Не е вистина дека сите што починале од канцер или од срце се водат како починати од Ковид-19

Не е точно дека сите што починале од карцином или срцево заболување се евидентираат како пациенти починати од Ковид-19. Точното тврдење е дека сите што веќе имаат позитивен резултат на коронавирусот, а имаат и придружна болест, која е дополнителна ,,кауза мортис”, односно дополнителна причина за настапувањето на смртта, се евидентираат како починати од Ковид-19. Од постот се добива сосема друг впечаток, а тоа е дека и без позитивен брис на пациентите им се накалемува дијагнозата Ковид-19, што, се разбира, не е точно

 

Изјави на докторите Ирина Сотирова Бухова и Никола Пановски од пред четири месеци дадени за телевизија Алфа, се споделуваат четири месеци подоцна во пост на Фејсбук со толкување кое содржи невистини, полувистини и гласи:

,,Сé што во Македонија во моментов умира по болници се прогласува за починато од корона, за СИТЕ пациенти со канцер, срцеви заболувања, сообраќајќи, убиства, самоубиства, на барање од јавниот обвинител се бара тестирање ПОСЛЕ смртта и се регистрираат како умрени од корона”.На здравје бричење 😅 пак да сте послушнички. Чки.

 

Доколку се преслуша изјавата на доктор Ирина Сотирова Бухова, која е истовремено и член на Комисијата за заразни болести, се доаѓа до заклучок дека ова тврдење, кое е изнесено во постот, не е целосно вистинито. Не е точно дека сите што починале од карцином или срцево заболување се евидентираат како пациенти починати од Ковид-19. Точното тврдење е дека сите што веќе имаат позитивен резултат на коронавирусот, а имаат и придружна болест, која е дополнителна ,,кауза мортис”, односно дополнителна причина за настапувањето на смртта, се евидентираат како починати од Ковид-19. Од постот се добива сосема друг впечаток, а тоа е дека и без позитивен брис на пациентите им се накалемува дијагнозата Ковид-19, што, се разбира, не е точно. Постои голема разлика меѓу овие две тврдења. Ако некој има и канцер и Ковид-19, при пријавувањето на смртта, се пишуваат двете дијагнози, и таа за коронавирус и таа за канцер.

Земјава само го следи упатството на Светската здравствена организација за евидентирање на смртноста, кое може да се пронајде на овој линк . Во ова упатство јасно е наведено, следното:

Како смрт поради Ковид-19 се дефинира смрт што резултирала од клинички компатибилна болест, во веројатен или потврден случај на Ковид-19, освен ако не постои јасна поинаква причина за смртта, која не може да се поврзе со Ковид-19. На пример, траума. Смрт што настапила поради Ковид-19, не смее да се атрибуира на друга болест, на пример, канцер и треба да се брои независно од околностите за кои постои сомнеж дека го поттикнале агресивниот тек на Ковид-19.

Значи, начинот на кој се евидентирани луѓето што починале и биле позитивни на коронавирусот, а притоа имале и други придружни болести во Македонија е направен според упатството на СЗО и тука нема никаква ,,лажна статистика” како што сугерира постот.

Вистинито е сепак, дека СЗО не препорачува починатите од сообраќајки да бидат евидентирани во статистиката на пациенти кои починале од Ковид, дури и ако тие биле позитивни на коронавирусот.

Не, не треба да се водат како смртни случаи од Ковид-19. Лица со Ковид 19, може да починат како последица на несреќа и таквите случаи не се сметаат како смрт настаната поради Ковид-19 и не треба така да се класифицираат. Ако Ковид-19 ги влошил последиците од несреќата, може да се пријави тоа во вториот дел од формуларот. Ве молиме да запомните да го наведете начинот на смртта како ,,несреќа” и во првиот дел од формуларот да наведете за каков точно инцидент се работи, или за каков друг надворешен фактор станува збор, упатуваат од СЗО.

Уште на средината на јуни министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека МЗ ќе ја ревидира својата методологија за евидентирање на процентот на смртност од Ковид-19 за нашата земја и рече дека за тоа веќе е изготвен и правилник. Тој објасни дека причината поради која лицата починати во сообраќајки или како последица на самоубиство, а кај кои пост мортем било утврдено присуство на коронавирусот, се воделе како ковид позитивни е да се заштити семејството, да се стават во изолација контактите или да се следи нивната состојба.

Ние имавме пристап со кој правевме пост мортем брисови со индикација, со цел да се заштитат семејствата на починатите. Точно е дека има основна причина за смрт и фактот дали пациентот е носител на вирусот или не. Поради тоа што има пациенти што ќе починат поради друга состојба, на пример, на Клиниката за гастроентерохепатологија поради крварење и тоа е основната причина за смртта. Но, во исто време истиот пациент е позитивен на Ковид-19. Во нашата евиденција сега се евидентира како ковид, меѓутоа имавме состанок со директорот на Институтот за судска медицина за да ја ревидираме оваа методологија – рече министерот Филипче.

Следствено, делот од постот во кој се тврди дека ,,сите што умираат сега во болниците се водат како ковид позитивни” е невистинит. Делот од постот каде се тврди дека сите што починале од убиство, самоубиство и сообраќајка се водат како ковид позитивни, пак, е само делумно вистинит. Направена е замена на тезите. Не сите со овие состојби се водат како ковид позитивни, туку само оние за кои јавен обвинител наложил обдукција и кај кои пост мортем е утврдено присуство на вирусот.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција