Нема никаква сличност меѓу нацистичкото знаме и знамето на ЛГБТ заедницата

Фото: скриншот од дел од објавата

Нема никаква поврзаност ниту сличност меѓу нацистичкото знаме и знамето на ЛГБТ заедницата. Контекстите, причините и временските периоди во кои двете знамиња се појавуваат, како и нивниот изглед се комплетно различни и неспоредливи.

Нема никаква поврзаност ниту сличност меѓу нацистичкото знаме и знамето на ЛГБТ заедницата. Контекстите, причините и временските периоди во кои двете знамиња се појавуваат, како и нивниот изглед се комплетно различни и неспоредливи

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделуваат две фотографии. Првата е црно бела фотографија со нацистички знамиња, а втората фотографија во боја на која се гледаат ЛГБТ знамиња. Во описот на објавата се вели:

Единствената разлика е што едните (знамиња н.з.) се во боја.

Што и да сакал да каже авторот на објавата, таа е невистина. Свастиката прикажана на црно белата фотографија е антички симбол, кој бил користен во многу различни култури, барем 5 илјади години пред Адолф Хитлер да го претвори во централен знак на нацистичкото знаме. Неговата денешна употреба од страна на одредени екстремистички групи, промовира омраза. Зборот свастика доаѓа од санскритскиот јазик и значи добра среќа или добробит. Мотивот на кукастиот крст се чини дека првпат се користел во Евроазија, пред 7 илјади години, веројатно означувајќи го движењето на сонцето на небото. До ден денешен овој симбол може да се види во будизмот, хиндуизмот. Може да се најде на куќи и светилишта во Индија или Индонезија. Свастиката, исто така, има античка историја во Европа, појавувајќи се на артефакти.

Симболот повторно се појавува во модерна Европа во 19 век, како резултат на растечкиот европски интерес во античките цивилизации на Индија и Блискиот Исток. За време на ископувања, германскиот археолог Хејнрих Шлиман открил кукаст крст на локацијата на античка Троја. Го поврзал со слични форми пронајдени на глинести садови во Германија и шпекулирал дека ова е значаен религиозен симбол на предците.

На почетокот од 20 век, свастиката била широко употребувана во Европа. Имала бројни значења, но најчестото било тоа дека е симбол на среќа.

Сето тоа се менува кога свастиката станува нацистички симбол. Работата на европските јазичари и други интелектуалци, е преземена од страна на расистички групи, за кои свастиката е симбол на ариевски идентитет. Нацистичката партија формално ја присвојува свастиката како нејзин симбол во 1920 година. Како симбол, тогаш таа станува поврзана со идејата за расно чиста држава. Додека Нацистите добијат контрола врз Германија, конотацијата на свастиката засекогаш се менува. Во „Мојата Борба“ Адолф Хитлер напишал:

Јас, самиот, во меѓувреме, после бројни обиди, оформив финална форма, знаме со црвена позадина, бел диск и црна свастика во средината. После долги проби, најдов дефинитивна пропорција меѓу големината на знамето на белиот диск како и формата и дебелината на свастиката.

Така, свастиката станува најпрепознатливиот симбол на нацистичката пропаганда, појавувајќи се на знамето на изборни постери, на траки кои се носеле на рацете, медали, беџови за војската и други организации. Симболот требало да предизвика гордост меѓу ариевците, но за Евреите е терор, како и за другите жртви во тогашна нацистичка Германија. Во различни временски периоди во разни држави свастиката станува контроверзен знак. Некои групи моторџии во САД во 1950 тите носеле знаци со свастика за да прикажат бунтовничка природа. Во доцните 1970 ти, панк рок изведувачи отворено ја прикажуваат свастиката како симбол на младешка бунтовност против статус квото. Некогаш, нацистичките симболи имаат неутрални конотации во земји каде се нема никаква поврзаност со историјата на нацистичката идеологија и масовните истребувања. 

 

Како разнобојното знаме стана знаме на ЛГБТ заедницата?

Во 1978 година артистот Џилберт Бејкер, геј маж го дизајнирал првото знаме со виножито, поттикнат од Харви Милк, еден од првите избрани геј политичари во САД, за да креира симбол на гордост за заедницата. Бејкер изјавил дека „нашата работа како геј лица е да излеземе, да бидеме видливи, да живееме во вистината, да излеземе од лагата. Знамето одговара на таа мисија, зашто е начин на кој ја прокламирате вашата видливост и објаснувате кој сте.

Бејкер го видел виножитото на небото, присвоил 8 бои за лентите, секоја со свое сопствено значење, жарко розова за секс, црвена за живот, портокалова за исцелување, жолта за сончеви зраци, зелена за природа, тиркизна за уметност, индиго за хармонија и виолетова за дух. Првите верзии на ова знаме се од 25 јуни 1978 година за парадата на гордоста во Сан Франциско. Бејкер и тим волонтери, рачно ги изработиле и сакале масовно да ги продуцираат за да им бидат достапни на сите. Но, поради проблеми во производството, розовата и тиркизната лента биле отстранети, а индиго бојата била заменета со вообичаена сина што резултира со современото знаме со шест ленти (црвена, портокалова, жолта, зелена, сина и виолетова). Денеска ова е најчестата варијанта на знамето. Денеска знамето е интернационален симбол на ЛГБТ заедницата.

Како што може да се види нема никаква поврзаност ниту сличност меѓу нацистичкото знаме и знамето на ЛГБТ заедницата, ниту пак заедниците кои се иднетификувале со овие знамиња. Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција