лицето, вирусот мора да навлезе во устата, носот или очите што се случува кога лицата се во близок контакт помал од еден метар со инфицирано лице. Така што, невозможно е инфекцијата да се случи со пуштање на вирусот од авион и од огромна височина.

Оттука, оценуваме дека не е вистина дека небото „се шара со коронавирус“ и дека поради тоа ќе расте бројот на лица позитивни на ковид-19. Верувањата дека авиони нè прскаат со коронавирусот од кој потоа луѓето заболуваат од ковид-19, се невистинити и имаат за цел да ја заплашат јавноста.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција