Нема прскање со отрови од небото и облаци креирани од ХААРП

Фото: Txemi LópezPixabay

Во објавата се повторува познатата теорија на заговор дебанкирана од научната заедница и од  самите научници во ХААРП програмата. Не е точно дека нè прскаат од авиони со хемикалии, ниту пак, дека ХААРП има можност да креира временски услови. Исто така, трагите што авионите ги оставаат зад себе, се поради кондензација, а не поради тоа што содржат отрови за запрашување на населението

Во објавата се повторува познатата теорија на заговор дебанкирана од научната заедница и од самите научници во ХААРП програмата. Не е точно дека нè прскаат од авиони со хемикалии, ниту пак, дека ХААРП има можност да креира временски услови. Исто така, трагите што авионите ги оставаат зад себе, се поради кондензација, а не поради тоа што содржат отрови за запрашување на населението

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која е презентирана фотографија од облак над планина и пишува:

Оваа слика е направена денес кај нашиот јужен сосед, а се однесува за сите оние кои заборавија што значи чисто непрскано небо, чист воздух и нормални облаци наспрема ХААРП, кемтрејлите и отровите над нашите глави. 

Објавата има над 50 допаѓања и девет коментари и со неа се алудира дека на небото во Северна Македонија има невообичаени облаци поради ХААРП, отрови и кемтрејлс, со што уште еднаш се промовира долгогодишната теорија на заговор дека „неименувани организирани структури имаат за цел да прскаат отрови од небото, дека линиите што авионите ги оставаат зад себе не се вообичаени емисии туку начин да се труе населението и дека ХААРП има поврзаност со појава на невообичаени облаци“.

Тврдењето дека некакви облаци се формираат со ХААРП, е невистина. Без разлика на тоа какви се облаците на небото, тие не се формирани од високофреквентната активна истражувачка програма на поларна светлина (ХААРП) која е проект на различни партнери меѓу кои индустријата, американското Министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците формираа лабораторија на Алјаска каде инсталираа 180 високофреквентни антени кои заедно може да емитуваат радиобранови што им овозможува на чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси што се одвиваат во појасот. Значи, функцијата на ХААРП не е креирање на облаци.

ХААРП не произведува вода во атмосферата, ниту пак, има интеракција со постоечките облаци, така што не може да биде причинител за облаците на фотографијата споделена во објавата. ХААРП не може да го контролира времето, ниту да има интеракција со облаците. Радиобрановите кои ги трансмитира ХААРП не се апсорбираат ниту во тропосферата, ниту во стратосферата, а тоа се двете нивоа на атмосферата каде што се создаваат временските услови.

Што се однесува на изнесеното во објавата што ја рецензираме дека од небото нè прскаат, научната заедница од петни жили се труди да им објасни на луѓето ширум светот дека тоа е невистина и е неможно. За да докаже дека оваа теорија на заговор е неточна и ги измамува луѓето, Форбс објави студија, според која 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Дополнително и професори ширум светот се среќаваат со теоретичарите на заговори за да ги вкрстат аргументите и да докажат дека ова не е возможно сценарио, меѓу другото и поради тоа што огромни тајни во проекти кои би вклучувале огромен број на луѓе, не може да се зачуваат. Така, Дејвид Кит од Универзитетот Калгари, се сретнал со луѓе загрижени дека постои прскање од авиони, односно кемтрејлс. Видеото од неговата посета, којашто била снимена, може да се најде на следниот линк . Самиот професор ги упатува лицата кои имаат сомнежи дека кемтрејлс постојат, да го погледнат видеото.

Тој вели:

Ако верувате во кемтрејлс, запрашајте се како може да сте толку сигурни дека има навистина некаква голема теорија на заговор. Имајте предвид алтернативни, едноставни објаснувања. Запомнете дека интернетот е исполнет со луѓе кои се апсолутно сигурни за работи кои не се вистина. Запомнете дека владите може да чуваат тајни коишто вклучуваат само неколку луѓе, но многу се невешти кога треба да чуваат голема програмска тајна. Ако мислите дека контрејлс од авионите изгледаат различно или се чудни, имајте предвид дека авионските кондензациски траги некогаш траат подолго време и начинот на кој изгледат може ненадејно да се промени бидејќи авионите летат низ различни температури и влажност. Ова е многу добро разбрано и демонстрирано од опсервации и научни докази спроведени од илјадници луѓе низ многу децении.

Во екот на ковид пандемијата, оваа теорија на заговор со наводно прскање отрови од небото преку авиони, беше злоупотребувана и за да се дезинформираат граѓаните дека ковид не е вирус, туку дека е последица на тие отрови.

Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират на неколку километри. Тие се викаат контрејлс, а теоретичарите на заговори ги викаат кемтрејлс за да алудираат дека во нив има хемикалии.

Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови и се особено видливи на ведро и сончево небо.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Овој напис е дел од заеднички проект на над 50 организации под водство на Европската мрежа за стандари при проверката на факти за справување со дезинформациите околу европските избори во 2024 година. Повеќе можете да дознаете на elections24.efcsn.com

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција