Нема докази дека мистериозна инјекција е одговорна за смртноста во старските домови во Англија
Причините за огромната смртност во старските домови се комплексни и системски, а самото тоа што овие лица сместени во старските домови се во поодмината возраст, имаат коморбидитети ги прави најранливи да бидат жртви на ковид. Ако се погледне Извештајот на „Амнести Интернешнал“, кон овие фактори придонела и недоволно соодветниот одговор на здравтвениот систем соочен со недостиг на тестови и заштитна опрема. Ниту еден официјален или неофицијален извор не посочува ,,мистериозна инјекција” како причинител на смртта на лицата во старските домови во Англија
Причините за големата смртност во старските домови во Англија се комплексни и системски, а самото тоа што овие лица сместени во старските домови се во поодмината возраст, имаат коморбидитети ги прави најранливи да бидат жртви на ковид. Ако се погледне Извештајот на „Амнести Интернешнал“, кон овие фактори придонела и недоволно соодветниот одговор на здравствениот систем соочен со недостиг на тестови и заштитна опрема. Ниту еден официјален или неофицијален извор не посочува ,,мистериозна инјекција” како причинител на смртта на лицата во старските домови во Англија
На 20 ноември 2021 година, пред Собранието на Република Северна Македонија, беше организиран протест на кој присуствуваа граѓани кои се противат на предложените мерки од Комисијата за заразни болести до Владата, невакцинираните административци да мора да го докажат својот ковид статус пред влез на работното место, или преку негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа, или ќе приложат потврда за прележан Ковид 19, не постар од 45 дена или со вакцинален сертификат за примена најмалку една доза вакцина. Во текот на вечерта, повеќе говорници зборуваа пред Собранието, а една од говорничките, пејачката Тања Царовска рече дека во Англија, на почетокот на ковид пандемијата во април 2020 година, сите луѓе кои починале во старските домови, починале затоа што им била дадена ,,инјекција”.
Нејзината информација Царовска ја темелеше на тоа што ѝ го кажала некоја ,,негувателка во Англија”.
На сам почеток на ова зло, кога локдаун ни направија во цела Англија, јас случајно се најдов со едно медицинско лице кое работеше во старски дом таму и објаснуваше дека им се назначени протоколи, дека постојано менуваат ракавици и маски. Ова беше во април 2020 година кога почнаа локдауните. Ми рече дека работи како негувателка во старски дом. Ја прашав навистина ли толку многу луѓе умираат. Ми кажа да, дека им умреле скоро половина од сениорите во домот и им кажале да се спремат и сите да ги изгубат. Велам како е можно тоа да ви го кажат однапред. Како се разболуваат? Таа рече, ќе пројават некој симптом, кашлица и на сите им ставаат инјекција. И од таа иста инјекција која на сите им ја ставаат, ниеден не преживеа, рече Царовска.
Но, ваква мистериозна инјекција, не е причина за смртта на голем број на починати во старските домови во Англија на почетокот на пандемијата со ковид во 2020 година. Кога ќе се погледне Извештајот на „Амнести интернешнал“ од 2020 година, кој се однесува токму на третманот на старите лица во старските домови во периодот на почетокот на ковид пандемијата, евидентирани се други причини за високата смртност.
Според наведеното во извештајот меѓу 2 март и 12 јуни 2020 година, 28.186 прекумерни смртни случаи биле регистрирани во домовите за грижа во Англија, со потврдени 18.500 починати од ковид и сместени во овие домови во посочениот период. За „Амнести Интернешнал“, менаџерите на старските домови опишале комплетно распаѓање на системот за одговор, во првите шест недели од пандемијата. Чекале да добијат насоки за постапување, немале пристап до доволно тестови и покрај тоа што морале да ги примаат во старските домови пациентите отпуштени од болниците, за кои не се знаело кој е позитивен, а кој негативен на ковид. Најшокантно, се тврди во извештајот на „Амнести Интернешнал“, на 17 март, само 4 дена по прогласувањето на пандемијата како глобална од страна на СЗО, владата наредила да се отпуштат 25 илјади пациенти од болниците и да се префрлат во старските домови, вклучително и тие што биле инфицирани или можно инфицирани со ковид 19.
На 2 април истиот ден кога СЗО потврди дека постојат и претсимптоматски случаи на ковид 19 (пациентот може да има ковид неколку дена пред да развие симптоми), владата го зацементира својот став, дека не се потребни негативни тестови за да се направи трансфер на пациентот од болница во старски дом. Неколку менаџери на старски домови за Амнести Интернешнал рекоа дека немале ковид 19 во установите додека не примиле пациенти отпуштени од болница. Менаџерот на старскиот дом во Јоркшир рекол дека поради тоа што го посведочиле како искуство во Шпанија и во Италија, престанале да дозволуваат посети на 28 февруари и набавиле заштитна опрема. Според него, немале позитивни случаи до 28 март, кога пациент бил префрлен во старскиот дом од болница, а имал ковид 19, стои во Извештајот на „Амнести Интернешнал“.
Според организацијата, овие и други одлуки на владата довеле до злоупотреби на човековите права на старите лица во старските домови за време на пандемијата, особено нивното право на живот, здравје и недискриминација.
Владата донесе серија шокантно неодговорни мерки кои ги оставија сместените во старски домови да умрат. Страшната стапка на смртност можеше комплетно да се избегне, но е скандал од монументални пропорции”, изјави Кејт Ален, директор на Амнести Интернешнал во Обединетото Кралство. Таа додава дека пациентите од болниците биле пуштени без да бидат тестирани, па така илјадници стари луѓе биле испратени во старски домови на голем ризик и за нивното и за здравјето на другите сместени таму, како и за персоналот кој се грижел за нив, се вели во Извештајот.
Официјалните бројки за приеми во болница кои се стари лица од старски домови, за пандемијата во Британија, според „Амнести Интернешнал“ се намалил за 11.800 во март и април месец 2020 година, споредено со претходните години.
Амнести прими повеќе извештаи од земјата, дека лекари одбивале да влезат во старските домови и само биле достапни за консултации преку телефон или видеоврска, без разлика какви биле симптомите на старите лица, наведуваат оттаму.
Дури на 6 јули сите старски домови за лица над 65 години добиле редовно тестирање за старите лица. Во Извештајот се споменуваат и проблеми за тоа дека не било можно да се набави заштитна опрема за тие што работеле во старските домови.
Од почетокот на ковид пандемијата до сега, во Англија и Велс има 173.974 смртни случаи на резинденти во старски домови било тоа да се случило во самиот дом или на друго место (од 17 март 2020 година до 12 септември 2020 година траел првиот бран). Тоа е зголемување од 19.5 проценти споредено со петгодишниот просек. Од овие смртни случаи, 43.341 биле од ковид, пишува канцеларијата за национална статистика на Обединетото Кралство.
Како можни причини за смртноста оттаму ги наведуваат одложениот пристап до згрижувачки услуги и тестови во првиот бран, немањето вакцини. Главна причина за смртноста во првиот бран од 17 март до 12 септември 2020 година бил ковид кај мажите сместени во старски домови, а за жените биле деменција и алцхајмерова болест.
Деменција и Алцхајмер беа најчестите коморбидитети меѓу починатите од ковид, било да се мажи или жени, велат оттаму.
На следната табела од Канцеларијата за национална статистика на Обединетото Кралство, претставени се смртните случаи по недели од 20 март 2020 до април 2021 година. Со темно сина боја се означени смртните случаи кои вклучуваат ковид како дијагноза.
Според официјалната канцеларија за статистика на Обединетото Кралство повисокиот број на прекумерна смртност во првиот бран може да е поради одложен пристап до здравствени услуги, недостиг на заштитна опрема на почетокот на пандемијата, недостапност на рапид тестови, немање вакцини на почетокот на пандемијата.
Во првиот бран од март до септември 2020 година, мажите во старските домови на возраст меѓу 75 и 79 години, имале највисока стапка на смртност во која била вклучена ковид 19. И жените на возраст од 75 до 79 години имале највисока стапка на смртност во овој бран. Дури 86 проценти од тие кои починале со ковид, имале барем еден коморбидитет, меѓу кои најчести биле деменција и Алцхајмерова болест.
Од сите горенаведени податоци, јасно е дека причините за огромната смрност во старските домови се комплексни и системски, а самото тоа што овие лица сместени во старските домови се во поодмината возраст, имаат коморбидитети ги прави најранливи да бидат жртви на ковид. Ако се погледне извештајот на Амнести Интернешнал, кон овие фактори придонела и недоволно соодветниот одговор на здравтвениот систем соочен со недостиг на тестови и заштитна опрема. Ниту еден официјален или неофицијален извор не посочува ,,мистериозна инјекција” како причинител на смртта на лицата во старските домови во Англија. Оценуваме дека нема докази дека мистериозна инјекција е одговорна за смртта на старите лица во старските домови во Англија.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар