Не е вистина дека Западот го ограбува историското наследство на Украина

Фото: Принтскрин видео

Нема никакви докази дека се работи за кражба и „киднапирање“ на културното богатство на Украина, ваквите тврдења изнесени во постот беа демантирани од украинските власти. Украинското Министерство за култура и информатички технологии објави дека тврдењата за киднапирање на украински свети мошти се измислени. Во постот се вели дека моштите од киевскиот црковен комплекс ќе бидат трајно преместени, како и украинските икони кои се изложени во парискиот музеј Лувр.  Вистината е дека некои византиски икони се привремено евакуирани од Украина, како одговор на заканата од нивно уништување од руските ракетни напади. Министерството за култура на Украина уверува дека иконите ќе се вратат дома штом ситуацијата го дозволи тоа

Нема никакви докази дека се работи за кражба и „киднапирање“ на културното богатство на Украина, ваквите тврдења изнесени во постот беа демантирани од украинските власти. Украинското Министерство за култура и информатички технологии објави дека тврдењата за киднапирање на украински свети мошти се измислени. Во постот се вели дека моштите од киевскиот црковен комплекс ќе бидат трајно преместени, како и украинските икони кои се изложени во парискиот музеј Лувр.  Вистината е дека некои византиски икони се привремено евакуирани од Украина, како одговор на заканата од нивно уништување од руските ракетни напади. Министерството за култура на Украина уверува дека иконите ќе се вратат дома штом ситуацијата го дозволи тоа

 

 

Фејсбук објава преку споделување на неколку факти и нивно извртување, ја манипулира јавноста дека Западот го ограбува историското наследство на Украина. Ова не е вистина, станува збор за заштита на богатствата, а не нивно крадење.

Во постот се вели:

Зеленски одобри отстранување на христијанските богатства, вклучително и свети мошти, од Киевско-Печерската лавра за последователно пренесување во музеите во Италија, Франција, Германија и Ватикан.

Дел од вредните предмети веќе се однесени во Канада, а дел во Франција (16 икони од византискиот период).

“Украинските уметнички дела, вклучително и вредни византиски икони, беа тајно изнесени од Киев за да се чуваат во Лувр додека трае војната во Украина. Пет дела беа претставени на јавноста како дел од изложбата „Потеклото на светата слика“. , кој ќе трае до 6 ноември, изјавува француската новинска агенција АФП.

Однесувањето на европските колонијалисти денес не е ни за нијанса поинакво. Знаат само да ограбуваат, лажат, провоцираат и изневеруваат. На ова е изградена благосостојбата на современиот Запад.

Киевско-Печерската лавра е историски православен христијански манастирски комплекс кој се наоѓа во Киев, Украина. Комплексот претставува седиште на митрополитот на украинската црква. Главна карактеристика на манастирот е системот на катакомби под него во кои се закопани мумифицираните тела на преку 100 монаси и светци.

Фејсбук објавата, којашто е предмет на оваа рецензија тврди дека, претседателот на Украина, Волдомир Зеленски, се согласил моштите и други национални богатства да бидат преместени од Киевско-Печерската лавра во музеи во западните земји. Ова е манипулација и не е вистина. Нема никакви докази дека се работи за кражба и „киднапирање“ на историското богатство на Украина, туку напротив, овие тврдења се демантирани од повеќе извори.

Ваквата манипулација потекнува од Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација, на чијашто официјална веб-страница на 26 јуни 2023 година е објавено соопштение, во кое се наведува дека украинските власти и УНЕСКО постигнале договор за „отстранување на христијанските богатства“ од комплексот Киев-Печерска Лавра во Киев и нивно пренесување во музеите во западните земји. Соопштението се повикува на изјавите на директорот на оваа служба, Сергеј Наришкин.

Глобалистичките елити, познати по својата страст да присвојуваат туѓ имот, ги засилуваат напорите за ограбување на Украина. Но, ако порано се работеше за финансиски и материјални ресурси, вклучително и жито и плодна почва, сега тие ги подаваат рацете кон православните светилишта лоцирани на украинска територија, се вели во соопштението.

Меѓутоа, освен сознанијата на Службата, во соопштението не се наведуваат докази или извори за тврдењата. Наводите од објавата ги пренесоа медиумите на руски јазик. Агенцијата РИА Новости ги објави наводите во напис на 26 јуни 2023 година.

Украинскиот министер за култура, Олександар Ткаченко, ги демантираше овие тврдења на својот канал Телеграм и на Твитер.

Како што Лаврата станува поукраинска, толку повеќе беснее Русија. Нашата единствена сегашна цел е да го заштитиме од рускиот свет и да го потврдиме присуството на сите наши свети украински мошти. Ниту едно свето богатство нема да ја напушти Украина, а се што е украдено од Русија ќе мора да се врати, напиша министерот.

На официјалната Фејсбук страница на украинското Министерство за култура и информатички технологии на 27 јуни 2023 година споделена објава од Телеграм на Центарот за стратешки комуникации при ова министерство, во кое се наведува дека тврдењата за киднапирање на украински свети мошти се измислени.

Максим Остапенко, в.д генерален директор на Националниот комплекс Киев-Печерската Лавра, тврдењата дека се „извезуваат христијанските вредности од Киевско-печерската лавра во Европа“ ги нарече лажни информации од руските телеграмски канали.

Немаме и нема да има такви планови. Украинските споменици ќе се чуваат во Украина и нашата држава ќе направи сè за да ги заштити овие споменици, вклучително и од руските агресори.

Во објавата се вели дека моштите од киевскиот црковен комплекс ќе бидат трајно преместени, како и украинските икони, кои се изложени во парискиот музеј Лувр.

Вистината е дека некои византиски икони се привремено евакуирани од Украина,  како одговор на заканата од уништување од руските проектили. Според написот на украинскиот Форбс, музејот Каненко бил оштетен во руски напад во октомври 2022 година, а евакуацијата на византиските икони од Музејот била организирана како мерка на претпазливост во мај 2023 година.

Но, не станува збор за каква било „кражба“ на културното наследство на Украина од страна на Западот. Министерството за култура на Украина уверува дека иконите ќе се вратат дома штом ситуацијата дозволи. Освен тоа, евакуацијата на византиските икони бил принуден чекор. Во октомври 2022 година, историската зграда и внатрешната декорација на музејот Каненко беа оштетени од руски ракетен напад. Иако експонатите беа преместени во складиште на почетокот на војната, температурните флуктуации предизвикани од оштетувањето на зградата и прекините на електричната енергија поради постојаното руско гранатирање на енергетската инфраструктура на Украина влијаеа на уметничките дела.

Од почетокот на војната, ние, како и другите музеи, сме загрижени за тоа како можеме да ги поддржиме нашите украински колеги. Есента, соочени со влошувањето на конфликтот, решивме да го направиме ова спасување, рече директорката на музејот Лувр, Лоренс де Кар, во коментар за новинската агенција АФП.

Таа, исто така, истакна дека Лувр:

Е особено загрижен за ризикот од кражба и незаконско ракување што би можело да влијае на уметничките дела и моштите доколку останат во Украина.

Како што пишува украинскиот сајт за проверка на факти Stopfake.org, од 24 февруари 2022 година до 15 мај 2023 година, во регистарот на Министерството за култура на Украина се регистрирани 623 културни објекти на Украина оштетени или уништени како резултат на руската воена агресија. Од нив 80 се од национално значење, 484 од локално значење, а 59 се штотуку откриени. Аналитичарите веруваат дека Русија украла повеќе од 15.000 предмети од украинската ликовна уметност и артефакти во текот на војната.

Украина ја обвини Русија за кршење на Хашката конвенција од 1954 година за заштита на културните добра во случај на вооружен конфликт, усвоена по Втората светска војна. На страните што ја потпишаа (Украина и Русија) им се забранува „секаква форма на кражба“ на културните вредности.

Според сите наведени информации, оценуваме дека не е вистинито тврдењето дека Западот ги ограбува историските богатства на Украина.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција