Не се набавени 250 еколошки автобуси

Фото: Официјален ФБ профил на Данела Арсовска

Ветувањето на  градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска за набавка на нови 250 еколошки автобуси досега (03.10.2022) е неисполнето. Ова ветување на Арсовска е меѓу приоритените проекти во нејзината изборна програма, „За модерно Скопје“, стр. 12 со којашто излезе на локалните избори во 2021 година. Наспроти нејзините најави досега не се набавени еколошки автобуси, а онака како што стојат работите тоа нема да се случи ниту до крајот на годината. Градот е презадолжен и во буџетот за 2022 година не се предвидени пари за оваа намена

Ветување: 250 нови еколошки автобуси

Заради намалување на загадувањето во главниот град, предвидуваме транзиција кон целосно еколошки јавен транспорт. Нашата цел е поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина. Во соработка со централната власт и меѓународни партнери, се обврзуваме на промена на автобуската флота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси.

 [Извор: Изборна програма на Данела Арсовска – „За модерно Скопје“(стр.12);  датум: октомври 2021 г. ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска за набавка на нови 250 еколошки автобуси досега (03.10.2022) е неисполнето. Ова ветување на Арсовска  е меѓу приоритените проекти во нејзината изборна програма, „За модерно Скопје“, стр. 12 со којашто излезе на  локалните избори во 2021 година.

Фото: Принтскрин изборна програма на Данела Арсовска – „За модерно Скопје“

Арсовска вети набавка на нови еколошки автобуси и на невообичаена прес- конференција пред вториот круг од локалните избори. По 30 минутно возење во автобус низ Скопје таа рече дека на скопјани им е доста од половични решенија и се обврза на итно решавање на нивните проблеми.

Непоходно е Скопје да добие бесплатен јавен превоз и нови еко автобуси. Тоа е најбрзото и најсигурно решение за јавниот превоз во Скопје за разлика од БРТ проектот кој значи дополнителни инфраструктурни проекти и со тоа реализацијата ќе трае со години. Не ни треба решение за само дел од Скопје, бидејќи решенијата мора да се однесуваат на сите делови на Скопје, изјави Арсовска, по возењето во градски автобус низ улиците на Скопје.

Сепак, наспроти нејзините најави досега не се набавени еколошки автобуси, а онака како што стојат работите тоа нема да се случи ниту до крајот на годината. Градот е презадолжен и во буџетот за 2022 година не се предвидени пари за оваа намена.  Во врска со ова ветување од Градот уште пролетта кажаа дека годинава не можат да се набават автобусите бидејќи наследиле многу долгови кои треба да се платат од градската каса.

Набавката на 250 еколошки автобуси е дел од четиригодишната програма на Град Скопје. Од буџетот во 2022 голем дел од финансиските средства наменети се за плаќање на милионските долговите наследени од претходното раководство на Градот, како и на повеќегодишни договори кои претходното раководство ги случило надвор од својот мандат. Овие долгови мора да се исплаќаат со средствата кои Град Скопје ги има на располагање од буџетот од оваа и следните години, објаснија градските власти.

Токму поради неисполнување на ова нејзино изборно ветување, опозицијата во повеќе наврати ја критикуваше Арсовска. Опозиционерите велат дека постапката за набавка на нови автобуси трае најмалку година и половина, со оглед на тоа дека прво се распишува тендер за избор на најповолен понудувач што трае неколку месеци, а потоа до една година е рокот за испорака на возилата. Според нив, со оглед на долгата процедура очигледно е дека граѓаните на  Скопје нема да се возат во нови 250 еколошки автобуси и во наредната 2023 година.

Арсовска, пак, во своите настапи уврува дека скопјани ќе добијат еколошки автобуси.

Средства во буџетот моментно нема, градот е задолжен скоро 160 милиони евра, но тоа не значи дека нема да набавиме електрични автобуси. Ќе има 250 еко автобуси. Тоа е амбициозна програма, но е и мој фокус и ќе нè стави на мапата на чисти, еколошки градови. Има донатори и квалитетни фондови за оние што сакаат да се придвижат кон зелената транзиција, кажа градоначалничката во едно телевизиско гостување.

Плановите на Арсовска досега не се остварија, во оваа прва година од нејзиниот мандат постапката за набавка на еколошки автобуси не е ниту отпочната.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција